Тие ја наоѓаат вистинската среќа во „рајот“
РАЈ! Кога луѓето ќе помислат на Хаваите, на ум често им доаѓа овој збор — и тоа не без причини. Ова место изобилува со умерена клима, сино небо, палмови дрвја што се лелеат, освежителни ветриња и песочни плажи — нешта кои многумина можеби ги сметаат за рајски.
Овие одлики привлекле многу луѓе од најразлични краеви. Дошле од Азија, Пацификот, Америките, па дури и од такви места како што се Карипските Острови и Европа. Многумина се преселиле овде поради благата клима што владее преку целата година. Други дошле барајќи економска сигурност и — се разбира — среќа. Резултатот од тоа е вистинска кошница од националности и етнички групи, со шарена разноликост од култури и религиозни идеи.
Но, тука е и опачината на сликата. Како и многу други прекрасни места на Земјата, и Хаваите се погодени од криминал, дрога, деликвенција, загадување и многу други проблеми што му се нафрлуваат на човечкото семејство, без разлика кој каде живее. Поради човечката небрежност и себичност, Хавајските Острови постепено се лишувани од нивната природна убавина. Луѓето сакаат рај, но не сите кои живеат овде придонесуваат да ги претворат или барем ги зачуваат овие острови како такви. За да се создаде рај, потребно е нешто повеќе отколку само убав пејзаж и пријатна клима.
Меѓутоа, овде постои една растечка група луѓе кои живеат тука и кои се радуваат на вистинска среќа во оваа рајска околина. Тоа се поединци што ја прифатиле библиската вистина и го зеле при срце Божјето величествено ветување: „Јас создавам ново небо и нова земја, а поранешните нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат“. Овие луѓе среќно гледаат во пресрет на иднината, имајќи ги на ум следниве зборови од апостол Петар: „Ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (Исаија 65:17; 2. Петрово 3:13). Кои се тие луѓе? Како научиле за прекрасната надеж што е изнесена во Библијата? И какви промени биле направени во нивните животи?
Победен стравот од смртта
Изабел и нејзиниот сопруг, Џорџ, се од филипинско потекло. Таа била воспитана да ја следи римокатоличката религија на своите родители, иако никогаш не ни ѕирнала во Библијата. Изабел била поучувана дека човечката душа е бесмртна. Како реагирала на оваа лажна наука? Па, се грозела од помислата да умре, зашто во глава ѝ се вртела мислата дека засекогаш ќе биде жива закопана во мртовечки сандак, а нејзината душа не ќе може да излезе. Но, во септември 1973, Изабел почнала да ја проучува Библијата со Јеховини сведоци. Кога научила дека човечката душа не е бесмртна и дека Бог ќе ја укине смртта преку воскресението, била пресреќна и чувствувала дека големо олеснување (Језекиил 18:4, 20; Јован 5:28, 29). Библиската вистина оставила толкав впечаток кај неа, што брзо напредувала.
А што е со Џорџ? И тој бил присутен за време на библиските дискусии, но само со намера да докаже дека Јеховините сведоци не се во право. Меѓутоа, не можел да најде ништо погрешно во она за што тој и неговата сопруга биле поучувани. Всушност, набрзо откако почнале да проучуваат, се појавила темата за крвта. До тоа време Џорџ сакал да јаде храна приготвена со крв. Но кога видел дека Библијата отворено го осудува јадењето крв, престанал со тоа (1. Мојсеева 9:3, 4; 3. Мојсеева 17:10-12; Дела на св. апостоли 15:28, 29). Продолжил да учествува во библиската студија и бил восхитен што најпосле ја пронашол вистината. Денес, Џорџ и Изабел и нивните четири деца уживаат вистинска среќа живеејќи според Божјите мерила.
Привлечени од вистинското христијанство
Еден Јапонец по име Џорџ и неговата сопруга Португалка, Лилијан, се во своите 60-ти. Обајцата биле родени и одраснале на Хаваите. Бидејќи не добил никаква религиозна поука од своите родители, никогаш не ја сфаќал религијата сериозно. Сепак, секогаш верувал во Бог. Од друга страна, родителите на Лилијан ја воспитале во нивната религија како римокатолик.
Иако Џорџ не бил страстен читател на Библијата, околу 30 години читал Стражарска кула и Разбудете се! Така научил доста за Библијата. Но, бидејќи бил тежок пушач и пијаница, му било тешко да прави промени во животот. Со текот на годините, Џорџ продолжил да ги чита списанијата и повремено ги посетувал христијанските состаноци во Царската сала. Зошто? Затоа што, како што се изразил, „останатите религии се толку лицемерни“ и простуваат многу лоши работи што се осудени во Библијата. Можел да види дека Јеховините сведоци се поинакви.
