Објавување на добрата вест во ”новозеландскиот полинезиски град“
”НАЈГОЛЕМИОТ полинезиски град на светот.“ Така некои ја нарекле метрополата на Нов Зеланд, Оукленд. Зошто? Не само затоа што е дом на новозеландските Полинежани, Маорите, туку и затоа што овде живеат десетици илјади други Полинежани. Во минатите години тие емигрирале од Западна Самоа, Куковите острови, Тонга, Ниуе и другите пацифички острови. Навистина, денес на Нов Зеланд живеат повеќе Маори од Куковите острови отколку што ги има на сите Кукови острови! Исто така, ниуеанските жители на Оукленд по бројот далеку ги надминуваат оние на Ниуе.
Иако тие пацифички островјани прешле во Оукленд првенствено од економски причини, сепак имале и други потреби кои требало да се задоволат. Една од поважните потреби за тој народ кој во суштина ја сака Библијата, била и нивната духовна потреба (Матеј 5:3). Уочувајќи го тоа, Јеховините сведоци на Нов Зеланд вложиле значителен напор да им ја објават ’добрата вест за Царството‘ на тие островјани (Матеј 24:14). Што е направено во тој поглед и како реагирале островјаните?
Самоанците напредуваат
Објаснувањето од мисионерите во Самоа ни говори нешто за гледиштето на островјаните за духовните работи. ”Кога првпат ќе сретнете некого на Нов Зеланд, обичај е да се интересирате за неговите световни преокупации“, објаснува тој. ”На Самоа првото прашање обично се однесува на нечија религиозна припадност.“ Затоа не изненадува што двете собранија од самоанското говорно подрачје во Оукленд растат со многу побрзо темпо од просечното собрание на Нов Зеланд.
Првото самоанско собрание во Оукленд е основано 1977. Поради порастот даден од Бог, второто е оформено по седум години. (Спореди 1. Коринтјаните 3:6.) Во тие две собранија се наоѓаат вкупно 154 објавители на Царството, од кои 12 се активни во полновремената служба. На неделните состаноци што се одржуваат во Царската сала просечно присуствуваат повеќе од 275 лица.
Самоанските браќа и сестри сериозно ја сфаќаат својата вера, кое се покажува во ревноста и решителноста со која го извршуваат своето проповедање на Царството и создавањето ученици (Матеј 28:19, 20). Тоа може да се забележи од следното искуство на една самоанска сестра:
Во службата од куќа до куќа сестрата сретнала една жена која ги означила сите религии како лицемерни и ја треснала вратата. Запрепастена и разочарана, сестрата се прашувала што да прави. ”Не можам да ја оставам во уверување дека Јеховините сведоци се лицемери“, размислувала таа. Затоа решила да остави порака. ”Накратко ѝ го објаснив библискиот темел на мојата активност и замолив да ми даде малку време и да ѝ ја објаснам надежта што ја дава Библијата. Исто така го запишав и својот телефонски број.“
Потоа сестрата продолжила со својата служба посетувајќи ги другите домови. Кога стигнала до четвртата куќа низ улицата, ѝ била врачена телефонска порака да се врати кај жената која порано луто ѝ ја треснала вратата. ”Жената се извини поради својата првобитна реакција“, раскажува сестрата, ”и покажа ценење за пораката која ѝ ја оставив. Уследи плодна дискусија и беше воспоставена домашна библиска студија.“
Исто така е одушевувачки да се набљудува покажувањето на самопожртвуван мисионерски дух од страна на некои самоански Сведоци. Еден брат и неговото семејство во 1981. се преселиле од Оукленд во Велингтон за да ѝ помогнат на малата група која дејствувала таму меѓу самоанските жители. Од сѐ на сѐ 11 објавители на Царството во тоа време, се развило собрание од 47 објавители. ”Наградите далеку ги надминаа жртвите“, рекол братот. Неодамна тој и неговото семејство одговориле на ’повикот од Македонецот‘ и се преселиле назад во Западна Самоа (Дела на апостолите 16:9, 10). Други исто така се вратиле на поранешните места на живеење и прифатиле специјална пионерска, мисионерска или бетелска служба.
