ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w91 15/8 стр. 8-12
  • Потрагата по слобода во Сенегал

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Потрагата по слобода во Сенегал
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Поднаслови
  • ’Јехова сака да ја имате оваа зграда‘
  • Во служба со мисионери
  • Ослободени да тежнеат кон полновремена служба
  • Полигамија наспроти христијанска моногамија
  • Обожавање на амајлии наспроти вистинското обожавање
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
w91 15/8 стр. 8-12

Потрагата по слобода во Сенегал

ВЕДНАШ до брегот на Дакар, модерниот главен град на Сенегал, лежи малиот остров Горе. На островот стои пустиот потсетник на еден мрачен период од историјата — куќа за робови изградена во 1776.

Таа е една од многуте такви куќи во кои биле затворани од 150 до 200 робови во бедни услови до три месеци, пред да бидат транспортирани во далечни места. Семејства биле разделувани, за да членовите никогаш повеќе не се видат едни со други; таткото можел да биде испратен во Луизијана во Северна Америка, мајката во Бразил или Куба, а децата во Хаити, Гвајана или Мартиник. Колкаво омаловажување на човековата слобода! Тоа е исто така силен потсетник дека слободата е скапоцена привилегија која не секогаш ја имале сите луѓе.

Тоа го научив од туристичката брошура која ја читав во авионот на пат за Сенегал, најзападната земја од големата испакнатина на Западна Африка. Саваните на Сенегал лежат меѓу пустини на север и исток и густи џунгли на југ. Овде може да се најде величественото, долговечно дрво баобаб, со својот чуден плод наречен мајмунски леб, од кој се прави винска киселина. Ова е исто така земја на мајмуни и разнобојни птици и необични села удобно сместени во шумичките од манго дрвја.

Седев опуштено и размислував за мојата долгоочекувана посета на оваа порта на Западна Африка. Денес Сенегал, со своите седум милиони жители со најразлично етничко потекло, се радува на целосна слобода. Но дали е можно некој да биде физички слободен, а сепак да биде заробен од обичаите и суеверијата кои му ја крадат вистинската слобода? Едвај чекав да се сретнам со моите духовни браќа и од прва рака да чујам за напредокот на вистината во тој дел од светот која ги ослободува луѓето (Јован 8:32).

’Јехова сака да ја имате оваа зграда‘

На мојот дневен ред прво беше посетата на подружницата на Стражарска кула и мисионерскиот дом во Дакар. Кога пристигнувавме во модерната зграда во едно мирно предградие, забележав едно големо Ј отспреди. Првото прашање при разгледувањето на подружницата беше што значи она Ј.

”Тоа е многу интересно“, објасни мојот водач. ”Кога баравме поголеми простории за подружницата во 1985, ја посетивме оваа зграда која беше во изградба. Но, сметавме дека беше преголема за нашите потреби. Кога сопственикот дозна дека сме Јеховини сведоци, многу сакаше да ни ја даде зградата под наем бидејќи знаеше за нашата чесност. ’Сигурен сум дека вашиот Бог Јехова сака да ја имате оваа зграда‘, рече тој. ’Погледнете! Има дури и едно големо Ј отспреди! Кога ја ставив, мислев да го означува моето име Џон [англ.: John], но сега сум сигурен дека го означува Божјето име, Јехова!‘ Ние сме среќни што бевме во оваа добра зграда во последниве пет години.“

Потоа сакав да знам како започнало делото на проповедање во Сенегал.

”Ослободувачките води на вистината во раните 1950-ти во Сенегал ги донел еден Јеховин сведок од Франција кој имал склучено договор за работа. Во 1965 беше отворена подружница во Дакар да се грижи за работата во франкофоните земји Сенегал, Мали и Мавританија, како и Гамбија во која се зборува англиски. Од 1986 се грижиме и за делото во Гвинеја-Бисао, каде се зборува португалски.“

Знаејќи дека повеќе од 90 отсто од населението тука се нехристијани, прашав каков напредок е постигнат. ”Вистина е дека на многу луѓе во овие земји Библијата не им е позната“, ми рече водачот, ”но делото сигурно тече. Во јануари 1991 се радувавме што имавме 596 објавитела на Царството. Тоа покажува дека месните браќа и мисионерите работеле многу напорно.“

”Слушнав дека овде служат многу мисионери“, забележав јас.

”Да, имаме околу 60 кои се доделени во различни територии за кои се грижиме, а дојдоа од 13 земји. Работат напорно и во голема мера придонесоа делото да се постави на цврсти нозе. Тој дух го одразуваат и месните браќа во својата љубов и ревност за вистината. И покрај тоа што се соочуваат со проблеми како невработеност и многу ограничени материјални средства, многу браќа поминуваат по 15 и повеќе часа во службата на проповедање секој месец. Се надеваме дека ќе се запознаеш со некои од тие ревни работници при твојата посета.“

Едвај чекав да го сторам тоа.

Во служба со мисионери

Маргарет (која била во мисионерска служба преку 20 години сѐ до нејзината неодамнешна смрт) се понуди да ме земе со себе на својот терен во центарот на градот. Отидовме со кар рапид (брза кола) за да осетиме малку од тамошниот живот. Всушност тоа е мал автобус кој често застанува. Тој носи 25 патници, и ако сите се витки, тоа патување може да биде удобно. Двете госпоѓи кои седеа до мене на клупата воопшто не беа слаби, но јас ја прифатив ситуацијата со насмевка.

”На мојот терен во центарот на градот можат да се видат многу интересни работи“, објаснуваше Маргарет кога стигнавме до нашата цел. ”Ги гледаш оние шарени сандали?“, ме праша покажувајќи на неколку тезги долж тротоарот. ”Направени се од обоена овча и козја кожа.“ Им пријдовме на сандалџиите и Маргарет го започна својот увод на нивниот јазик, волоф. Тие внимателно слушаа и беа одушевени од сликите на Адам и Ева во разнобојната брошура.

За кратко време дојдоа до нас улични продавачи, овде познати како луѓе бана-бана, кои нудеа најразлични предмети. Некои имаа метли; други нудеа облека, брави, лекови, портофели, портокали, па дури и живи птици. Еден сакаше да ми продаде кора, жичен инструмент направен од половина тиква, со врат од прачка; на него се свири со двете раце. Забележав дека отпозади имаше еден мал лик на маска направен од кожа, рог од јарец и мали школки за ”среќа“. Објаснивме дека не би купиле ништо што е украсено со знаци кои можат да бидат поврзани со маѓија или нехристијански обичаи. На наше изненадување, човекот бана-бана се согласи, укажувајќи дека е муслиман. Ја сокри кората под својата долга наметка, или бубу, и внимателно слушаше додека Маргарет ја нудеше брошурата, која беше на арапски. Толку се воодушеви што почна веднаш да ја чита на самото место. Откако најсрдечно ни се заблагодари, си замина со брошурата и со непродадената кора. Бевме уверени дека дома ќе ја проучи брошурата.

Подоцна разговарав со Џон, кој исто така е мисионер преку 20 години.

”Луѓето овде се многу пријателски настроени, и можеш да разговараш со скоро секого што ќе го сретнеш“, ми рече Џон. ”Популарниот поздрав ’асалам алајкум‘ значи ’мир со тебе‘, и повеќето луѓе се мирољубиви. Ова е земјата на теранга, или гостољубивост, и се изразува со доброљубивост, човечка топлина и веселост.“ Почна да ми станува полесно да сфатам зошто толку многу млади странски Сведоци можеле да ги остават своите семејства и пријателите за да служат на ова мисионерско поле.

Ослободени да тежнеат кон полновремена служба

Мисионерскиот дух имаше длабоко влијание на месните Сведоци. Тоа е особено видливо бидејќи распространетата невработеност предизвикува полновремената пионерска служба да биде вистински предизвик. Марсел и Лисиен, кои биле ослободени од многу штетни навики преку учење на библиските вистини, објаснија:

”Сакавме да ја покажеме нашата благодарност со стапување во пионерската служба. Но, беше тешко да се најде работа со скратено работно време. Се обидовме со градинарство, но не одеше. Перењето алишта [како работа] ни одземаше премногу време. Сега работиме како пекари во соработка со некои продавници кои се наши редовни муштерии, и тоа добро ни оди.“ Јасно дека им требало доста голема вера и досетливост, како и искрен напор, но ова докажува дека е можно да се стапи во полновремена служба дури и кога економските услови се тешки.

Кога Јеховините сведоци почнале да ја проучуваат Библијата со Мишел, тој студирал на универзитетот во Дакар. ”Бев во депресија поради неморалниот дух на многумината студенти, и ме мачеа збунувачки прашања“, раскажуваше тој. ”Зошто човекот е заробен со такви штетни постапки и услови? Библијата ми ги даде одговорите. Како некој товар да ми падна од грбот. Иако родителите настојуваа да ги продолжам студиите, ја прифатив помошната пионерска служба, а потоа служев како општ пионер во преостанатото време кое би го поминал на универзитетот. Споделувањето на добрата вест со другите како пионер, а не тежнеењето кон кариера во систем кој наскоро ќе заврши, ми донесува најголема радост.“ Мишел сега служи како посебен пионер во ’Мбур.

Полигамија наспроти христијанска моногамија

Месните обичаи не се секогаш во согласност со христијанските начела и можат да претставуваат единствени предизвици. Алиун, претседавачкиот надгледник во едно од шестте собранија на Јеховини сведоци во Дакар и околината, раскажува: ”Кога првпат ја слушнав ослободувачката вистина, имав две жени. Како активен муслиман, мојата религија ми дозволуваше да имам дури и повеќе. Татко ми имаше четири, а повеќето мои пријатели имаа по неколку. Тоа е обичај овде во Африка.“ Но кој бил резултатот на таквиот начин на живот?

”Да се има повеќе од една жена може да создаде многу проблеми“, објасни Алиун, ”особено што се однесува до децата. Имам десет деца со првата жена и две со втората. Во таквите семејства, таткото е често странец за своите деца, и тие немаат никаква корист од неговата помош и стега. Патем речено, полигамијата не ме заштити од прељуба. Ме заштити самосовладувањето, плод на Божјиот дух.“ И што направил Алиун?

”Направив така што мојата втора жена ја вратив во домот на нејзините родители“, продолжи тој, ”и тактично објаснив дека не сум нашол ништо лошо кај неа, но дека тоа е во согласност со Божјите барања. Направив посебни подготовки да ги згрижам за сите мои деца материјално и духовно, и благодарен сум што денес и тие му служат на Јехова. Од деветте кои се објавители, пет се крстени, две служат како посебни пионери, а другите три како општи и помошни пионери. Вистината навистина ме ослободи од многубројните проблеми поврзани со одгледување деца.“

Обожавање на амајлии наспроти вистинското обожавање

Следното на мојот дневен ред беше посетата во областа Казаманс на југ. Бев импресиониран колку свежо и зелено изгледаше сѐ наоколу. Добро наводнета на околу 300 километри по должината на силната река Казаманс, оваа област произведува изобилство од ориз, пченка и кикирики. По селскиот предел се раштркани округли колиби на два ката, со сламени покриви во вид на инка за да ја собираат дождовницата за сувата сезона. Главниот град, Зигиншор, е изграден во засолниште од огромна палмова шума. Ми беше драго да се запознам со тамошното ревносно собрание на Јеховиниот народ.

Доминик, мисионер кој работи во Зигиншор и околината, ми раскажуваше дека делото на проповедање во оваа област многу добро напредува. ”Само пред десет години“, рече тој, ”имаше 18 објавители во собранието во Зигиншор. Сега има 80. За да се погрижиме за овој огромен пораст, изградивме прекрасна нова Царска сала од црвена глина што ја најдовме токму на локацијата на салата. Изградбата се покажа како големо сведоштво за околината. Оние кои набљудуваа како луѓе од толку многу племиња мирољубиво работат заедно, дадоа поволни коментари. На неодамнешниот покраински конгрес, највисокиот број на присутни беше 206, а четворица беа крстени.“

Многу луѓе во овој дел од Сенегал сѐ уште ги следат анимистичките верувања на своите претци, и обожаваат амајлии иако тврдат дека се христијани или муслимани. Внимателно ја слушав приказната што ја раскажа Виктор, старешина во собранието Зигиншор.

”Роден сум во Гвинеја, во големо семејство кое обожаваше амајлии. Кога сум се родил, татко ми ме посветил на некаков дух, или демон. За да ја придобијам неговата наклоност, редовно вадев од под креветот еден мал црн куфер, поставував мал жртвеник и принесував жртви од крв на рогот кој го претставуваше мојот демонски заштитник. Дури и откако станав католик, уште се чувствував заробен од демоните. Откако се преселив во Сенегал, Јеховините сведоци почнаа да ја проучуваат Библијата со мене. Жена ми и јас дознавме дека не можеме да продолжиме ’да јадеме од масата Јеховина и од масата на демоните‘ (1. Коринтјаните 10:21, NW). Но, кога престанав да принесувам жртви, демоните почнаа да нѐ напаѓаат. Се плашев да го исфрлам црниот куфер со сите демонски предмети бидејќи знаев за еден човек кој потполно го загуби умот кога го стори тоа.“ Во каква очајна ситуација се наоѓал Виктор!

”Конечно зборовите од Римјаните 8:31, 38, 39 ни ја дадоа потребната сила да се ослободиме од сѐ што беше поврзано со обожавање на амајлии. Сега која ја имаме ставено нашата доверба во Јехова, вистински сме ослободени. Целото мое семејство ја има прекрасната надеж за бескраен живот во земскиот рај каде целото човештво ќе биде ослободено од влијанието на злите демони.“

Конечно, дојде време да си одам. Додека ги пакував куферите, размислував за мојата незаборавна посета на Сенегал. Колку само беше зацврстена мојата вера што се запознав и разговарав со толку многу луѓе кои се ослободиле од ропството на злоупотребата на дрога, неморалот и суеверието и кои сега се радуваат на вистинската слобода. И покрај тешките економски прилики, сепак наоѓаат радост и задоволство да му служат на Јехова, кој им ја дал сигурната надеж за бескраен живот на рајската Земја. Колку сме му благодарни што овозможил добрата вест да биде објавена не само во Сенегал туку и ширум светот во ”годината на милоста Јахвина“! (Исаија 61:1, 2, Ст; Прилог од дописникот).

[Карта на страница 8]

(Види во публикацијата)

СЕНЕГАЛ

Сент Луис

Луга

Тиес

Дакар

Коалак

ГАМБИЈА

Банџул

[Слики на страница 9]

Ослободувачките води на вистината слободно се споделуваат по селата

Мисионерски дом и подружница на Друштвото Стражарска кула во Дакар, Сенегал

[Слика на страница 10]

И по должината на брегот, луѓето од Сенегал ја слушаат христијанската порака

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели