Проповедање во Мапуто — занимливиот главен град на Мозамбик!
Во 1991, Јеховините сведоци добија законско признание во Мозамбик. Оттогаш проповедањето на добрата вест за Божјето Царство спектакуларно напредува во оваа тропска земја на југоисточниот брег на Африка. Следува извештај за тоа како Јеховините сведоци го спроведуваат библиското образовно дело во Мозамбик, особено околу Мапуто, главниот град.
ПОД влијание на топлиот Индиски океан, Мозамбик има блага клима. Извонредни плажи накитени со палми и корални гребени изобилуваат долж брегот. Огромен залив со опколени води лежи на југот на земјата — идеална локација за неговиот главен град, Мапуто.
Меѓутоа, убавината и смиреноста на оваа земја се коси со насилството на нејзината историја. Со векови се борела против туѓа доминација, прво против арапската, а потоа против португалската. Овие вториве дошле со благослов од католичката црква за да ги опљачкаат нејзините богатства — слонова коска, злато и робови. Конечно, после многу векови колонијално угнетување, избила жестока внатрешна борба која довела до независност во 1975. За жал, промената не го направила животот посигурен зашто земјата се вплеткала во граѓанска војна која довела до многу страдања за народот, особено за невиното селско население.
Мапуто, главниот град
Во последната деценија, илјадници Мозамбиканци побегнале во релативната сигурност на гратчињата и градовите. Тоа особено е забележително во Мапуто кајшто мешавината од необичната португалска архитектура и шареноликата Африка, му даваат на градот живописна атмосфера. Ако денес се прошеташ по широките авении со дрвореди на Мапуто, првото што ќе ти падне в очи се толпите луѓе кои забрзано си ги вршат секојдневните работи. Но, постои една разлика. „И покрај натрупаноста и потешкотиите на секојдневниот живот, луѓето секогаш се насмеани“, забележува Родриго, мисионер во Мапуто. „Ретко можеш да најдеш непристојни луѓе!“ Да, Мозамбиканците се познати како спонтан и пријателски народ.
Се разбира, како што е случај во поголемиот дел на Африка, најпогодното место да се сретнеш со луѓето е месниот пазар. За да дојдеш таму можеш да се возиш на Чапа 100 што е локално име за многуте превозни камиони кои се користат како јавен превоз. Како што е вообичаено, повеќето луѓе се држат за надворешниот дел на камионот отколку за внатрешниот. Изгледа подобро е човек да оди пеш.
Мозамбиканците се неизлечиви претприемачи. Еден посетител во Мапуто не може а да не забележи како многумина од нив се вработуваат така што поставуваат малечки тезги на тротоарите и на аглите од улиците. Сакаш да купиш тазе овошје, зеленчук, тревки или зачини? Има доволно за сите. А можеби жива кокошка, индиски ореви, или трска за да си ја изградиш куќата? Ништо не е тешко, и сѐ се прави со еден пријателски дух. Достапни се и услугите како што е полирање на чевли или миење на автомобил. Со помош на врела железна плоча и пластична лента, младо момче дури и ќе ти ги обвие твоите вредни докумнети.
Всушност не е сета улична трговија строго легална. Но и онака се одвива. Незаконските торбари се нарекуваат думба ненге, што значи „имај доверба во своите нозе“. Тоа е сигурно така поради тоа што кога властите доаѓаат да контролираат, брзите нозе се важни за опстанокот на нивниот сомнителен бизнис.
Судејќи по мирисот, сигурно сме близу до пазарот за риби! Секој ден доцна попладнето, по плажите на Коста де Сол, рибарските чамци се опколени со возбудлива активност кога го донесуваат својот дневен лов. Покрај риби од секаков облик и големина, има раковици, морски ракови и се разбира, познатите мозамбички морски ракчиња. Меѓутоа, можеби си заинтересиран за еден друг вид лов кој се одвива во и околу Мапуто.
„Рибари на луѓе“
Откако добија законско признание во Мозамбик, Јеховините сведоци наидуваат на одлична реакција во јавноста. Еден човек го изразил своето ценење со зборовите: „На улиците во Лондон сум видел многу како вас. Всушност, секаде каде што сум бил, сум видел Јеховини сведоци. А сега драго ми што и овде ве гледам“.
