19 ЈЕФТАЈ И НЕГОВАТА ЌЕРКА
Исполниле тежок завет
СИТУАЦИЈАТА во Израел била многу тешка. Луѓето повторно престанале да го обожаваат Јехова. Поради тоа, Јехова дозволил Амонците да ги угнетуваат околу 18 години (Суд. 10:8). Израелците најпосле го признале својот грев, ги отстраниле лажните богови и се вратиле кај Јехова. Сепак, недолго потоа, Амонците се собрале во Галад за да ги нападнат.
Старешините од Галад побарале од еден човек по име Јефтај да дојде и да ги предводи во битката. Се чини дека некои од овие старешини му биле полубраќа на Јефтај. Во минатото, тие многу лошо постапувале со него во Галад, и затоа тој избегал од таму. Дали Јефтај станал огорчен или држел лутина? Не. Тој се согласил да се врати и да се бори. Сепак, прво се обидел да се помири со Амонците. Јефтај испратил гласници за да му објаснат во детали на царот на Амонците зошто тој нема право на земјата која сака да ја земе од Израелците. Очигледно, Јефтај добро ја познавал историјата на Божјиот народ. Тој знаел дека самиот Јехова им ја дал Ветената земја на Израелците и дека им помогнал да ги поразат народите кои живееле таму. Но, царот на Амонците не сакал да чуе за мир — бил решен да војува со Израелците!
Додека Јефтај се подготвувал за борба, Јеховиниот дух дошол врз него. Значи, Јефтај не постапил непромислено или безумно кога му го дал следниов завет на Јехова: „Ако ми ги предадеш в раце синовите на Амон, на Јехова нека му припадне оној што ќе излезе на вратата од мојот дом, кој ќе ми излезе во пресрет кога ќе се вратам како победник откај синовите на Амон. Него ќе го принесам како жртва паленица!“
Дали Јефтај мислел дословно да принесе некој човек како жртва? Секако дека не. На Јехова му било одвратно да се жртвуваат луѓе, и затоа го имал забрането тоа (5. Мој. 18:10, 12). Јефтај, всушност, сакал да каже дека оној кој прв ќе излезел од неговиот дом ќе му припаднел на Јехова во таа смисла што потполно ќе се посветел на службата за него, веројатно во светиот шатор во Сило. Јефтај бил свесен дека овој завет може скапо да го чини. Тој имал само едно дете — една ќерка која многу ја сакал. Голема била веројатноста дека таа ќе излегла прва да го поздрави кога тој ќе се врател.
Откако го дал заветот, Јефтај веднаш отишол во војна. Храбро ја предводел својата војска во битката. И, Јехова им дал да извојуваат голема победа. Тие ги поразиле непријателите, а потоа уништиле 20 амонски градови „со многу голем колеж“.
Јефтај со голема радост се враќал дома. Можеби почнал да се надева дека прв од куќата ќе излезе некој од неговите слуги. Ако било така, секоја негова надеж пропаднала. Првата личност која излегла била неговата ќерка, удирајќи на дајре и играјќи. Длабоко разжалостен, Јефтај си ја раскинал облеката и заплакал: „Леле, ќерко моја! Навистина ме фрли во тага и токму ти си таа на која ѝ нанесов неволја!“
Јефтај и неговата ќерка требало да исполнат еден завет, но тоа од нив ќе барало големи жртви
Ќерката на Јефтај сфатила што ќе значи за неа заветот што го дал татко ѝ. Таа ќе требало да биде потполно посветена на светата служба за Јехова. Поради тоа, никогаш немало да може да стапи во брак или да има деца. За една жена во Израел ова било голем срам. Но, оваа храбра, млада девојка му рекла на својот татко: „Ако си му се заветувал на Јехова, постапи со мене според својот завет“. Единствено нешто што побарала од својот татко било да ѝ дозволи да помине време со своите пријателки за да го оплакува она што го изгубила — можноста да стапи во брак и да има деца.
Ќерката на Јефтај била несебична и храбра девојка. Поради тоа, секоја година нејзините пријателки оделе да ја посетат четири дена за да ја утешат и пофалат. А и службата во светиот шатор сигурно ѝ донела благослови. Веројатно во тоа време, младото момче Самоил живеело таму. Дали ќерката на Јефтај го поучувала и храбрела Самоил додека растел? Не знаеме. Ако било така, тоа можеби ѝ причинувало голема радост бидејќи таа немала свои деца. Сепак, знаеме дека, во тоа време, некои луѓе што служеле во светиот шатор вршеле неморал (1. Сам. 2:22). Дали ќерката на Јефтај била вклучена во ова? Не. Во библискиот извештај пишува: „Таа никогаш не легна со маж“.
Апостол Павле го спомнал Јефтај кога зборувал за мажи и жени кои имале голема вера (Евр. 11:32). И Јефтај и неговата ќерка оставиле прекрасен пример за храброст. Тој се борел за Божјиот народ, и таа потполно го поддржала. Двајцата исполниле еден тежок завет што тој му го дал на Јехова.
Прочитај го библискиот извештај:
За дискусија:
На кои начини Јефтај и неговата ќерка покажале храброст?
Копај подлабоко
1. Што покажува дека Амонците не се бореле само против Израелците туку и против обожавањето на вистинскиот Бог, Јехова? (it „Јефтај“ пас. 6-wcgr) А
Слика А: „Почнаа да ги отстрануваат туѓите богови од својата средина и да му служат на Јехова“ (Суд. 10:16)
2. Во кој поглед ставот на Јефтај бил сличен на ставот што го имал Јаков кога му дал завет на Јехова? (it „Јефтај“ пас. 11-wcgr)
3. Зошто на Јефтај воопшто не му било лесно да го исполни својот завет? (w17.04 4, пас. 6)
4. Пророкот Самоил бил роден околу 1180 год. пр.н.е. Што укажува на тоа дека тој и ќерката на Јефтај можеби служеле во светиот шатор во ист период? (it „Јефтај“ пас. 2-wcgr; види го временскиот приказ „Од времето на патријарсите до времето на судиите“)
Размислувај за поуките
Како влијае врз децата кога родителите покажуваат храброст како Јефтај?
Како христијаните денес може да го следат примерот на девојките кои ја пофалувале ќерката на Јефтај и ѝ помагале де остане храбра? Б
Слика Б
Како ти би можел да покажуваш храброст каква што имале Јефтај и неговата ќерка?
Размислувај за поголемата слика
Што учам од овој извештај за Јехова?
Како овој извештај е поврзан со Јеховината намера?
Што би сакал да ги прашам Јефтај и неговата ќерка кога ќе воскреснат?
Дознај повеќе
Како примерот на ќерката на Јефтај може да им помогне на браќата и сестрите кои не се во брак?
Дознај како од Јефтај и од неговата ќерка учиме како да му останеме верни на Јехова.