ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w92 15/5 стр. 24-27
  • Гуахиро Индијанците реагираат поволно

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Гуахиро Индијанците реагираат поволно
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Поднаслови
  • Првите впечатоци
  • Во потрага по куќи
  • Лице в лице со Гуахиро Индијанците
  • Неочекуван број на присутни
  • Успешно продолжение
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
w92 15/5 стр. 24-27

Гуахиро Индијанците реагираат поволно

СЕДЕЈЌИ во сенката на едно огромно дрво, облечена во црна облека долга до земја, старата жена изгледаше како да е од некој друг свет. Таа зборуваше на јазик кој беше чуден за нашите уши. „Дојдете повторно“, рече одушевено. Покажувајќи кон 50-тината луѓе од нејзиното племе кои седеа околу неа, таа додаде: „Сите ние сакаме да ни дојдете повторно. Доаѓајте секоја седмица!“

Кои беа тие луѓе? Зошто беа толку желни повторно да дојдеме, иако порано не сме се сретнале? Дозволи да ти раскажеме како поминавме еден ден меѓу Гуахиро Индијанците кои живеат на Полуостровот Ла Гуахира во северна Колумбија и соседна Западна Венецуела.

Првите впечатоци

Почнувајќи од главниот град на Венецуела, Каракас, нашата прва станица беше Маракаибо. Кога влеговме во градот, забележавме три млади жени кои одеа по патот облечени во долги, шарени облеки. Нивните црти на лицето беа поинакви од просечниот Венецуелец — високи јаболчници, кафеава кожа, права црна коса. Уште од првиот бегол поглед на Гуахиро Индијанците го запазивме нивниот лесен, пленителен о̂д кој ја подбуди нашата љубопитност.

Денот на нашето патување кон полуостровот Ла Гуахира се зазори јасно и мирно. Пред утринското сонце да стане претопло, 50-мина се качивме на автобус, возбудени што имавме удел во специјалната акција, која ја опфаќаше целата земја, да ја однесеме библиската порака до оддалечените делови овде во Венецуела. Бевме тргнале кон градот Парагуачон, на границата со Колумбија.

Оставајќи го градот Маракаибо зад нас, поминавме низ многу мали гратчиња и села, секое со пазарче и неколку тезги на кои се продаваа плетени сандали и долгите, разнобојни облеки, наречени мантас. Секое село имаше уреден, централен плоштад и црква во пастелни бои, кои ѝ даваа шаренолик изглед на целата слика. Сите луѓе имаа индијански црти на лицето. Иако изгледаа толку поразлично од нас, моравме да се потсетуваме дека тоа се едни од првобитните Венецуелци.

Во потрага по куќи

Конечно стигнавме до нашето одредиште. Автобусот се тргна настрана од патот и се паркира до еден низок ѕид во сенката на едно дрво со огромна крошна. Од другата страна на ѕидот беше месното селско училиште — затворено бидејќи беше недела.

Се поделивме на две групи и отидовме во спротивни насоки да бараме куќи. Требаше да ги поканиме сите на библиско предавање кое требаше да се одржи на гуахиро јазик во три часот попладнето во училишниот двор. Евелинда, домородна Гуахиро Индијанка нѐ придружуваше. Се надевавме дека со тоа ќе бидеме поприфатливи, зашто иако зборувавме шпански, ништо не знаевме на гуахиро јазикот.

Штом излеговме од селото, имавме многу за пешачење од една куќа до друга. Додека одевме по еден долг, прав пат со густи грмушки од обете страни, едно момченце од околу десет години одеше покрај нас и упорно гледаше во нас со отворена љубопитност. Евелинда му се насмевна и на гуахиро му ја објасни целта на нашата посета во таа област. Името му беше Омар, а откако го повикавме на предавањето, побегна.

Се одделивме од патот и следевме земјена патека, сѐ уште влажна од скорешните дождови. Дознавме дека тоа биле патеки за шверцување помеѓу Колумбија и Венецуела. Воздухот беше тежок од мирисот на бујната вегетација. Иако влажната топлина беше по малку спарна, таа не ја задуши нашата одушевеност. Во секој случај, сета неугодност беше заборавена кога патеката низ густото, тропско зеленило наеднаш нѐ доведе пред огромна чистинка — типичен гуахиро имот.