Што ја привлекло Џорџовата лојална жена, Лилијан, кон вистината од Божјата Реч, иако била под силно влијание на религијата на своите родители? Нејзината телесна сестра ја поканила на состаноците во Царската сала. „Уживав во радосната семејна атмосфера и љубезните насмевки“, се сеќава Лилијан. Искрената љубов што ја видела меѓу Јеховиниот народ, ја уверила дека тоа е вистината (Јован 13:34, 35). Прифатила библиска студија, на крајот го предала својот живот на Јехова Бог и била крстена неколку месеци по крштението на нејзиниот маж.
Џорџ повеќе не пуши и не се опива, а Лилијан ги отфрлила сите свои религиозни идоли. Со срца полни со љубов тие го споделуваат со другите она што го научиле, вклучувајќи ги и нивните 25 внуци и 4 правнуци. Само погледни ги нивните лица и види колку Џорџ и Лилијан се среќни!
Најпосле мир и среќа
Патрик, средновечен Ирец, и неговата еврејска сопруга, Нина, се преселиле на Хаваите од југозападниот дел на САД. Претходно воделе таканаречен слободен животен стил со дрога, религиозно експериментирање и лабав морал. Исто така, поминале многу години како членови на еден култ, стремејќи се да постигнат повисока свест со помош на дрога, медитации и со нивниот приватен гуру. Со текот на времето, Патрик бил сит од љубомората, расправиите и постојаните кавги помеѓу членовите на култот кои тврделе дека постигнале ‚повисоко ниво на свест‘. Ја напуштил групата и се вратил на Хаваи, кадешто живеел некогаш, надевајќи се дека ќе најде душевен мир. Потоа, Патрик ја убедил Нина, тогаш негова девојка, да го посети. На крајот се венчале и се населиле на Хаваи.
Патрик и Нина не ни претчувствувале дека нивното трагање по мир и среќа конечно ќе доведе до студија на Библијата со Јеховините сведоци. Иако сиот свој живот била убеден атеист, Нина почнала да наоѓа задоволувачки одговори на такви загадочни прашања како: зошто постои злото и зошто им се случуваат лоши работи на добрите луѓе. Патриковото десетгодишно трагање по вистината имало сличен среќен исход. Набрзо, она што тој и Нина го научиле од Библијата почнало да го менува нивното морално гледиште. По долга и тешка борба Патрик бил во состојба да ја надвладее својата длабоко вкоренета склоност кон тутунот. Веќе цела деценија тој и неговата сопруга водат чист, морален живот според Божјите мерила. Со чисти срца и мирна совест уживаат во мирот по којшто трагале.
Жртви и награди
„Потрудете се [Силно напрегајте се, NW] да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат“ (Лука 13:24). Овие Исусови зборови јасно покажуваат дека не е лесно да се служи на Бог и да се живее по библиските мерила. Секој кој сака да го прави тоа мора, не само да вложи потребен напор, туку и да ги направи потребните жртви. Тоа сигурно било случај со поединците кои беа споменати во овој извештај. Но колку прекрасно биле наградени!
Земи ги за пример штотуку споменатите Патрик и Нина. Тие направиле очевидни промени од животен стил во кој заработувале големи пари, до полновремена христијанска служба и работа со скратено работно време. Сепак, уверени се дека духовните добивки надминуваат било какви материјални жртви коишто ги направиле. И навистина се среќни.
Поради нивната возраст, кај Џорџ и Лилијан промените не биле така лесни. Учествувањето на хрстијанските состаноци и во службата бара време, внимание и физички напор. Меѓутоа, на нивна голема радост, нивното здравје се подобрило и животот што сега го водат, може дури да се опише како витален, исполнет и среќен.
Што се однесува до Џорџ и Изабел, нивниот најголем предизвик е да ги оспособат своите деца и да им помогнат на патот кој води во живот. Потребно е многу време и напор за да се подготват четворица млади за христијанските состаноци или да одат во христијанска служба. Едно време постојаниот притисок ги присилил Џорџ и Изабел да попуштат во нивните родителски одговорности. Но едно библиско предавање со наслов „Обнови го духот на самопожртвуваност“, ги поттикнало да ги засилат своите напори за на своите четири деца да им го посветат сето потребно внимание и воспитание и ‚да ги воспитуваат во стега и Јеховино насочување на мислите‘. Излишно е да се каже дека таквите напори биле богато наградени (Ефесјаните 6:4, NW).
Убавиот пејзаж, пријатната клима или угодното животно темпо не е тоа што им донесува вистинска среќа на овие и на многу други поединци. Напротив, тоа е спознанието дека ги употребуваат своите животи според Божјата волја и дека живеат по мерилата на неговата Реч, Библијата (Проповедник 12:13). Освен тоа, од нивните срца извира вистинска среќа додека размислуваат за радосното време кога по целата Земја ќе биде обновен земски рај (Лука 23:43, NW).
[Слика на страница 25]
Џорџ, Изабел и нивните деца наоѓаат задоволство во читањето на Библијата
[Слика на страница 26]
Џорџ и Лилијан наоѓаат среќа во христијанската служба
[Слика на страница 27]
Патрик и Нина уживаат вистински мир во Јеховината служба