Ако прифаќањето на Библии и библиски темелената литература на португалски и тонган, месните јазици, е некаков показател, тогаш ова е навистина еден духовно настроен народ. Паула, една друга мисионерка, изјавува дека во обично саботно утро, на базарот, или централниот пазар можно е да се поделат 50 списанија. Книгата Младите прашуваат — делотворни одговори (Questions Young People Ask—Answers That Work) станува многу популарна. Многу млади луѓе биле протерани или напуштени како сираци од војната, па ги ценат вредностите и поуките што ги дава оваа книга.
На еден типично слободен африкански начин, големи групи од заинтересирани луѓе се собираат околу мисионерот за да чујат што тој кажува. На таквите собирања на тротоар обично се развиваат живи библиски дискусии. Една сестра раскажува едно возбудливо доживување.
„Во една прилика додека сведочев на улица, се исплашив кога еден воен џип со чкрипење застана близу мене. Еден млад војник им довикна на некои од минувачите: ‚Еј вие таму, кажете ѝ на таа жена да дојде ваму‘. Кога отидов кај него, на неговото лице се појави широка насмевка, и рече: ‚Вие сте добри луѓе. Драго ни е што ве гледаме овде. Ми се чини дека имате книга за младите. И јас би сакал една‘. Му одговорив дека немам, но му ветив дека штом ќе дојде на залиха, ќе му ја донесам“.
Депо со нарачки
За да ги задоволат зголемените потреби од литература, подружницата на Друштвото Стражарска кула во Јужна Африка носи залихи на литература во едно депо во Мапуто на секои две седмици. Мануел, кој е мисионер, се грижи за депото и одговорен е за организирање на распределувањето на литературата.
Едно утро еден средовечен човек влезе и праша за што се користи тоа место. Мануел одговори дека тоа е депо за библиска литература. Човекот излезе, но се врати за една минута.
„Нели рековте дека се тоа библиски книги?“ праша тој.
„Да, така е ”, одговори Мануел.
„А за која организација е тоа?“ праша човекот.
„За Јеховините сведоци“, одговори Мануел и додаде, „Со оваа литература ги снабдуваме нашите месни собранија“.
„А, Јеховини сведоци!“ Лицето му светна. „Толку многу работи ми се допаѓаат кај вас. Но, истовремено, нешто кај вас не ми се допаѓа.“
„Тогаш што ви се допаѓа кај нас?“ тактично праша Мануел.
„Ми се допаѓаат интересните и поучни книги што ги правите“, објасни човекот. „Но, не ми се допаѓа тоа што никогаш не ми е доста од нив. Не можете да поверувате колку ние во Мапуто сме гладни по литература како вашата“. Тогаш извади напишан список со публикации од Друштвото Стражарска кула, вклучувајќи многу поранешни изданија на списанијата Стражарска кула и Разбудете се! што ги пропуштил.
„Овој список го носам со себе“, му кажа на Мануел. „Кога ќе сретнам Јеховини сведоци, настојувам да ги добијам сите публикации што ги имаат. Ако можете да ми помогнете да го добијам ова што го имам на списоков, спремен сум да платам со злато.“
Следеше разговор. Мануел дозна дека човекот за првпат стапил во контакт со Јеховини сведоци во текот на 1950-тите кога ја прочитал книгата Создавање (Creation). Но, бидејќи под португалската власт било забрането, делото на Јеховините сведоци малку напредувало.
Подоцна, кога навратил во канцеларијата на човекот, Мануел забележал дека сите публикации на Стражарска кула што ги имал биле завиткани во пластика и уредно наредени. Мануел можел да му ги даде публикациите кои му требале за да си ја надополни својата колекција и се договорил да води библиска студија со човекот и неговото семејство.
Сето ова духовно садење и вадење почнува да раѓа многу плодови, додека Бог и понатаму ‚прави да израсте‘. Постојат јаки показатели дека жетвата на поединци со исправно наклонети срца во Мозамбик ќе донесе обилен род! (1. Коринтјаните 3:6; Јован 4:36).
Теократски напредок и покрај препреките
Денес, има повеќе од 50 собранија во и околу градот Мапуто. Меѓутоа, не може да се најде ниту една Царска сала на Јеховини сведоци. А зошто? Поради сиромашните економски услови, собранијата не биле во можност да градат, иако некои поседувале земја по неколку години.a
Сепак, таквите препреки не го спречуваат напредокот. Моментално во јужниот дел на Мозамбик се водат преку 5.000 домашни библиски студии. Толку е голема побарувачката за студии што мора да се поставуваат одредени услови. Ако некој побара студија, обично се подразбира дека ќе присуствува на сите собраниски состаноци.
Едно собрание, сместено во еден сиромашен дел, неодамна имаше 189 присутни на состаноците во недела иако има само 71 објавител на добрата вест. Оваа голема група се состанува под отворено небо, во дворот на еден дом. Местото е заградено од видикот на јавноста со брановидна ламарина и со ограда од трска. Пред секој состанок, местото се мете и голем дел од присутните, вклучувјќи и многу возрасни, седат на земјата на ругозина од трска. Со колкава восхитеност ја следат програмата! Бидејќи многу нови немаат примерок на Стражарска кула за да ја следат студијата, учат да внимаваат за време на читањето на пасусите, па повеќето раце се кренати за одговарање на прашањата што ги поставува водителот.
Друго собрание од 59 објавители редовно има преку 140 присутни. Обично се состануваат на отворена тераса. Но, кога врне, собранието се стиснува во двете соби од еден мал стан. Напливот од присутни се истура во претсобјето, кујната и балконот. Повторно, не може а да не се забележи ценењето и внимателноста на секого, вклучувајќи и многу млади, кои сконцентрирано ја следат програмата.
Потенцијалот за пораст во Мозамбик никаде не е толку очигледен како на конгресите. Неодамна беше одржан покраински состанок во старата арена за борби со бикови, во центарот на градот. Можеш ли да го замислиш изненадувањето што го доживеаја приближно 3.000-те објавители кога повеќе од 10.000 беа присутни на програмата?
„Жетвата е голема“
Таквите искуства јасно покажуваат дека во Мозамбик сѐ уште има многу работа. Некои собранија дури неодамна ја имаа својата прва посета на патувачки надгледник испратен од подружницата. Тие ја добиваат многу потребната помош за да ги проследат исправните организациски процедури во собранијата.
Собранијата исто така многу го ценат неодамнешното доаѓање на мисионерите од Гилеад. Франциско, старешина од Мапуто, наведува: „Ова е голем чекор за нас. Ја имавме ревноста. Ја имавме љубовта. Сепак, не бевме во допир со многу организациски работи. Она што нам ни треба е некој со искуство за од прва рака да нѐ научи како треба да се работи. Сега, мошне се радуваме што мисионерите се со нас“.
Што се однесува до мисионерите, драго им е што можат да им служат на браќата. Ханс, на кого неодамна му беше доделен Мозамбик после 20-годишно служење во Бразил, вака се изразува: „Да се работи на нивата во Мозамбик е голема предност! Чувствуваме дека се наоѓаме на работ на еден огромен пораст овде. Има многу да се работи. Би ни требале уште 10 или 20 мисионери само во Мапуто“.
Теократскиот замав во Мозамбик нѐ потсетува на Исусовите итни зборови: „Жетвата е голема, а работници малку; затоа помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва“ (Матеј 9:37, 38). Постојат добри причини да веруваме дека Јехова ќе одговори на итната молба во корист на неговите слуги во Мозамбик.
Илјадници Јеховини сведоци поминале 12 или повеќе години во казнени центри во северозападен Мозамбик. Кога некои од нив неодамна се вратиле во Мапуто, единствениот материјален посед што го имале било парче крпа за да се завиткаат околу половината. Но, имале вера во изобилство! Дарежливите прилози во храна и облека од другите Сведоци од соседните земји им помогнале во новиот почеток во животот.
[Фуснота]
a Ако човек има среќа да најде работа овде, просечната плата изнесува од 20 до 30 американски долари.
[Слика на страница 23]
Собранијата се радуваат на прекрасниот број на собрани за христијанско сведочење во сабота наутро
[Слики на страница 24]
Запознај се со 5-годишниот Жемито. Тој се родил во казнен логор. Денес, родителите на Жемито се среќни што се вратија во Мапуто. Секоја седмица Франциско, таткото на Жемито, го собира целото семејство за библиска студија. Обата родитела трошат многу време за да ги поучуваат своите деца да бидат делотворни учители во службата на проповедање. На Жемито му причинува радост да дели литература на централниот пазар
[Слика на страница 25]
Фактот што собранијата немаат Царски сали на располагање не го спречува нивниот напредок. Во повеќето случаи на состаноци присуствуваат дупло повеќе луѓе отколку што е бројот на објавители