Лице в лице со Гуахиро Индијанците

Дузина кози, со убави бели, црни и жолтокафеави белези, лежеа во сенката и џвакаа задоволно. Лежејќи на висечка мрежа која висеше помеѓу две дрвја, една жена си го хранеше бебето. Во близина си играа неколку мали дечиња. Жената беше од надворешната страна на оградата од прачки и жица која оградуваше куќа од кал и трски со покрив од слама. Во местото имаше и неколку отворени колиби. Едната очигледно беше кујна, кадешто на земја гореше оган од дрва помеѓу неколку големи лонци во вид на котли. Близу нив висеа и се сушеа козји кожи.

Кога нѐ виде дека се приближуваме, човекот кој стоеше покрај портата истрча напред и стави две столчиња за да седнеме до жената на мрежата. Евелинда ги поздрави мажот и жената на нивниот јазик и им ја објасни библиската надеж за иднината користејќи ја илустрираната брошура Радувај се засекогаш на животот на Земјата! Мирољубивите услови во таа област ни кажуваа дека меѓународните неволји или порастот на криминалот во градовите овде не би биле соодветни теми. Еден Сведок од групата ни објасни дека поради тоа што Гуахиро Индијанците по природа се донекаде резервирани, важно е во почетокот да им се покаже топлина и вистински личен интерес. „Често прашуваме за здравјето на семејството, за жетвата, дали неодамна имало дожд и слично“, рече таа. „Тоа ни го отвора патот да им кажеме за Божјето Царство и да им покажеме дека Јехова наскоро ќе ги отстрани сите страдања и Сатана, Ѓаволот, од кого посебно се плашат.“

Додека Евелинда зборуваше, нејзините слушатели изразуваа согласност и наскоро ни се придружи друга жена и неколку деца. Уште порано дознавме дека гуахиро законот дозволува еден маж да има повеќе од една жена. Би можело ли тоа да биде случај и овде? Тоа нѐ натера да помислиме на Јени, привлечна 21-годишна Гуахиро Индијанка која живееше во Маракаибо. Еден богат Гуахиро нудеше добра невестинска цена за неа. Но нејзините родители, кои не се Јеховини сведоци, беа поделени во мислењата. Иако мајка ѝ се согласуваше со бракот, татко ѝ на Јени рече не. Стројникот веќе беше оженет за сестра ѝ на Јени!

Кога Евелинда го заврши својот настап, човекот зеде брошура. И жената која стоеше зад него побара една, која ѝ ја дадовме со задоволство. За тоа време останатите Сведоци заминаа. Затоа го поканивме семејството на пладневниот говор и си отидовме, не сакајќи да се загубиме во тој непознат селски крај.

Еден Сведок од групата раскажа што му се случило. Еден човек во висечка мрежа внимателно слушал додека жена му донела нешто за освежување — две чаши со чича, направена од мелена пченка. Нашиот брат пристојно го зел пијалокот и го испил. После тоа, неговата Гуахиро пријателка, Магали, му објаснила како се прави пијалокот. Обично, пченката се меле со забите! Не можела да се возддржи да не прсне во смеа додека гледала како лицето му менува бои.

Еден друг индијански господин очигледно импресиониран од напорите на нашиот брат да стигне до неговиот дом со библиската порака, скокнал од својата висечка мрежа, облекол кошула и лично ги одвел до една населба која не ја забележале.

Минувајќи низ една друга чистинка кадешто некои од нашите браќа разговараа со возрасните од семејството, видовме една група мали, голи деца со надуени стомаци кои тивко стоеја под едно дрво. Дознавме дека тоа било поради недоволна исхранетост и паразити. Многу од овие луѓе живеат без текушта вода и без струја. Тоа, секако, значи без фрижидери, вентилатори и светилки.

Неочекуван број на присутни

Уторото помина многу брзо. Додека се враќавме до автобусот да ручаме, се прашувавме колку од поканетите ќе дојдат на попладневното библиско предавање.