Ниуеанскиот одговор
Делото на проповедање исто така напредувало меѓу Нуиеанците во Оукленд. Патувачкиот надгледник известува: ”Во службата од куќа до куќа вообичаено е поканувањето в куќа. Семејната Библија е обично при рака и се смета нормално да се разговара за неа.“
Во Оукленд сега постои многу активно ниуеанско собрание. Во текот на минатогодишната посета на патувачкиот надгледник, 76 објавители на Царството здружени со тоа собрание биле во состојба да им изразат добредојде на 127 лица на јавното библиско предавање одржано во неделата. Помеѓу браќата и сестрите владее прекрасен дух.
”Посетата беше сметана за посебна недела на охрабрување за сите“, забележува патувачкиот надгледник. ”Секоја вечера е настан/работа во/на собранието. А тоа се прилики за послужување на ниуеански специјалитети, како што се такихи (јадење од папаја, тарос [тропски растителен корен] и крем од кокосов орев завиткан во лисја од банана), питако (леб направен од тарос, бабани и тапиока) и пуну пови (конзервирано солено говедско месо), за кое понекогаш во шега се вели дека за островјаните е говедска шницла.“
Публикации на полинезиски јазик
За да ги задоволи духовните потреби на полинезиските жители во Оукленд и на други места, Друштвото Стражарска кула подготви издавање на бројни библиски публикации на полинезиски јазици. На пример, на раротонга, маорски јазик од Куковите острови, Стражарска кула се објавува полумесечно. Месечната ниуеанска Стражарска кула исто така добро е прифатена. Тиражот на раротонганските и ниуеанските изданија на Стражарска кула сега изнесува околу 1 000 примероци на секој од тие јазици, а околу 900 примероци од самоанските изданија се во оптек во Нов Зеланд.
Понатаму, покрај Стражарска кула достапни се и бројни книги и брошури на разни полинезиски јазици. Книгата Вистина која води до вечен живот, објавена на ниуеански 1989, е првата публикација на тој јазик која овозможува разбирање на темелните библиски науки. Посебно делотворна на маорското (раротонга) подрачје од Куковите острови е книгата Ти можеш засекогаш да живееш во Рајот на Земјата на тој јазик. Практично сите домашни библиски студии се водени со помош на таа книга. ”Потврда дека таа беше успешна помош“, известува еден старешина, ”е спремноста со која интересентите започнаа да присуствуваат на собраниските состаноци.“
Како додаток на нивното вообичаено растурање на тие публикации од куќа до куќа, Јеховиниот народ дал многу литература во облик на т. н. сведочење на пазариште. Поради експлозијата на полинезиската популација во Оукленд во последните години никнаа големи пазаришта со привремени шатори за трговија специјализирани за храна и занаети од пацифичките острови. Дури и по 25 000 луѓе можат да дојдат на таквото пазариште во сабота наутро. Мудро користејќи ја таа прилика, Сведоците заминуваат на тие пазаришта и со сопствениците на шаторите и купувачите разговараат за Божјето Царство.
Преку својата служба Јеховините сведоци биле во состојба да посеат изобилно семе на Царството и да му поделат голема количина на библиска литература на полинезискиот народ. Подружницата на Друштвото Стражарска кула известува дека во текот на службената 1990. година од печатницата се отпремени 23 928 примероци литература на полинезиски јазик.
Радување на една духовна трпеза
Свесни за своите духовни потреби, полинезиските Сведоци му придаваат голема важност на присуствувањето на седмичните собраниски состаноци во Царските сали, како и на нивните покраински и обласни конгреси (Евреите 10:23-25). На Обласниот конгрес ”Божествена правда“ одржан во Оукленд во декември 1988, одржана е посебна програма на самоански, ниуеански и маорски јазик од Куковите острови. Кулминација на самоанската програма беше долго прераскажуваната и одушевувачка библиска драма. Оуклендските, ниуеанските и Сведоците од Куковите острови ја покажаа својата христијанска гостољубивост послужувајќи како услужливи домаќини за посетителите од нивните острови на кои се родени. Конгресот се покажа како прилика за гозба и радување на Јеховината духовна трпеза. На конгресот ”Чист јазик“ во Оукленд 1990. на предавањата на самоански присуствуваа 503 лица.
Позитивната реакција на веста на Царството е јасен доказ дека народот од јужнопацифичките полинезиски острови ’чекал на Јеховиниот закон‘. (Спореди Исаија 42:4, 12.) За возврат, тие радосно учествуваат во објавувањето на добрата вест во новозеландскиот ”полинезиски град“.