Радосна истрајност на Средниот Исток
Овој возбудлив извештај доаѓа од Јеховините сведоци во Либан
НАШАТА службена 1990 година започна со жестоки артилериски напади на Бејрут. Потоа завладеа затишје кое траеше од крајот на септември 1989 до јануари 1990.
Во текот на овие месеци беше известен нов највисок број од 2 659 објавители (во ноември), во споредба со 2 467 во службената 1989. Беа крстени 44 лица, и секој месец, просечно 65 учествуваа во помошната пионерска служба. Во почетокот беа известени над 2 000 библиски студии, и почнавме да претчувствуваме што би можело да се постигне во иднина.
Но во Источен Бејрут, каде се наоѓаат повеќето собранија, повторно пламна војната, и десетици наши браќа мораа да побегнат во други делови од земјата. Повеќе денови немавме никаков контакт со собранијата во загрозените подрачја, и извештаите од службата беа некомплетни. Сепак, браќата кои беа раштркани, им се приклучија на собранијата во подрачјата кадешто побегнаа, и службата од куќа до куќа продолжи со добри резултати по целата земја. Во меѓувреме, многу куќи од нашите браќа беа или изгорени или оштетени од бомбардирањата. Една сестра го загуби животот.
Со доверба очекувавме помош и водство од Јехова. Храбрите пионери доброволно се понудија да направат духовни подготовки и да набават храна и вода за нашите браќа во подрачјата под опсада. Трогнати од љубовта спрема Јехова и браќата, тие дури ги ризикуваа и своите животи преминувајќи ги улиците кои беа минирани. Беше дадено добро сведоштво кога луѓето ја видоа помошта што им беше доделена на семејствата на нашите браќа. Тие видоа што сѐ може да направи правата љубов кога сите се обединети во обожавањето на единствениот вистински Бог, Јехова (Јован 13:34, 35; 15:13).
Во текот на службената година, браќата не пропуштија ниту едно издание од нашите списанија. Како што веќе беше случај со списанието Стражарска кула, и списанието Пробудите се! почна да излегува на арапски симултано со англискиот, почнувајќи со изданието од 8. јануари 1990. Сведоците и интересентите беа пресреќни. Исто така беше возбудливо да се видат и другите нови изданија на арапски, како брошурата Дали треба да се верува во Тројство? и книгите Библијата — Божја или човечка реч? и Мојата книга со библиски приказни.
Овие духовни дарови беа обезбедени и покрај тоа што во Бејрут се затворени многу фабрики и други установи. Економската ситуација е лоша насекаде низ земјата. Многу места немаат струја, вода и телефон. Сега да слушнеме некои од нашите браќа да ни раскажат како нашле радост дури и кога се соочени со воено пустошење кое трае 15 години.
”Позитивна страна“
Еден брат од Бејрут пишува: ”Пред сѐ, искрено му благодарам на Јехова што нѐ сочува во својата Организација на чисто обожавање и покрај сите тешки околности со кои бевме соочени. Во текот на неодамнешните настани имав неколку искуства кои ми донесоа радост, а јас ги сметам за нешто позитивно во војната.“
”Во текот на тешкото бомбардирање седевме со соседите на степениците, бидејќи тоа е најсигурно место при бомбардирање. Постојано зборувавме со нив за Божјето Царство како единствено решение за проблемите на човештвото, и често се молевме на Јехова Бог. Тоа им стана познато на сите.“
”Понекогаш бомбардирањето траеше со денови и не можевме да одржуваме состаноци. Затоа со себе зедов Стражарска кула и ја проучував додека седев на степениците. Тоа предизвика интересирање кај нашите соседи. Некои од нив не зборуваа со нас затоа што сме Јеховини сведоци. Но кога нашата куќа беше погодена од граната, беа восхитени од љубовта што ја покажаа нашите браќа. Затоа сакаа да разговараат со нас. Тоа ни даде прилика кај нив да направиме неколку претплати на Пробудите се!“
”Овие искуства ме охрабрија да продолжам да зборувам за вистината. Јехова го заслужува сето наше обожавање и сето наше почитување и слава.“
”Јеховиното име ми го спаси животот“
Еден брат од собранието Рас Бејрут раскажува: ”Мојата жена, двете мали деца и јас го започнавме нашиот ден во служба од куќа до куќа во западниот дел на Бејрут. Попладнето кај мене имавме состанок на англиски јазик. До 18.30 ч. попладне беше веќе темно. Единствените луѓе на улицата беа војниците. Бомбите паѓаа како дожд. Повеќето жители од нашите згради беа побегнати. Немаше ниту вода, ниту струја. Одеднаш слушнавме чукање на вратата.