Во 14.45, се прашувавме дали нашата група од автобусот ќе биде единствената публика за нашиот гуахиро брат кој беше приготвил 45-минутен говор на месниот јазик. Ама не! Првото малечко семејство срамежливо влезе во училишниот двор. Сигурно беа зачудени кога сите им изразија добредојде. Во следните неколку минути пристигнаа многу повеќе, некои очигледно поминале пеш долг пат. Семејството кое живееше на чистинката со дузината кози, беше исто така овде! Колку поинаку изгледаше жената од висечката мрежа во својата модерна, црна носија! Дојде дури и малечкиот Омар, со кого разговаравме по патот, очигледно сосема сам. Додека другите пристигнуваа, единственото долго бетонско скалило во училишниот двор се наполни како клупа. Поради тоа, нашиот љубезен возач на автобусот почна да ги вади седиштата од автобусот за луѓето да седат за време на предавањето.

Вкупно 55 Гуахиро Индијанци седеа и слушаа додека Едуардо го држеше библиското предавање. Но, не седеа во потполна тишина. Ако се согласуваа со некоја мисла на говорникот, своето одобрување го покажуваа со брмчење или дрдорење. Кога зборуваше за крајот на злото, постарата жена споменета на почетокот, се придружи: „Да, има многу зло“, рече доволно гласно за да ја чујат сите. „Всушност, има некои злобни луѓе кои токму сега седат овде. Се надевам дека слушаат!“ Брат Едуардо тактично го прифати коментарот и продолжи со својот говор.

После говорот, еден од групата нѐ сликаше. На Гуахиросите им се допадна тоа и прашаа дали би можеле да ги држат горе своите брошури Радувај се на животот за следната слика. Некои потоа полека си заминаа, но околу половина од нив останаа и нѐ гледаа додека се качуваме во автобусот. Нѐ натераа да им ветиме дека ќе се вратиме, а потоа стоеја и мафтаа со рацете сѐ додека автобусот не се изгуби.

Додека се возевме, не можевме а да не чувствувавме дека беше предност на овие луѓе да им се однесе добрата вест за Божјето Царство. Во многу случаи, за првпат слушаа за неа. Сведоците во Маракаибо веќе зборуваа за нивната следна посета. Дали приказнава ќе има продолжение?

Успешно продолжение

Браќата се вратија по две недели. Беше оставено многу библиска литература, заинтересираните поединци беа повторно посетени и беа започнати домашни библиски студии. Повеќе од тоа, на вториот состанок за јавност под отворено небо присуствуваа 79 Индијанци. Во таа прилика браќата објаснија дека ќе се вратат по три недели наместо по две, затоа што имаат покраински состанок. Индијанците беа вознемирени. „Можеби ќе умреме дотогаш!“ рече еден од нив. Прашаа што е тоа покраински состанок. Тоа им звучеше толку добро што одлучија дека и тие сакаат да бидат таму! Беа направени подготовки и 34 од нив можеа да присуствуваат на состанокот во Маракаибо, кадешто браќата кои зборуваа гуахиро им помогнаа да ја разберат програмата што се изнесуваше на шпански.

Јеховина волја е „сите луѓе да . . . дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4, NW). Колку е радосно да се види толку поволна реакција меѓу овие Индијанци од полуостровот Ла Гуахира кои ја бараат вистината!

[Рамка на страница 26]

Животи збогатени со библиската вистина

Ирис и Маргарита, две млади Гуахиро девојки, беа воодушевени кога ја видоа брошурата Радувај се засекогаш на животот на Земјата! Но имаа еден проблем. Не знаеја да читаат. Жената Сведок која ги посети, се понуди да им помогне со помош на брошурата Научи да читаш и да пишуваш. Набргу девојките се израдуваа што можеа да го пишуваат и исправно да го изговараат името Јехова.

Додека напредуваа, се чудеа на прекрасната надеж што ја нуди Библијата. Особено ги трогна ветувањето дека целото човештво ќе ужива слобода. „Животот овде е многу тажен за нас младите“, објаснија тие. „Обично нѐ омажуваат на многу рана возраст, а силувањето е постојана опасност.“

Врвен настан за Ирис и Маргарита беше присуствувањето на покраинскиот состанок во Маракаибо. Нивните лица ја одразуваа радоста што ја чувствуваа во срцата, особено кога се пееја песните. Секогаш желно чекаа на врата кога Сведокот доаѓаше за нивната библиска студија, и никогаш не пропуштија ниедно јавно предавање одржано во нивното село. Тие млади девојки чувствуваат дека нивните животи се вистински збогатени со спознанието за Јехова Бог и неговата намера.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели