„Водата на животот“ жубори на Кап Верде
„ПОСТОЕЊЕТО и активното обожавање на Јеховините сведоци на Кап Верде од 1958 година, е забележителен факт“, објаснуваше министерот за правда на Република Кап Верде. Тој им зборуваше на двајцата Сведоци кои беа поканети во неговата канцеларија. „Жалиме што мораше да помине толку долго за Јеховините сведоци да бидат законски признати“, додаде тој.
Овој состанок одржан на 30 ноември 1990, Јеховините сведоци од Кап Верде долго ќе го паметат. Тој сигнализираше нивно законско признавање како јавна религиозна заедница во таа земја. Меѓутоа, двајцата присутни Сведоци тоа длабоко ги трогна, бидејќи во 1958 токму едниот од нив — Луис Андраде — беше тој кој наиде на некаква библиска литература издадена од Друштвото Стражарска кула. Откако ги прочитал публикациите од корица до корица, знаел дека ја пронашол вистината. Она што го научил, желно го споделил со Франциско Таварес, негов долгогодишен пријател. Во текот на следните неколку години обајцата продолжиле да земаат од водата на вистината, читајќи ги списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, кои ги добивале преку претплата. По десет години, во 1968, се крстиле за време на првата посета на патувачкиот надгледник на Кап Верде.
Браќата Андраде и Таварес ја увиделе својата одговорност да учествуваат во разгласувањето на повикот: ‚Дојди! . . . Земи од водата на животот дарум‘ (Откровение 22:17). Биле спремни да го прифатат предизвикот на нивното расфрлено и тешко подрачје. Кап Верде се состои од десет главни острови плус неколку островчиња во Атлантскиот Океан, на околу 560 километри западно од Дакар (Сенегал). Името Кап Верде, кое значи „Зелен ’Рт“, првобитно се однесувало на полуостровот на африканскиот брег. Меѓутоа, овие острови се далеку од тоа да бидат зелени, бидејќи дождовите се оскудни, а 350.000-те жители мораат да живуркаат од спржената земја.
Во текот на последните 30 години, мисионерите и специјалните пионери напорно работеле како полновремени слуги, донесувајќи ја водата на животот до островјаните. Каков бил исходот од таквиот труд? Неодамна еден патувачки надгледник од Португалија ги посети собранијата на Кап Верде. Да му препуштиме да ни раскаже што видел таму.
Сао Висенте го слуша „Чистиот јазик“
Нашата прва станица на Кап Верде беше градот Порто Гранде на островот Сао Висенте. Возејќи се од аеродромот до градот, ги видовме карпестите стрмнини покриени со песок донесен од ветрот. Процесот на ширењето на пустините од Северна Африка веќе ги зафатил островите на Кап Верде! Од декември па до јануари, харматанот — топол, сув ветер од Сахара — струи преку океанот и ги прекрива островите со слоеви од песок и прав. Повремено, облаците прав се толку дебели што авионите не можат да летаат. Она малку вегетација што останува, се исушува кога ќе дојде харматанот.
Меѓутоа, во духовна смисла, изворите на вода можат лесно да се добијат. Јеховините сведоци имаат основано две собранија во Порто Гранде, а 167-те објавители се зафатени со носењето на животодајните води на вистината до 47.000-те жители на островот Сао Висенте. Во текот на викендите околу 400 луѓе доаѓаат на библиски темелените состаноци во Царската сала.
За време на посетите во викендите, се вршеа завршните подготовки за Обласниот конгрес „Чист јазик“ што требаше да се одржи во најубавата сала во градот (Софонија 3:9). Заедно со месните жители, делегатите од островите Санто Антао и Сао Николау, сочинуваа најголем број на присутни од 756. Дваесет и четири лица се крстија. Програмата опфаќаше и библиска драма што ја изведоа Сведоците. Еден човек, инаку филмски режисер, присуствуваше на драмата и забележа: „Ние вежбавме цела година и пак имавме многу проблеми. Актерите во вашата драма беа многу подобри иако вежбаа само два месеца.“ На крајот од успешниот конгрес, беше време да заминеме за Праја, главниот град на Република Кап Верде, на островот Сао Тјаго.
Исчистен народ
Во последните години многумина жители од другите острови се слеаја во главниот град во потрага по работа. Како резултат на тоа, изградени се илјадници примитивни колиби во предградијата, понатаму оптоварувајќи ги ограничените резерви на вода и санитарните прописи. За да ги дополнат своите приходи, многу семејства чуваат кози, свињи и кокошки. Вообичаено е да се видат како тие слободно талкаат по улиците. Тоа придонело за ширење на болести.
Но, и покрај ваквите тешки услови, сега во Праја има две напредни собранија со околу 130 објавители на Царството. Овие среќни Сведоци навистина ‚имале корист‘ од применувањето на она што го научиле од Библијата. Настојувајќи да бидат чист и свет народ, нашите браќа и нивните деца се радуваат на подобро здравје, како духовно така и физичко. Иако нивниот живот е тежок, тие се духовно богати (Исаија 48:17; 1. Петрово 1:15, 16).
Кога пристигнавме, браќата беа зафатени со подготвувањето на нивниот обласен конгрес. Сведоците и интересентите од цел Сао Тјаго како и од островите Сал и Фого на свој начин дошле на конгресот, а Јехова ги благослови со најголем број на присутни од 472. Сите беа среќни, вклучувајќи ги и многуте малечки со сјајни лица! Додека седевме среде таа внимателна маса од луѓе, беше очигледно дека никогаш не треба да го презираме „денот на малите работи“ (Захарија 4:10). Сето тоа пораснало од две лица кои ја научиле вистината пред повеќе од 30 години!
