ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w92 1/6 стр. 27-30
  • По Бухенвалд ја пронајдов вистината

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • По Бухенвалд ја пронајдов вистината
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Апсење
  • На пат за Германија
  • Секојдневниот живот
  • Поинаква група
  • Возот на смртта
  • Нов чекор
  • Преживеавме диктатури со помош од Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Нема ништо подобро од вистината
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Поткрепена со довербата во Бог
    Разбудете се! 2002
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
w92 1/6 стр. 27-30

По Бухенвалд ја пронајдов вистината

ПОРАСНАВ во Гренобл, Франција, во 1930-тите. Мојот учител по германски, Французин, беше фанатичен нацист. Во училиштето секогаш упорно тврдеше дека Германија еден ден ќе „биде корисна“. Меѓутоа, повеќето наши учители, ветерани од I Светска војна, беа загрижени поради појавувањето на нацизмот во Германија. И јас бев сѐ повеќе загрижен, бидејќи стануваше сѐ поочигледно дека се ближи војна.

Во 1940, на почетокот од II Светска војна, го загубив мојот драг стрико во тешката борба на реката Сома. Бев многу огорчен, но премлад за да стапам во Француската армија. Сепак, три години подоцна, за време на германската окупација на Франција, ми се пружи прилика за Францускиот отпор да ја употребам мојата вештина како цртач. Бев извонреден во копирањето на потписи и работев на фалсификување на германски гумени печати. Бев толку поттикнат од ваквата борба против окупаторските непријателски сили, што комунистичките сфаќања на моите другари во тоа време за мене беа од мала важност.

Апсење

На 11 ноември 1943, месниот Отпор свика демонстрации во знак на сеќавање на примирјето од I Светска војна. Но француски моторизирани стражари го беа блокирале пристапот до мостот кој водеше кон воениот споменик, и нѐ советуваа да си одиме дома. Наместо тоа, нашата поворка одлучи да одмаршира до еден друг воен споменик во градот. Но, заборавивме на една работа. Споменикот се наоѓаше на само неколку чекори од командата на Гестапо.

Нашата група брзо беше опколена од вооружени војници кои нѐ построија до еден ѕид. Кога војниците нѐ поместија, на земјата најдоа неколку револвери. Бидејќи никој не сакаше да признае чии се, војниците ги пуштија само жените и младинците под 16 години. Така, на 18-годишна возраст, бев затворен заедно со 450 други затвореници. Неколку дена подоцна нѐ префрлија во транзитниот логор близу Компјен, во северна Франција.

На пат за Германија

На 17 јануари 1944, го имав првиот — но за жал не и последниот — контакт со германски војници чии шлемови беа украсени со кукасти крстови на левата и иницијалите СС (Шуцштафел, т.е. заштитен одред) на десната страна. Тие собраа стотици затвореници и моравме да одиме до станицата Компјен. Со клоци буквално нѐ втераа во железничките товарни вагони. Само во мојот вагон имаше 125 затвореници. Три дена и две ноќи немавме ништо за јадење и пиење. По неколку часа, послабите веќе премалеа и беа изгазени. По два дена пристигнавме во Бухенвалд, близу Вајмар, длабоко во внатрешноста на Германија.

Откако ме дезинфицираа и остригоа, ми го дадоа регистарскиот број 41.101 и ме класифицираа како „комунист терорист“. За време на карантинот се запознав со доминиканскиот свештеник Мишел Рике кој по војната стана славен по своите проповеди во катедралата Нотр Дам во Париз. Заедно со други младичи на мои години, го прашав зошто Бог дозволува вакви ужаси. Тој одговори: „Морате да поминете низ многу страдања за да заслужите да отидете на небо“.

Секојдневниот живот

Станарите од сите 61 барака мораа да станат околу четири и пол часот наутро. Излегувавме соблечени до појасот и често моравме да го кршиме мразот за да се измиеме. Без разлика дали со добро или лошо здравје, секој мораше да се потчини. Потоа доаѓаше делењето леб — од 200 до 300 грама безвкусен леб на ден, со парче маргарин и нешто што личеше на џем. Во 5.30 наутро нѐ собираа сите за прозивка. Какво ужасно искуство беше да се носат на грб оние кои беа умреле во текот на ноќта! Остриот мирис на чадот од изгорените трупови нѐ потсетуваше на нашите другари. Нѐ совладуваа чувствата на одвратност, очај и омраза, затоа што знаевме дека лесно можеме да завршиме на истиот начин.

Мојата работа во BAU II Kommando (градежниот одред бр. 2) се состоеше од копање ровови без никаква цел. Штом ќе ископавме ров со длабочина од 2 метри, моравме потоа исто така внимателно да го затрупаме. Работата почнуваше во 6.00, со половина час пауза на пладне, после која продолжувавме со работа сѐ до 19.00. Вечерната прозивка ни се чинеше бескрајна. Штом ќе имаше тешки германски загуби на Рускиот фронт, таа можеше да трае и до полноќ.

Поинаква група

Секој што ќе се обидеше да избега од логорот, лесно можеше да биде препознаен, затоа што сите имавме нерамна фризура. Нашата коса беше пресечена со линија што беше избричена или истрижена многу кратко по средината или од страните. Сепак, некои затвореници имаа нормална фризура. Кои беа тие? Старешината на нашата барака ја задоволи нашата љубопитност. „Тоа се Бибелфоршери (Истражувачи на Библијата)“ — рече тој. „Но што прават Истражувачи на Библијата во концентрационен логор“ — се чудев. „Тие се овде затоа што го обожаваат Јехова“ — добив информација. Јехова! Тогаш за првпат во животот го слушнав името на Бог.