”Мислевме дека можеби некој од нашите соседи бара вода или леб, и жена ми ја отвори вратата. Таму стоеја четворица вооружени луѓе. Ги вперија пушките во жена ми и прашаа за мене по име. Таа недела, девет мажи беа одведени од своите домови на таков начин и веднаш беа убиени. Кога вооружените луѓе ме видоа, ги вперија автоматите во мојата глава и наредија да појдам со нив. Јас им реков: ’Ќе одам со вас. Но првин да се облечам.‘ Му се молев на Јехова со сето срце, барајќи помош. Кога ја завршив молитвата, се чувствував многу полесно и почнав овие вооружени и застрашувачки луѓе да ги гледам како обични луѓе. Можев да зборувам со нив без страв.“
”Ги прашав: ’Што сакате од мене? Да поразговараме малку внатре пред да одиме.‘ Одеднаш во дневната соба нивниот шеф ме праша: ’Какво право имаш ти да влегуваш во куќите и да им проповедаш на луѓето?‘ Јас одговорив: ’Вие носите пушки за да ја наметнете вашата волја, и никој не ви стои на патот. Јас ја носам добрата вест на мирот за која Исус ни заповедал да ја проповедаме.‘ Тогаш го објаснив верувањето и делото на Јеховините сведоци. Штом го споменав Јеховиното име, тие рекоа: ’Доволно е што те испрашувавме овде. Нема потреба да те земаме со нас.‘ Очигледно дека еден од нив се знаеше со еден наш брат. Тој рече: ’Овој е како Џарџура.‘“
”Час и половина им сведочевме на овие војници и одговаравме на нивните прашања. Потоа, наместо да ме земат во приколицата од своето возило како што правеа со останатите, тие си извинија, ме поздравија, ја понудија својата помош ако некогаш ми затреба, и си заминаа. За сето време ја чувствував Јеховината заштита. Учеството во службата од куќа до куќа тоа утро и присуството на состанокот попладнето, ме охрабрија да останам цврст. Навистина, Јеховиното име ми го спаси животот.“ (Пословици 18:10).
”Јеховината заштита нѐ опкружуваше“
Еден друг брат од Бејрут пишува: ”Беше среда, 31-ви јануари, 1990. Додека со брат ми работевме во куќата на една сестра, повторно почнаа борбите. Насекаде експлодираа бомби. Поради жестокоста на борбите, не можевме да се вратиме дома. Сестрата беше многу гостољубива, иако имаше само неколку парчиња леб.“
”Бев многу загрижен за жена ми, бидејќи таа е Филипинка и не беше привикната на насилството на војната. Сепак, вториот ден можев да си одам дома. Улиците беа блокирани со купишта мебел, но благодарение на Јехова, моето семејство беше на сигурно. По кратко затишје, повторно почна тешкото бомбардирање. Се сокривме во станот на братот кој беше близу нашиот. Таму бевме петмина: мојата жена, двегодишниот син, јас, брат ми и неговата жена. Насекаде околу нас паѓаа бомби, шрапнели и проектили, но Јеховината заштита нѐ опкружуваше. Минаа два дена на тешко бомбардирање, додека лежевме на земја со чад од бомби во носот.“
”Додека ги слушавме експлозиите, се сетивме на Давидовите зборови од Псалми 18:1-9, 16-22, 29, 30. Во тие тешки моменти, и покрај сѐто она што се случуваше, бевме радосни и сѐ уште можевме да се смееме. Го молевме Јехова, ако треба да умреме, да умреме лесно, без страдање. Нашата надеж во воскресението беше силна.“
”Следниот ден беше неверојатен. Околу 25 бомби паднаа близу куќата кадешто се криевме, но никој од нас не беше повреден. Можете ли да си замислите како се чувствувавме кога ја видовме Јеховината заштита? Следното утро веднаш решивме да бегаме. Мојата кола беше единствената на улицата која не беше изгорена. Возев меѓу мини и бомби, и благодарение на Јехова, можевме да побегнеме во подрачје кое беше помирно отколку нашето. Потоа, нашите браќа љубезно нѐ снабдија со облека, храна и пари.“
”И покрај сите тешкотии, се чувствувавме среќни бидејќи Јехова беше со нас. Изгледаше како да ги беше испратил своите ангели да нѐ штитат од бомбите (Псалми 34:7). Да, нашата радост беше огромна. Но, поголема ќе биде нашата радост кога ќе го преживееме Армагедон.“
Итната помош во акција!
Некои подрачја на Бејрут изгледаа како да поминал земјотрес. Многу куќи од нашите браќа беа оштетени или разурнати. Кога неодамна настана криза, подружницата организира комитет за итна помош за згрижување на потребите на браќата. Операциите започнаа на 16. февруари, 1990, токму во времето кога за последен пат можевме да влеземе во погодените подрачја. Целта на овој комитет беше трикратна: да им пружи духовно охрабрување на браќата; да се погрижи за нивните потреби од пари, храна и вода; и да им помогне да ги поправат или повторно изградат своите домови.
Немаше потреба да се бараат доброволци. Секој ден многумина сами се појавуваа наутро за да помогнат. Еве неколку коментари од оние кои помагаа:
Откако нејзината куќа беше исчистена и поправена, една сестра рече: ”Имав слушано за помошта што била пружена од браќата кога се случувале катастрофи. Сега и самата ја гледам и чувствувам.“ Дури и нејзината сосетка, муслиманка, ѝ рекла на оваа сестра: ”Вие навистина се сакате едни со други. Вашата религија е правата религија. Сакам да отидам во моето село и на сите да им кажам што правите вие овде.“ Оваа сосетка донела и храна за доброволните работници.
Една постара сестра коментира: ”Очекував дека ќе дојдете да ме посетите, но не очекував дека Друштвото ќе испрати некого да ми донесе вода.“ Низ солзи го бакнувала братот кој дошол да ѝ помогне.
Едно тричлено семејство - маж, жена, која била некрстена објавителка, и нивниот малечок син - било посетено и добиле голема кутија со млеко, малку леб, вода за пиење и пари. Кога им било кажано дека тоа било припремено од Јеховините сведоци, мажот рекол: ”11 години бев во Евангелистичката црква и бев многу активен. Но за овие 15 години на војна во Либан тие никогаш не помислиле да направат вакво нешто за своите членови.“ Тој продолжил: ”Ова навистина е единствената Божја организација.“ Мажот и неговата жена се крстиле на конгресот во мај 1990.
Еден старешина коментирал: ”Недостигаат зборови да ја изразиме нашата благодарност за делата на љубов што ги сторивте за загрозените браќа. Бев толку импресиониран, што ми течеа солзи кога ја видов групата млади браќа, доброволци, како ја обновуваат куќата на моите родители. Дури и нашите соседи кои не се Сведоци го изразија своето ценење. Навистина сме му благодарни на Јехова и неговата организација за практичната поддршка што ни беше дадена. Колку се вистинити зборовите на псалмистот во Псалми 144:15: ’Среќен е народот чиј Бог е Јехова.‘“
”Какви луѓе сте вие?“
Една сестра со семејството напишале: ”Сакам да го изразам своето длабоко ценење за љубовта од Јехова и неговата организација. Мојата куќа беше погодена од повеќе гранати и изгорена. Многумина ни рекоа дека не може да биде зацврстена. Сепак, сега е целосно поправена како ништо да не ѝ се случило, опкружена од стотици куќи во нашата улица кои се изгорени или уништени.
”Дури и нашите соседи кои не се Јеховини сведоци, прашуваат: ’Откаде оваа љубов? Какви луѓе сте вие? Какви се овие луѓе кои работат со таква ревност и кои се толку тивки и се однесуваат така фино? Благословен да е Богот кој ви ја дал таквата љубов и самопожртвуван дух.‘ Колку се прикладни зборовите од Псалми 84:11, 12: ’Зашто Јехова Бог е сонце и штит; милост и слава е она што дава тој. Јехова нема да им скрати никакво добро на оние кои одат во беспрекорност. О Јехова на војските, среќен е човекот кој има доверба во тебе.‘“
Еден човек, чија жена и деца се Јеховини сведоци, напишал: ”Сакам да ви заблагодарам за вашата помош во поправањето на нашата куќа. Вашата работа покажа искрена христијанска љубов која денес е многу ретка. Нека Бог ги благослови вашите напори.“
Откако куќата на еден старешина била поправена, тој рекол: ”Во нашите усти недостигаат зборови за да го изразиме она што ни е во срцата. Не можеме да најдеме зборови да ви го искажеме нашето ценење за Јехова и неговата организација. Ја почувствувавме Јеховината близина во нашата несреќа. Вашата љубов ги охрабри сите членови од моето семејство да учествуваат во помагањето на оние на кои им е потребна помош.“
Во текот на април, 194 лица во Либан беа во помошна пионерска служба. Вечерта на Спомен-вечерата беше поопасна отколку другите вечери, а Свеченоста се одржа со вкупен број од 5 034 присутни. Сите планирани собири беа одржани, а вкупниот годишен број на крстените изнесува 121, и покрај хаосот во државата. Многу семејства од собранијата ја напуштија земјата засекогаш. Но новозаинтересираните напредуваат кон крштение и 2 726-те објавители на Царството и натаму расте по број. Во текот на 1990. службена година, сите од Јеховиниот народ во Либан ја почувствуваа Јеховината верност кога тој добро се погрижи за нас и нѐ водеше низ бурните времиња (Псалми 33:4, 5; 34:1-5).