Предизвикот да се проповеда во едно од најголемите светски пристаништа
РОТЕРДАМ, сместен на местото кадешто Рајна, најпрометната европска река, се влева во Северно Море, ужива глас на едно од најголемите светски поморски пристаништа. Овде поминуваат 500 бродски линии, така што Ротердам има директни врски со преку 800 одредишта ширум светот. Навистина, меѓународно пристаниште.
Меѓутоа, ова 650 годишно холандско пристаниште е повеќе од раскрсница на бродските линии. Тоа е и собиралиште на луѓе. Секој ден и секоја ноќ доаѓа прилив на морнари од сите страни на светот. Тие морнари не останале незабележани од Јеховините сведоци во Холандија. Како и на сите други места, Сведоците бараат начини да им ја проповедаат најдобрата вест на светот — дека Божјето Царство наскоро ќе ја претвори Земјата во Рај — на луѓето од сите видови, вклучувајќи ги и морнарите (Даниел 2:44; Лука 23:43, NW; 1. Тимотеј 4:10).
„Мисионерска задача во обратна насока“
Пред неколку години, Друштвото Стражарска кула во Холандија замоли шест полновремени проповедници, или пионери, да работат од брод до брод низ пристаништето на Ротердам. Пионерите веднаш ја искористија таа прилика. Насобраа информации од пристанишните власти, ги разгледаа пристаништата и наскоро сфатија дека имаат предизвикувачка задача.
„Тоа е како мисионерска задача во обратна насока“, вели Мајнард, кој го координира проповедањето во пристаништето. Што сака да каже со тоа? „Обично мисионерот долго патува за да стигне до луѓето, но во нашиов случај луѓето долго патуваат за да дојдат до нас.“ И додава: „Нашето подрачје на проповедање е можеби најмеѓународно што може да биде“. Годишникот на Rotterdam Europoort од 1985 наведува дека во 1983, кога пионерите го започнаа ова специјално дело, пристаништето Ротердам примило 30.820 прекуокеански бродови од 71 различна земја. Тоа е меѓународно!
Согласно на тоа, „пристанишните мисионери“ — како што морнарите набргу почнаа да ги викаат пионерите — исто така сочинуваат една меѓународна мешавина. Герт, Петер и неговата сопруга, Карин, се Холанѓани; Даниел и Мајнард се од Индонезија; а Соломон е Етиопјанин. Нивните европски, азиски и африкански корени надминуваат осум јазични бариери, но за да успеат во оваа работа, морале да совладаат и други бариери.
„Црква на велосипед“
„Не можеш едноставно да дојдеш на кејот, да се качиш по штицата на бродот и да одиш по него“, вели 32-годишниот Петер, бивш морнар. „Потребни се теренски дозволи.“ Тоа значи дозволи за влегување во пристаништата и дозволи за качување на бродовите. „Имаше многу црвени забранети зони“, се присеќава Петер, „но откако добивме осум дозволи, комплетирани со нашите фотографии и службени печати, бевме спремни да тргнеме со сите сили“. Ги поделиле пристанишните кејови, долги 37 километри, на три дела, за секој да се грижат по двајца пионери.
Но, како да се излезе на крај со многуте јазици кои ги зборуваат морнарите од толку многу земји? Иако пионерите натоваруваа библиска литература на 30 јазици и носеја колку што беше можно на своите велосипеди, никогаш не беше доволно. „Никогаш точно не знаеш кои јазици ќе ти требаат“, со насмевка раскажува 30-годишниот Соломон. „Често се случува морнарите да бараат книги токму на оној јазик кој го немаш, а потоа ќе ти кажат дека бродот им тргнува за три часа или слично“. Не сакајќи да ги разочараат морнарите, еден од пионерите отрчува, ги зема потребните книги, брзо се враќа назад и им ги дава на желните морнари. „Кога се појави истиот проблем додека проповедавме во делови на пристаништето што беа оддалечени три часа со велосипед“, вели Петер, „беше очигледно дека ни беше потребен некој поинаков пристап на проблемот“.
Еден ден, едни Сведоци кои живеат во пристанишното подрачје ги изненадија пионерите со две приколки за велосипеди, секоја со величина на корито за перење. Пионерите ги наполнија приколките со литература на сите расположливи јазици, ги закачија за велосипедите и се упатија кон пристаништето. Набрзо приколките станаа позната глетка. „Тие ни станаа знак за препознавање“, вели еден од пионерите. „Штом ќе нѐ види чуварот, ја отвора портата, ни дава знак да влеземе и извикува: ‚Еве ја црквата на велосипед!‘“ Понекогаш, кога некој чувар ќе забележи дека се приближува „црквата на велосипед“, ја отвора портата и извикува: „Два полски и еден кинески [бродови]!“ Таквите корисни упатства им овозможуваат на пионерите да се качат на бродовите со литература на соодветните јазици. Но мораат да одат и во исправното време. Зошто?
Навремени посети со навремена порака
Пионерите можат да разговараат со посадата само за време на нивните утрински и попладневни паузи за кафе или за време на ручекот. Но, готвачот има различно работно време, а капетанот и другите офицери можат да се најдат во текот на целиот ден. Освен тоа, пионерите дознаа дека британските бродови кои се укотвуваат во Ротердам се држат за британското време (се разликува еден час од холандското), и затоа нивните посади одат во мензата кога не-британските посади се враќаат на работа. Очигледно дека еден пристанишен пионер мора да има точен часовник.
Но, дали морнарите се спремни да ги користат своите паузи за библиски разговори? „Воглавно, гледам дека се отворени спрема пораката за Царството“, вели 31-годишниот Герт. „Можеби тоа е затоа што од прва рака го гледаат неуспехот на човечките влади.“ На пример, некои му кажале на Герт дека купиштата жито што ги истовариле за гладните Етиопјани, сѐ уште лежеле таму и по неколку месеци кога дошле повторно, само што дотогаш житото изгнило и се наполнило со стаорци. „Не е чудо што многу морнари ја изгубиле надежта во политиката“, забележува Герт. „Затоа ги привлекува библиското ветување за една влада за целото човештво.“
Петер се согласува со тоа. „Еден германски капетан рече дека пред десет години неговата посада би го набркала од бродот, но денешните променливи светски околности го подбудиле интересот за библиската навремена порака.“ Еден кореански бродски готвач раскажал дека за време на иранско-ирачката војна, супертанкерот на којшто работел бил погоден од ракета и запален во Персискиот Залив. Се заколнал дека ако остане жив, ќе го бара Бог. И преживеал. Кога пионерите подоцна го сретнале во Ротердам, тој ја побарал сета кореанска литература што можеле да му ја донесат.
Повеќето бродови остануваат во пристаништето по повеќе денови. Тоа им овозможува на пионерите да се вратат два, три или повеќе пати за да ги продолжат библиските разговори по работното време. Сепак, кога некој брод има проблеми со моторот, може да остане усидрен и до три недели. „Тоа е лошо за посадата“, духовито се шегува еден насмеан пионер, „но добро за нашата работа“. Тогаш, освен што продолжуваат со библиските разговори, пионерите исто така организираат да прикажат во мензата една од програмите со диа-позитиви од Друштвото, како што е „Библијата — Книга за оваа генерација“. Некои морнари доаѓаат и на состаноците на некоја од многуте јазични групи на Јеховини сведоци во Ротердам. Тоа трае сѐ додека моторот не се поправи. Тогаш Библиите мораат да се затворат. Дебелите јажиња се одврзуваат од доковите, а бродот исчезнува од пристаништето — но не и од мислите на пионерите.
Охрабрувачки морнарски приказни
Преку новинските известувања или преку јавниот компјутерски систем на пристанишната управа, пристанишните пионери се во тек со пристигнувањата и заминувањата на бродовите што ги посетиле. Веднаш штом повторно ќе дојде некој од нив, пионерите се нестрпливи да ги посетат морнарите за да видат што се случило по последната посета. Какви охрабрувачки приказни раскажуваат морнарите!
Еден морнар разделил примероци на книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата на петмина свои другари морнари откако испловил неговиот брод, а со шестмина од нив се водела библиска студија. Тој исто така го снимил поглавјето за семејниот живот на аудиокасета и ја пуштил во мензата пред целата посада. На еден друг брод, еден морнар кој посетил Царска сала во соседното пристаниште Антверпен, на ѕидот од мензата ставил натпис: „Царска сала на Јеховини сведоци“ со големи букви. Потоа ги поканил членовите на посадата да дојдат тука кога ќе води библиски состанок. Пред да го извади натписот, ја поканил посадата на следниот состанок. Следната недела, и натписот и посадата биле повторно на место.
Пионерите исто така откриле дека некои морнари никогаш не ги ни ставиле книгите на полици. „Кога влеговме во кабината на Исак, западноафрикански радио офицер, беше тешко да најдеме место за седење“, раскажува Мајнард. „Насекаде имаше списанија, книги и конкорданци од Друштвото — и тоа отворени.“ Исак имал подготвено и список со библиски прашања, затоа што чекал пионерите повторно да навратат.
Но, некои морнари не чекаат пионерите да дојдат кај нив. Една ноќ, телефонот на Герт заѕвони откако си легнал.
„Кој ли е сега тоа?“, мрмореше Герт додека ја бараше слушалката.
„Ало, тоа сум јас твојот пријател!“, се јави еден ведар глас.
Герт се трудеше да се сети кој би можело да биде тоа.
„Твојот пријател од бродот“, повторно се слушна гласот.
„Сега е три часот наутро!“, рече Герт.
„Да, но ти ми рече да ти се јавам штом мојот брод повторно ќе стигне во Ротердам. Е па, тука сум!“ Набрзо после тоа, Герт беше на пат да се најде со тој пријател кој се интересираше за Божјата Реч.
„Пуштај го лебот свој“
Својата благодарност за библиската литература морнарите ја изразуваат и во писмата до пионерите. Следат некои извадоци:
‚Почнав да ја читам книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата . . . Сега сфаќам многу работи кои порано не ги сфаќав. Се надевам дека нашиот брод ќе се врати во Ротердам‘ (Анџело).
‚Ја читам книгата и ти праќам прашања за да ми ги одговориш во твоите писма‘ (Алберта).
‚Сега ја читам Библијата секој ден. Драго ми е што сум твој пријател. Тоа што најдов пријатели кои ме водат до Бог е најдоброто нешто што ми се случило во животот‘ (Ники).
Таквите охрабрувачки писма ги потсетуваат пионерите на она што Библијата го вели во Проповедник 11:1: „Пуштај го лебот свој по водите, зашто по многу дни пак ќе го најдеш“. Особено се радуваат кога дознаваат дека некои морнари зазеле став за Јехова.
Полскиот морнар Станислав, на пример, бил воодушевен од она што го научил од книгите на Друштвото. Брзо набавил мала библиотека со библиска литература и додека бил на море, го проучил секој нејзин дел. „Кога повторно слушнавме за него“, вели Мајнард, „ни напиша дека се крстил“.
Фолкерт, капетан на речни бродови за пораката на Царството првпат слушнал во Ротердам. Секои два месеци повторно се враќаше во пристаништето на една недела и ја проучуваше Библијата седум дена едноподруго. Тогаш, пред да замине на ново патување од два месеци, пионерите му дадоа список со адреси од Царски сали кои се наоѓаа на неговата бродска линија. Фолкерт навратил во салите и бил трогнат од срдечниот пречек на кој наишол. За кратко време, овој капетан се крсти и сега ревносно му служи на Јехова.
Мајк, офицер на британската морнарица, порано имал контакт со Јеховините сведоци и ја проучувал Библијата додека бил на море. Еднаш, кога фрегатата на којашто работел се укотви во Ротердам, го употреби својот расклоплив велосипед за да стигне до Царска сала. Беше импресиониран од љубовта и единството што го виде и им кажа на браќата дека одлучил да ја напушти работата. Иако имаше само уште четири години за да добие висока пензија, остана при својата одлука и подоцна се крсти.
Мајнард вели: „Ревноста на Мајк, Станислав, Фолкерт и другите да му служат на Јехова, нѐ поттикнува и понатаму да трагаме низ пристаништето по морнари како нив“.
Можеш ли да имаш удел и ти?
Осврнувајќи се наназад на скоро една деценија проповедање во едно од најголемите светски пристаништа, шесте „пристанишни мисионери“ со цело срце се согласуваат — задачата беше предизвикувачка но се исплати. „После секој ден проповедање“, заклучува Мајнард, „се враќаме дома на велосипед со чувството дека некои од тие морнари нѐ чекале да ги посетиме“.
Дали можеби во пристаниште на твоето подрачје има морнари за посетување? Можеби старешините во твоето собрание можат да направат подготовки за да можеш и ти да имаш удел во тоа предизвикувачко но наградувачко дело.
[Рамка на страница 20]
ПОСЕГНУВАЊЕ ПО ЗАБРАНЕТИ ПОДРАЧЈА
Неодамна, во текот на една година преку 2.500 бродови од земји кадешто активноста на Јеховините сведоци е забранета, се укотвија во Ротердам. А пристанишните пионери видоа дека тоа е прилика да посегнат по тие подрачја со библиската порака.
На еден од првите азиски бродови што ги посетија, пионерите ја разделиле сета залиха од 23 книги, а некои членови на посадата дури останаа вознемирени затоа што пропуштиле да добијат примерок. Едно момче кое работеше во кујната на еден азиски брод, беше попретпазливо. Откако примило книга од еден пионер, ја врати завиткана во хартија, а на неа беше напишана адреса. Пионерот ја сфати пораката. Беше преопасно момчето да ја земе книгата со себе. Истиот ден книгата беше испратена по пошта за Далечниот Исток.
На еден брод од Африка дојде еден морнар со список на книги коишто им требале на Сведоците во неговата земја. Оттогаш, секој пат кога морнарот се враќа дома, куферот му е преполн со литература. Друг морнар од една друга африканска земја беше многу разочаран кога пионерот кој проучувал со него можеше да му даде само три примерока од книгата Направи го среќен семејниот живот. „Тоа е ништо!“, рече морнарот, очајно кревајќи ги рацете. „На браќата дома им требаат 1.000!“ Заради негова лична безбедност, пионерите го убедија секој пат да земе само по 20 примероци.
Можеби најтрогателно беше кога пионерите дознаа дека дошол еден брод од земја кадешто Сведоците се прогонувани заради своите уверувања, а многу од нив ги изгубиле работните места и имотот. Кога дознале дека офицерот за набавка на бродот е Сведок, го посетија капетанот и побараа дозвола да испратат помош по неговиот брод. Капетанот се согласи, и по неколку дена, стотина големи торби со облека, обувки и друга роба беа на пат до Сведоците во таа земја.
[Рамка на страница 21]
ПРОПОВЕДАЊЕТО ОД БРОД ДО БРОД — ОД ЖЕНСКА ГЛЕДНА ТОЧКА
„Отпрвин се колебав да му се придружам на Петер“, се присеќава Карин, единствената жена меѓу пионерите, „бидејќи имав слушнато приказни дека морнарите често се груби и пијани. Меѓутоа, открив дека повеќето се пристојни. Честопати, откако некој морнар ќе дознае дека сме венчани, ќе извади слика од сопругата и децата и ќе почне да зборува за семејството. На тој начин сме оставиле многу примероци од книгата Направи го среќен семејниот живот.
Посетувањето на бродовите како маж и жена е полесно и за контактирањето со сопругите на членовите на посадата кои понекогаш работат како болничарки. „Обично се резервирани спрема странците“, вели Карин, „но кога ќе ме видат мене се чувствуваат поспремни да се вклучат во разговор.“
Кој бил најголемиот предизвик во нејзината задача? „Скалите од јаже“, одговара Карин. „Ги мразев тие нестабилни скали“. Дали го совлада својот страв? „Да. Еднаш кога се колебав да се качам по една скала, група морнари од Парагвај гледаа и викаа: ‚Ќе успееш. Само верувај во Бог‘. Секако“, вели Карин низ смеење, „после таа забелешка, немав друг избор освен да се качам“. Нејзиниот сопруг ѝ се восхитува и вели: „После четири години и толку многу плетени скали, сега се искачува по нив како морнар“.
Карин и сопругот Петер го посетуваа 89-от клас на Библиската школа Гилеад на Стражарска кула во САД. На 28 септември 1990, заминаа на својата нова задача во Еквадор, земја со пристаниште. Би требало да се чувствуваат исто како дома.
[Рамка на страница 22]
ДАЛИ СИ МОРНАР?
Сакаш ли да присуствуваш на некој состанок на Јеховините сведоци на англиски јазик додека твојот брод е укотвен во некое од главните светски пристаништа? Тогаш нека ти биде при рака овој список со текушти адреси на Царски сали и термини за состаноци:
Хамбург, Schellingstr. 7–9; сабота, 16.00; тел.: 040-4208413
Хонг Конг, 26 Leighton Road; недела, 9.00; тел.: 5774159
Марсеј, 5 Bis, rue Antoine Maille; недела, 10:00; тел.: 91 79 27 89
Неапол, Кастел Волтурно (40 km северно од Неапол) Via Napoli, на аголот од Via Salerno, Parco Campania; недела, 14.45; тел.: 081/5097292
Њујорк, 512 W. 20 Street; недела, 10.00; тел.: 212-627-2873
Ротердам, Putsestraat 20; недела, 10.00; тел.: 010-41 65 653.
Токио, 5-5-8 Mita, Minato-ku; недела, 16.00; тел.: 03-3453-0404
Ванкувер, 1526 Robson Street; недела, 10.00; тел.: 604-689-9796