Пред да го напуштиме островот, појдовме да ги посетиме двете мали групи, Вила Асомада и Тарафал, кои се надвор од градот. Островот е ритчест, јалов и сув. Но одве-онде среќававме зелени места со бујна вегетација и дрвја — ниви со кокосови палми, банани, папаја, манго и така натаму. Тоа нѐ потсети на пророштвото од Исаија дека еден ден дури и пустината ќе цвета (Исаија 35:1). Како некоја оаза, двете мали групи од Сведоци уште сега им нудат изобилство од духовна храна и пијалок на илјадниците кои, така да се каже, живеат на духовно спржена земја.
Огнена ревност на островот Фого
Следниот остров беше Фого, што значи „оган“. Неговото вулканско потекло објаснува откаде доаѓа името. Врвот Кано е сѐ уште активен вулкан. Се издига од морето во вид на скоро совршен конус на височина од 2.800 метри. На островот штотуку паѓаше обилен дожд, прв со таква јачина во последните години. Тоа донесе атмосфера на веселост помеѓу луѓето, кои беа необично зафатени со своите берби на грав и маниока, главни производи во исхраната на Кап Верде.
Меѓутоа, овие приемливи луѓе не беа презафатени да запрат и да земат од водите на животот од Библијата. Имавме можност да се сретнеме со три различни групи, иако беше потребен напор за да се дојде до нив, затоа што имаше само неколку автомобили и тоа во јадна состојба. Бевме пресреќни кога на состаноците дојдоа вкупно 162 лица, затоа што на островот имаше само 42 објавитела на Царството. Тоа ја одразуваше ревноста на оваа мала група од браќа и сестри кои секој месец просечно минуваат по 15 часа носејќи им ја симболичната вода на вистината и животот на 32.000-те жители на островот Фого.
Берба во католичка земја
Уште моравме да ги посетиме и нашите браќа на островите Санто Антао и Сао Николау. Како што покажуваат овие имиња, римокатоличката црква со векови вршела влијание на островите. Иако католицизмот останува главна религија на Кап Верде, многумина искрени луѓе се свртуваат кон Библијата по нејзините освежувачки води на вистината.
Тамошните 49 објавители во двете мали собранија на спротивните страни од Санто Антао работат напорно за да ги задоволат духовните потреби на неговите 44.000 жители. Кога на јавното предавање во собранието Порто Ново дојдоа 512 лица, на 32-та објавитела на Царството им беше јасно дека многу луѓе слични на овци во Санто Антао жеднеат по водите на вистината.
Делото на островот Сао Николау почна пред неколку години кога една сестра пионер од Португалија преку писма водела библиска студија со едно семејство на островот. Тогаш, во 1978, еден друг пионер одлучи да се врати на својот роден остров, Сао Николау, за да ја споделува библиската вистина со неговите 15.000 жители. Кога го водел првиот библиски состанок на островот, било присутно само едно лице—само тој! Но Јехова Бог одговорил на неговите сесрдни молитви што ги упатил на тој состанок. За време на нашата посета, 48-те објавители во трите собранија беа восхитени од вкупниот број од 335 лица кои беа дојдени на состаноците.
Првиот покраински состанок на островот се одржа за време на нашата посета, а месната сала ни беше ставена на располагање бесплатно. Градските службеници обезбедија озвучување и бесплатен транспорт. Собранието–домаќин со своите 19 објавители се погрижи за сместување на 100 делегати и подготви храна за 208 присутни. И покрај многуте тешкотии со кои нашите браќа секојдневно се соочуваат, тие дадоа прилог за Фондот на Друштвото за изградба на Царски сали.
Доброто однесување на Јеховините сведоци овде е добро познато, и многумина работодавци ги бараат кога им требаат работници. На пример, сопственикот на единствената бензинска пумпа на островот замолил еден Сведок да работи за него, затоа што му требало некој кој е чесен. Братот веќе имал работа, но рекол дека ќе види дали може да најде некој друг. „Само да е крстен Сведок!“, инсистирал газдата. По два месеци му рекол на братот: „Јеховините сведоци се единствените луѓе кои би требало да ракуваат со пари!“
Последната станица — островот Сал
Нашата последна станица на ова патување беше островот Сал. Неговото име значи „сол“, а тоа е и прикладно, бидејќи укажува на главната индустрија на овој остров. Овдешното мало собрание се состои од 22 објавитела, кои се трудат да им ја донесат пораката за Царството на 6.500-те жители. Беше вистинско задоволство да се сподели добрата вест со овие островјани, затоа што бевме поканувани во скоро секој дом и можевме да разговараме со повеќе членови на домаќинството.
Со посетата на островот Сал заврши нашата обиколка. Колкав благослов беше да се работи со овие верни слуги на Јехова на Кап Верде! На овие острови сега има 531 објавител на Царството, а тој број сигурно уште ќе расте додека 2.567-те лица кои присуствуваа на Спомен- свеченоста по повод Христовата смрт во 1991, продолжуваат да добиваат духовни залихи храна. Иако повеќето од Јеховините сведоци овде материјално имаат малку, тие се богати и духовно добро нахранети. И колку се благодарни што Јехова дава водата на животот изобилно да жубори на овие острови на негова слава и чест!
[Карта на страница 24]
(Види во публикацијата)
КАП ВЕРДЕ
САНТО АНТАО
САО ВИСЕНТЕ
САО НИКОЛАУ
САНТА ЛУЦИЈА
САЛ
БОА ВИСТА
МАЈО
САО ТЈАГО
ФОГО
БРАВА
Праја
Атлантски Океан