Исповедување на гревовите — што не е во ред?
”ИСПОВЕДУВАЊЕТО е духовно прочистување, начин да се започне одново и да се исчисти минатото. Ми се допаѓа кога одам на исповедање и кога му ги кажувам на свештеникот своите гревови, кога добивам прошка и еуфоријата која следува.“ Така рекол еден побожен католик. — Благослови ме Оче, зашто грешев (Bless Me, Father, for I Have Sinned).
Според New Catholic Encyclopedia, ”Христос дури и на свештениците им ја дал или пренел моќта да врзуваат или отпуштаат, да простуваат или држат“ гревови. Истиот прирачник вели дека редовното исповедање може да ”ја поправи светоста на животот која е изгубена преку тешките гревови и . . . да ја исчисти совеста.“ Сепак, моралната клима во многу земји покажува дека редовното исповедање не ги наведува многу од оние кои го практикуваат да ’се свртат од злото, и да прават добро‘ (Псалми 34:14, NW). Дали нешто не е во ред?
Само ритуал?
Исповедувањето може да започне како обичен ритуал. Во Ирска, првото исповедање доаѓа непосредно пред првата причест. И дали е за изненадување што едно седумгодишно девојче повеќе мисли на убавиот, минијатурен невестински фустан што ќе го носи, отколку на ’поправањето на светоста на животот која е изгубена преку тешки гревови‘?
”Освен што добив пари од моите роднини, она што најмногу ме возбуди беше фустанот“, вели Рамона, која ја имала својата прва исповед на седум години. ”Знаев“, продолжува таа, ”дека кај ниедно од девојчињата немаше религиозно чувство. Никој од нас ниту мислеше на Бог во тоа време.“
Всушност, обврзувањето на малите деца редовно да ги исповедаат гревовите може да доведе до механичка рецитација. ”Секогаш и секогаш одново ги употребував истите стихови“, вели Мајкл, кој исто така почнал да се исповеда на седумгодишна возраст.
Коментарите од некои католици наведени во книгата Bless Me, Father, for I Have Sinned, покажуваат дека исповедувањето има мала духовна вредност за нив дури и кога ќе станат постари. ”Исповедувањето те учи да лажеш, бидејќи има некои работи кои едноставно не можеш да си дозволиш да му ги кажеш на свештеникот“, признава еден човек. Недостатокот на доследност помеѓу свештениците може да биде искористен за минимално покорување. Некои барале ”добар“ исповедник за да го добијат советот што сакале да го слушнат. ”После три месеци барање, го најдов мојот исповедник. Се гледаме секој месец во собата за исповедување, и извонреден е“, вели една млада жена. ”Ако си паметен, ќе најдеш свештеник кој е глув и кој не зборува англиски освен зборовите ’трипати здраво Марија‘, рекла една друга католичка.
Затоа е очигледно дека нешто не е в ред со исповедањето како што го практикуваат некои луѓе. Но, Библијата покажува дека постои потреба да се исповедаат гревовите, зашто таа вели: ”Кој ги крие своите гревови, нема среќа, а кој ги исповеда и се одрекнува од нив, наоѓа милост“ (Изреките 28:13, Стварност).
Дали ова значи дека еден христијанин треба да ги исповеда сите свои гревови? Ако да, пред кого? Следната статија ќе ги испита овие прашања.