Дали ќе успеат плановите за меѓународна безбедност?
„СТУДЕНАТА ВОЈНА со која беше зафатен светот преку 40 години, изгледа дека со Божја милост е завршена“, изјавува One World, списание на Светскиот концил на црквите. „Значајните настани во Средна и Источна Европа изгледаат ветувачки за светскиот мир и безбедност во Европа и во останатиот дел од светот“, додава англиканскиот писател Џон Поби, од програмата на СКЦ (Светскиот концил на црквите) за теолошко образование.
Претставниците на СКЦ не се единствените коишто го поврзуваат Бог со човечките планови за меѓународна безбедност. Во април 1991, кратко после војната во Персискиот Залив, папата Јован Павле испрати порака до тогашниот генерален секретар на ООН, Хавиер Перез де Куељар, во која рече: „Бискупите на Католичките Цркви од Блискиот Исток и од Западот се уверени во работата на Обединетите нации (...) Тие се надеваат дека преку Обединетите нации и нивните специјализирани организации, оние коишто неодамнешната војна ги стави во ситуација на горлива потреба, нема да претрпат неуспех во наоѓањето на меѓународна чувствителност и солидарност“.
Понатаму, Ватикан беше еден од 35-те земји кои ја формулираа и потпишаа и Хелсиншката спогодба од 1975 и Стокхолмскиот документ од 1986. Кога Обединетите нации во 1986 прогласија „Меѓународна година на мирот“, папата одговори со тоа што покани претставници на главните светски религии да учествуваат на прославата на „Светскиот ден на молитва за мир“. Во октомври 1986 претставници на будистичката, хиндуистичката, исламската, шинтоистичката, англиканската, лутеранската, грчката православната, еврејската и други вери се состанаа во Асиси, Италија, и наизменично се молеа за светски мир.
Неколку години подоцна во една проповед што ја одржа во Рим, англиканскиот надбискуп од Кантербери потсети на горната прилика. „Во Асиси“, рече тој, „видовме дека бискупот од Рим [папата] можеше да ги собере христијанските цркви заедно. Можевме да молиме заедно, да зборуваме заедно и да постапуваме заедно за мирот и благосостојбата на човештвото . . . На таа иницијатива за молитва за светски мир се чувствував како да сум во присуството на Бог кој рече: ‚Гледај, сѐ ново создавам‘“.
Другите религии, иако не беа присутни, исто така се оптимистички настроени во поглед на човечките планови за меѓународна безбедност. Една уводна статија во Die Kerkbode, службен журнал на јужноафриканската холандска реформирана црква, рече: „Доживуваме премин во нов светски поредок. Она што се чинеше недостижно пред неколку години, сега се случува токму пред нашите очи. Помирувањето што се одвива во светски обем помеѓу Советскиот Сојуз и Западот има широки регионални импликации. Во нашиот дел од светот, традиционално спротивставени партии и заколнати непријатели зборуваат едни со други, а итноста за светски ‚мир‘ излегува на површина насекаде (...) Од христијанска гледна точка, сите напори за донесување мир меѓу луѓето би требало да се поздрават. Можеме да молиме за мир во наше време“.
Дали Бог ги благословува човечките планови за меѓународна безбедност?
Што вели Библијата?
Што се однесува до потпирањето на човечките настојувања, Библијата нуди отворено предупредување: „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение. Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалми 146[145]:3, 4). Денешниот напредок кон мир можеби се чини охрабрувачки. Но мораме да бидеме реалистични. Човечките сили се ограничени. Честопати настаните се поголеми од луѓето. Луѓето ретко можат да ги разликуваат противструите, скриените сили, кои ги осуетуваат нивните најдобронамерни планови.
Седумстотини години пред Исус, во деновите на пророкот Исаија, еврејските водачи планирале безбедност преку меѓународни договори со соседните земји на начин кој може да се спореди со она кое се случува денес. И во тие денови религиозните водачи го поддржувале она што го правеле политичарите. Но Исаија предупредил: „Договарајте се, договорот ќе ви се разбие; речете збор, од него нема да биде ништо“ (Исаија 8:10, Даничић–Караџић). Нивниот план се свртел во несреќно промашување. Дали би можело истото да се случи и денес?
Да, би можело, бидејќи преку истиот пророк, Бог објавил дека Тој има свој сопствен начин за донесување безбедност на Земјата. Тоа нема да биде преку некоја човечка организација, туку преку еден потомок на израелскиот цар Давид (Исаија 9:6, 7). Овој Наследник на царот Давид е Исус Христос кој, кога бил сослушуван од Понтиј Пилат, соопштил дека бил цар, но рекол: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 18:36, NW; Лука 1:32). Всушност, Исусовото Царство требало да биде небеско. И тоа — а не Обединетите нации или која и да е земска организација — треба да донесе трајна, доверлива безбедност на оваа Земја (Даниел 2:44).
Исус Христос прорекол дека неговото Царство ќе почне да владее од небото во време кога ќе има „војни и воени извештаи“, кога „нација ќе се дигне против нација и царство против царство“. Исполнувањето на ова пророштво ја обележува 1914 година како време кога се случило тоа, и ги идентификува годините оттогаш па наваму како „завршеток на системот на работите“ (Матеј 24:3, 6-8, NW).
Што значи тоа? Дека времето кое преостанува за овој сегашен светски поредок е ограничено и набргу ќе истече. Дали е тоа причина за загриженост или жалост? Не, ако се сетиме на свирепостите, неправдите, угнетувањата, војувањата и на сите страдања кои го обележале овој систем на работи. Секако ќе биде олеснување да се биде под таков владетел за кого Божјата Реч, Библијата вели: „На него ќе почива духот Јахвин, духот на мудрост и умност, духот на совет и јакост, духот на знаење и стравот Господов“ (Исаија 11:2, Стварност).
Вистинска безбедност на Земјата
Всушност, на Земјата нема да постои вистинска безбедност сѐ додека, под Божјето Царство, во светски размери не се исполни пророштвото на Исаија: „Јас создавам ново небо и нова земја, а поранешните нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат“ (Исаија 65:17). Без разлика колку молитви религиозните водачи упатуваат во полза на овој свет, човечките планови за меѓународна безбедност не можат да го заменат Божјиот начин за донесување мир и безбедност.
Светската, трајна безбедност којашто Божјето Царство ја објавува, ќе биде величествена. Еве само еден опис што се наоѓа во Библијата: „[Тие] ќе ги прековаат мечевите свои во плугови и копјата свои — во српови; и народ против народ нема да крене веќе меч, и нема веќе да се учат да војуваат; секој ќе седи под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да ги плаши, зашто устата на Господа [Јехова, NW] Саваот го изрекла тоа“ (Михеј 4:3, 4).
Само безбедноста што ја гарантира Бог лично може да биде трајна и доверлива. Затоа, наместо да имаш доверба во благородниците, зошто не ја ставиш својата доверба во него? Тогаш ќе увидиш дека се вистинити зборовите на псалмистот: „Среќен е оној кој го има напомош Богот Јаковлев, чија надеж е во Јехова, неговиот Бог, Творецот на небото и земјата, морето и сѐ што е во нив, Кој ја чува вистинитоста до недогледно време“ (Псалми 146:5, 6, NW).
[Рамка на страница 7]
Католичката црква и меѓународната политика
„Иако Христос рекол дека неговото Царство ‚не било од овој свет‘, високите духовници и папството како институција имале длабоко учество во меѓународните и националните политички борби уште од времето на Константин“ — „The Catholic Church in World Politics“ („Католичката Црква во светската политика“) од проф. Ерик Хенсон од језуитскиот универзитет Санта Клара.