Најпосле дознав нешто повеќе за Истражувачите на Библијата. Тие беа воглавно Германци. Некои од нив се наоѓаа во концентрационен логор уште од средината на 1930-тите заради одбивање на послушност спрема Хитлер. Можеа да бидат ослободени, но тие одбија да се предадат. Есесовците ги користеа како свои лични бербери и им даваа посебни задачи за кои беше потребен доверлив персонал, како на пример работа во административните служби. Она што најмногу нѐ интригираше беше нивното спокојство, потполната отсутност на омраза или дух на протест и одмазда. Не можев да го сфатам тоа. За жал, во тоа време не знаев доволно германски за да разговарам со нив.

Возот на смртта

Како што Сојузниците напредуваа, затворениците беа испраќани во други логори во внатрешноста, но тие беа ужасно преполнети. Утрото на 6 април 1945, есесовците нѐ зедоа нас 5.000 и нѐ натераа да одиме 9 километри пеш по патот до Вајмар. Оние кои не можеа да држат чекор, ладнокрвно ги убиваа со истрел во вратот. Кога најпосле стигнавме до станицата во Вајмар, се качивме на отворени товарни вагони и возот замина. Цели 20 дена скитавме низ Германија од една железничка станица до друга, а потоа заминавме за Чехословачка.

Едно утро дел од нашиот воз маневрираше на спореден колосек. Војниците ги симнаа машинките, ги отворија вратите на товарните вагони и ги масакрираа сите руски затвореници внатре. Причината? Дузина затвореници ги убиле стражарите и побегнале во текот на ноќта. И ден-денеска ја гледам крвта како од подот на вагонот капе на шините.

Најпосле, возот пристигна во Дахау, кадешто по два дена нѐ ослободи Американската војска. За време на целото 20-дневно патување едниствената храна што ја имавме беа неколку сирови компири и малку вода. Бевме 5.000 кога тргнавме, а преживеавме само 800. Многу други умреа подоцна. Јас најголемиот дел од патувањето го поминав седејќи на еден леш.

Нов чекор

После моето ослободување повеќе ништо не ми изгледаше поприродно отколку активно да ја поддржувам Француската Комунистичка Партија, затоа што во Бухенвалд бев близок другар со мнозина нејзини членови, вклучувајќи ги и најистакнатите. Станав помошен ќелиски секретар во Гренобл и ме охрабрија во Париз да посетувам курс за оспособување за раководители.

Меѓутоа, наскоро се разочарав. На 11 ноември 1945 нѐ поканија да учествуваме на една парада во Париз. Камарадот кој беше задолжен за нашата група, доби извесна сума пари за нашето сместување; но, не изгледаше дека е спремен да ги употреби во наша корист. Бевме должни да го потсетиме на начелата за чесност и пријателство кои се очекуваше да нѐ обединат. Исто така увидов дека многумина угледни луѓе кои ги познавав, едноставно немаа решение за светските проблеми. Освен тоа, најголемиот дел од нив беа атеисти, а јас верував во Бог.

Подоцна се преселив во Лион каде продолжив да работам како цртач. Во 1954 ме посетија две жени Јеховини сведоци и се претплатив на списанието Разбудете се!. По два дена, во посета дојде еден човек со една од жените кои пред тоа почукаа на мојата врата. Мојата сопруга и јас наеднаш сфативме дека обајцата сме заинтересирани за духовни работи.

За време на разговорот кој уследи, се сетив на Бибелфоршерите во Бухенвалд кои ѝ беа толку многу верни на својата вера. Дури тогаш увидов дека тие Бибелфоршери и Јеховините сведоци се едни исти луѓе. Благодарение на библиската студија, мојата сопруга и јас зазедовме став за Јехова и се крстивме во април 1955.

Се сеќавам како сето тоа да беше вчера. Не жалам поради искушенијата што ги поминав. Тие ме зајакнаа и ми помогнаа да видам дека овие светски владетелства можат малку да понудат. Иако личните искуства можат на другите да им помогнат само до извесен степен, би бил среќен ако моиве би можеле само малку да им помогнат на денешните млади луѓе да ја видат лажноста на овој свет и затоа да бараат добри, исправни вредности во вистинското христијанство, како што поучувал Исус.

Денес страдањата и неправдата се дел од секојдневниот живот. Како Бибелфоршерите во концентрационите логори, и јас копнеам по еден подобар свет што треба да дојде, кадешто наместо насилството и фанатичкиот идеализам, ќе превладува братска љубов и правда. Во меѓувреме, се трудам да им служам на Бог и на Христос најдобро што можам како старешина во христијанското собрание, заедно со сопругата, децата и внуците (Псалми 112:7, 8, NW). Раскажал Рене Сегла.

[Слики на страница 28]

Горе: Прозивка во логорот

Лево: Влезната капија во Бухенвалд. Натписот гласи: „Секому според заслугата“

[Слики на страница 29]

Горе: Крематориумот во Бухенвалд

Лево: Шеснаесет затвореници во секој ред

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели