Возбудлив извештај од Советскиот Сојуз
Радосна кулминација на сто години сведочење
”РЕГИСТРАЦИЈА на повелбата на Управниот центар на верската организација на ’Јеховини сведоци во СССР‘.“
Тоа е преводот на првите зборови од документот на руски јазик кој е репродуциран на оваа страница. Навистина тие зборови се одговор на многу молитви. Документот го потпиша и го завери со печат главниот службеник на Министерството за правосудство на РСФСР (Руската Советска Федеративна Социјалистичка Република). Тоа значи дека Јеховините сведоци се призната верска организација во целиот СССР. Така дојде до пресвртница во нивната стогодишна историја во таа голема земја.
Многу мал почеток
Стогодишна историја? Да. Во денешни времиња, првиот познат проповедник на добрата вест во таа земја беше Чарлс Тејз Расел, кој во 1891 извести посета на таа земја. Во изданието на Zion’s Watch Tower and Herald of Christ’s Presence од септември 1891, тој известува дека патувал во Кишињев во Русија, за време на своето патување по Европа. Таму се сретнал со извесен Јосиф Рабинович кој верувал во Христос и се трудел да им проповеда на еврејските семејства во таа област. Расел подробно известува за својата средба со Рабинович и за нивните длабоки, интересни разговори за Царството.
Добрата вест повторно се слуша
После посетата на Расел, малку се чуло за сведочење во земјата која е сега СССР, но тоа не значи дека ништо не било постигнато. Три собранија од Советскиот Сојуз во 1927 испратиле до Друштвото извештаи за своите состаноци за Спомен-свеченоста. Но, изгледало дека немало брз напредок сѐ до крајот на Втората светска војна. Таа војна довела до драматични преместувања на многу луѓе во Европа. Една непредвидена последица на тие движења било огромното продирање на проповедници на Царството во Советскиот Сојуз.
На пример, изданието на Стражарска кула од 1. февруари 1946 известува: ”Повеќе од илјада објавители кои порано проповедаа на украински јазик во источниот дел на Полска сега се преместени во внатрешноста на Русија. (...) Освен тоа, стотици браќа кои живееја во Бесарабија, порано дел од Романија, сега исто така се жители на Русија и продолжуваат со своето дело на создавање ученици меѓу сите народи.“
Понатаму, за време на Втората светска војна многу советски граѓани поднесоа страдања во нацистичките концентрациони логори. Кај некои од нив овие тешки доживувања доведоа до неочекувани благослови. Еден извештај зборува за извесен број млади руски жени кои биле затворени во Равенсбрук. Таму се запознале со Јеховини сведоци, реагирале на вистината и напредувале до крштение. Слични работи се случиле и во други логори. Кога овие новокрстени сведоци биле ослободени по војната, со себе во Советскиот Сојуз ја однеле добрата вест за Царството. На тој начин Втората светска војна доведе до брз пораст на бројот на објавители на Царството на подрачјето на Советскиот Сојуз. Во 1946 беше проценето дека таму делуваат 1 600 објавители.
Проповедање во затвор
Затворите и понатаму играа главна улога во ширењето на добрата вест во Советскиот Сојуз. После војната, властите погрешно ги сметаа Сведоците за опасност и многумина беа затворени. Но, тоа не го прекина нивното проповедање. Како би можело кога вистински веруваа дека веста за Божјето Царство е најдобрата вест за човештвото? Така за многумина од нив затворот станал нивно подрачје, а многу затвореници кои ги слушнале се оѕвале. Еден извештај од 1957 кажува: ”Од сите за кои се знае дека денес се во вистината во Русија, се дојде до заклучок дека 40% од нив ја прифатиле вистината во затвор и во логори.“
Дали Сведоците биле обесхрабрени од оваа постојана опасност од затворање? Не, никако! Еден извештај од 1964 вели: ”Во тие логори има сведоци на Јехова кои се таму по втор или трет пат бидејќи не престанале да ја проповедаат веста откако беа отпуштени.“ Други, продолжува извештајот, биле криминалци кои биле осудени на затвор или логор и кои случајно се сретнале со Сведоците додека биле таму. Ја прифатиле вистината и напредувале до крштение пред своето отпуштање.
Попуштање на притисокот
Кон средината на 1960-те, властите прифатиле помалку строг став спрема Сведоците. Очигледно сфатиле дека Јеховиниот народ никако не е опасност за јавниот закон и ред. Иако активностите на тие понизни христијани сѐ уште не биле озаконети, биле изложени на помалку затварања и претреси на нивните домови, и биле благодарни што притисокот попуштил. Нивна главна желба била да продолжат да го живеат својот христијански живот и да работат на тих, благ и мирољубив начин, колку што тоа зависело од нив (Римјаните 12:17-19; 1. Тимотеј 2:1, 2).
Во 1966 сите оние кои биле протерани во Сибир на долго време биле ослободени и им било дозволено да одат каде што сакаат во земјата. Многумина се вратиле дома после долги години отсуство, но некои решиле да останат во тоа плодно подрачје. Но не сите кои се вратиле дома одлучиле и да останат. Една сестра, која како млада девојка била депортирана во Сибир со своето семејство, се вратила со своите родители во западна Русија. Но останала само кратко време. Толку го сакала понизниот и гостољубив народ на Сибир што го напуштила своето семејство и се вратила на исток за да продолжи да им проповеда на тие приемливи луѓе.
Едно карактеристично искуство од тоа време е поврзано со еден брат кој се преселил од еден град во друг. После извесно време пронашол уште двајца Сведоци. Тројцата се молеле за помош и наскоро стапиле во контакт со една млада жена која ѝ припаѓала на Грчката православна црква. Таа брзо ја прифатила вистината и ги одвела браќата до уште двајца заинтересирани — својата мајка и помладата сестра. Извештајот заклучува: ”Денес со тие браќа се поврзани 40 луѓе, од кои 30 дознале за вистината во последните шест месеци.“
Меѓутоа, Јеховините сведоци беа спречувани во нивната активност поради недостиг на законско признание. Состаноците се одржуваа претпазливо. Проповедањето се вршеше внимателно. Сѐ уште беше можно затворање, а отвореното сведочење од куќа до куќа беше невозможно. Меѓутоа, и покрај тоа, овие верни советски христијани продолжија верно да му служат на својот Бог и да бидат добри граѓани на својата земја (Лука 20:25). Изразувајќи го нивното гледиште, еден од нив напишал: ”Величествена предност е да се издржат сите испити и да се остане верен на Јехова Бог, да се слави Бог сиот свој живот за да се добие вечен живот од Јехова Бог преку Исус Христос.“ Колку прекрасен пример на истрајност и верност биле овие советски Сведоци!
Конечно озаконување!
Во земјите поврзани со Советскиот Сојуз во 1988 работите почнаа да се менуваат. Почна да преовладува клима на поголема слобода, а земјите кои ја ограничуваа активноста на Јеховините сведоци почнаа да присвојуваат нови правци на политика. Полска, Унгарија, Романија и други земји им доделија законско признание на тие искрени христијани, дозволувајќи им да делуваат слободно и без страв од присилни мерки. Колку среќни беа овие последни три години во источна Европа! Колку само браќата во тие земји ја прифатија предноста на својата новодобиена слобода за ширење на мирољубивата вест за Царството! И колку само Јеховините сведоци од останатиот свет се радуваа со нив!
Советските Сведоци веќе извлекоа корист од својата проширена слобода. Илјадници од нив — некои дури од пацифичкиот брег на Азија — присуствуваа на значајниот конгрес кој означи почеток на нова епоха, на конгресите во Полска 1989 и повторно во 1990, кога во Варшава беа присутни 17 454 Сведоци од Советскиот Сојуз. Какви само спомени понесоа со себе! Повеќето од нив никогаш не вршеле обожавање со повеќе од еден грст сохристијани. Сега беа во мноштво од десетици илјади!
Се вратија во Советски Сојуз кој стануваше сѐ повеќе попустлив. Сведоците ширум светот посматраа и се прашуваа: Кога Јеховините сведоци ќе бидат озаконети во Советскиот Сојуз? Па, тоа се случи во 1991 — точно сто години по посетата на Чарлс Тејз Расел! На 27. март 1991, ”Управниот центар на верската организација на Јеховините сведоци во СССР“ беше заведен во документ кој во Москва го потпиша министерот за правосудство на РСФСР. Каков вид на слобода им е дадена на Сведоците?
Законската повелба на новорегистрираното тело ја вклучува следната објава: ”Целта на Верската организација е спроведување на религиозното дело на објавување на името на Јехова Бог и неговите љубезни подготовки за човештвото преку своето небесно Царство под Исус Христос.“
Како ќе биде направено тоа? Начините кои се наброени вклучуваат јавно проповедање и посетување на домовите на луѓето; поучување за библиските вистини на оние кои се спремни да слушаат; водење на бесплатни библиски студии со таквите со помош на публикации за проучување на Библијата, и подготовки за преведување, увоз, печатење и растурање на Библии.
Документот исто така дава краток приказ на организацијата на Сведоците под Водечкото тело, вклучувајќи ги собранијата со старешинства, претседавачкиот одбор [на подружницата] од седум члена за таа земја, и покраинските и обласните надгледници.
Навистина, Јеховините сведоци сега можат слободно и отворено да делуваат во Советскиот Сојуз, како што тоа го прават во многу други земји. Замисли ја радоста на петтемина од седум члена на Претседавачкиот одбор и петтемина долгогодишни собраниски старешини кои ја имаа предноста да го потпишат овој историски документ и да видат како се потврдува со печат од управителот на Одделот за регистрација на јавни и религиозни заедници! Соодветно на тоа беа присутни Милтон Хеншел и Теодор Џерец од Водечкото тело на Јеховините сведоци, за да бидат очевидци на тој значаен настан. Од групите кои РСФСР ги призна, Јеховините сведоци први го примија својот службен документ за регистрација. Каква награда за тие верни руски браќа после толку многу години на стрплива истрајност!
Јеховините сведоци во другите земји им се благодарни на советските власти кои ја доделија таа легализација. Особено му се благодарни на Јехова од сѐ срце за новата слобода на своите советски браќа. Тие се радуваат со другите Сведоци во СССР и другите источноевропски земји кои сега можат да му служат на Јехова Бог многу послободно. Нека Јехова богато ги благослови додека потполно ја користат таа слобода во славењето на неговото свето име.
[Слика на страница 9]
Кремљ во Москва
[Слика на страница 10]
Руски делегати на еден конгрес 1990 надвор од Советскиот Сојуз