Декември
Недела, 1 декември
Што ме спречува да се крстам? (Дела 8:36)
Дали етиопскиот дворјанин бил вистински подготвен за да се крсти? Сети се дека Етиопјанецот бил во Ерусалим за „да му се поклони на Бог“ (Дела 8:27). Значи, тој најверојатно бил преобратеник во еврејската вера. Без сомнение, тој дознал за Јехова од Хебрејските списи. Но, сакал да дознае повеќе. Всушност, кога Филип го сретнал на патот, овој човек читал свиток во кој било запишано пророштвото на Исаија (Дела 8:28). Етиопјанецот сакал да продолжи да учи. Тој спремно тргнал на пат дури од Етиопија за да може да го обожава Јехова во храмот во Ерусалим. Етиопјанецот научил од Филип некои важни нови вистини. Една од нив била дека Исус е Месијата (Дела 8:34, 35). Неговата љубов кон Јехова и кон неговиот Син уште повеќе се зголемила. Тој бил поттикнат да донесе една важна одлука која му го сменила животот — да се крсти и да стане следбеник на Исус Христос. Филип сфатил дека овој човек е спремен за крштавање, и затоа го крстил (w23.03 8-9, пас. 3-6).
Понеделник, 2 декември
Вашиот збор секогаш нека биде пријатен (Кол. 4:6)
Не можеме да му угодиме на Јехова ако не ја зборуваме вистината (Изр. 6:16, 17). Иако за многу луѓе денес лажењето е нешто најнормално, ние го имаме Јеховиното гледиште (Пс. 15:1, 2). Се разбира, не само што не сакаме да кажуваме лаги туку и не сакаме намерно да ги наведуваме другите на погрешен заклучок. Исто така, не треба да озборуваме (Изр. 25:23; 2. Сол. 3:11). Ако забележиш дека разговорот преминува во озборување, труди се да го свртиш во позитивен правец. Бидејќи живееме во свет во кој многу луѓе го користат говорот на погрешен начин, мора да даваме сѐ од себе со нашиот говор да го радуваме Јехова. Тој ќе нѐ благослови ако се трудиме да го користиме овој дар на исправен начин во службата, на собраниските состаноци и во нашите секојдневни разговори. Кога ќе му биде ставен крај на овој злобен свет, ќе ни биде многу полесно да му носиме слава на Јехова со нашиот говор (Јуда 15; w22.04 9, пас. 18-20).
Вторник, 3 декември
Ние покажуваме љубов, бидејќи прво тој покажа љубов кон нас (1. Јов. 4:19)
Кога размислуваме колку многу Јехова и Исус нѐ сакаат, тоа нѐ поттикнува и ние да ги сакаме нив (1. Јов. 4:10). А кога размислуваме за тоа дека Исус умрел за нас лично, тоа нѐ поттикнува да ги сакаме уште повеќе. Апостол Павле бил свесен за ова, и неговото ценење се гледа од следниве зборови што им ги напишал на Галатите: „Синот Божји... ме сакаше и се предаде себеси за мене“ (Гал. 2:20). На темел на откупната жртва на Исус, Јехова нѐ привлекол и може да бидеме пријатели со него (Јован 6:44). Зарем не буди убави чувства кај тебе тоа што знаеш дека Јехова видел нешто добро во тебе и што ја платил највисоката цена за да можеш да му бидеш пријател? Зарем ова не ја продлабочува твојата љубов кон Јехова и Исус? Затоа, прашај се: „На што ме поттикнува љубовта што ја чувствувам кон Јехова и Исус?“ Љубовта што ја чувствуваме кон Бог и Христос нѐ поттикнува да им покажуваме љубов на другите (2. Кор. 5:14, 15; 6:1, 2; w23.01 28, пас. 6-7).
Среда, 4 декември
Ќе го променам јазикот на народите во чист јазик (Соф. 3:9)
Библијата има важна улога во исполнувањето на намерата на Јехова неговите слуги „да му служат сложно“. Јехова се погрижил многу делови од Светото писмо да бидат напишани на таков начин што ќе можат да ги разберат само понизните луѓе (Лука 10:21). Библијата ја читаат луѓе од целиот свет. Но само понизните можат исправно да ја разберат и да го применат она што го пишува во неа (2. Кор. 3:15, 16). Библијата ни ја открива Јеховината мудрост. Преку Светото писмо, Јехова не нѐ поучува само како група туку и ни дава упатства и утеха на секој од нас поединечно. Додека ја читаме неговата Реч, секој од нас може да ја почувствува неговата грижа (Иса. 30:21). Колку пати ти се случило да прочиташ некој стих во Библијата за кој си имал чувство како да бил запишан токму за тебе? Сепак, Библијата можат да ја разберат милиони луѓе. Како е можно таа да содржи актуелни информации кои одговараат на твоите лични потреби? Ова е можно само затоа што Авторот на Библијата е најмудрата личност во универзумот (2. Тим. 3:16, 17; w23.02 4-5, пас. 8-10).
Четврток, 5 декември
Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа, за твојот напредок да им биде видлив на сите (1. Тим. 4:15)
Како вистински христијани, ние многу го сакаме Јехова и сакаме да му го даваме нашето најдобро. За да успееме во тоа, треба да си поставуваме духовни цели, како на пример да развиваме христијански особини, да стекнуваме корисни вештини и да бараме начини да им служиме на другите. Зошто треба да имаме желба да напредуваме во духовен поглед? Првенствено, затоа што сакаме да му угодиме на нашиот грижлив небесен Татко. Јехова се радува кога гледа дека ги користиме нашите таленти и способности најдобро што можеме во службата за него. Освен тоа, сакаме духовно да напредуваме за да можеме уште повеќе да им помагаме на нашите браќа и сестри (1. Сол. 4:9, 10). Без оглед колку долго сме во вистината, сите ние може духовно да напредуваме (w22.04 22, пас. 1-2).
Петок, 6 декември
Ќе го изедат нејзиното месо и ќе ја изгорат со оган (Отк. 17:16)
Политичкиот систем на овој свет наскоро ќе го нападне Големиот Вавилон, односно лажната религија. Тоа ќе го означи почетокот на големата неволја. Дали ова ќе поттикне многумина да почнат да му служат на Јехова? Не. Напротив, од Откровение поглавје 6 дознаваме дека во тоа време луѓето кои не му служат на Јехова ќе бараат заштита од политичките и трговските организации од овој свет кои се споредени со планини. Бидејќи тие луѓе нема да го поддржуваат Божјето Царство, Јехова ќе ги смета за противници (Лука 11:23; Отк. 6:15-17). Во тоа особено тешко време, верните слуги на Јехова ќе се разликуваат од останатите луѓе. Тие и понатаму ќе бидат единствената група на Земјата која ќе му служи на Јехова Бог и нема да го поддржува „ѕверот“ (Отк. 13:14-17; w22.05 16-17, пас. 8-9).
Сабота, 7 декември
Носеше вечна добра вест за да им ја објави на оние што живеат на земјата — на секој народ и племе и јазик и народност (Отк. 14:6)
Добрата вест за Царството не е единствената порака што Божјите слуги треба да ја објавуваат (Мат. 24:14). Тие треба и да ја поддржуваат задачата што ја извршуваат ангелите кои се опишани во Откровение поглавја 8 до 10. Тие ангели објавуваат низа остри осуди против оние кои го отфрлаат Божјето Царство. Затоа, Јеховините сведоци објавуваат порака на осуда која е споредена со „град и оган“ и која ги открива Божјите осуди против различни делови од Сатановиот злобен свет (Отк. 8:7, 13). Луѓето треба да знаат дека крајот е близу за да можат да направат коренити промени во својот живот и да го преживеат денот на Јеховиниот гнев (Соф. 2:2, 3). Но, оваа порака не им се допаѓа на повеќето луѓе. Затоа, потребна ни е храброст за да им ја објавиме оваа порака на другите. Во текот на големата неволја, последната порака на осуда уште повеќе ќе ги вознемири луѓето (Отк. 16:21; w22.05 7, пас. 18-19).
Недела, 8 декември
Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум (Мат. 22:37)
Замисли дека еден брачен пар очекува бебе. Низ годините, тие можеби слушнале многу говори во врска со воспитувањето на децата. Но, сега, советите од овие говори добиваат ново значење за нив. Сега и самите ќе имаат дете кое ќе треба да го воспитуваат. Тоа е многу голема одговорност. Според тоа, кога ќе ни се сменат околностите во животот, одредени библиски начела можат да добијат поголемо значење за нас. Ова е една причина зошто слугите на Јехова денес, како што се барало и од израелските цареви, ја читаат Библијата „во сите денови на својот живот“ и длабоко размислуваат за она што го прочитале (5. Мој. 17:19). Родители, вие имате голема чест да ги поучувате своите деца за Јехова. Но, не е доволно само да им пренесете факти за нашиот Бог. Треба да им помогнете на децата да го сакаат со сето срце (w22.05 26, пас. 2-3).
Понеделник, 9 декември
Облечете ја новата личност (Кол. 3:10)
Не е доволно само да ни биде жал за гревовите што сме ги направиле. Мора да бидеме решени да преземеме нешто. Кога одлучува дали ќе прости некому, еден важен фактор што Јехова го зема предвид е дали оној што згрешил се преобратил, односно дали го сменил начинот на живот. За да му биде простено, тој мора да престане да ги прави лошите работи што ги правел порано и да почне да живее онака како што сака Јехова (Иса. 55:7). Мора да го смени начинот на размислување и да дозволи да го води Јехова (Рим. 12:2; Еф. 4:23). Тој мора да биде решен да го остави поранешниот погрешен начин на размислување и постапување (Кол. 3:7-9). Се разбира, само доколку имаме вера во жртвата на Исус, Јехова ќе има вистинска основа да ни прости и да нѐ исчисти од гревот. Јехова ќе ни прости на темел на таа жртва ако види дека искрено се трудиме да го смениме начинот на постапување (1. Јов. 1:7; w22.06 6, пас. 16-17).
Вторник, 10 декември
Не плаши се од она што ќе го претрпиш (Отк. 2:10)
Уште од времето кога Адам и Ева се побуниле против Јехова, луѓето си наштетуваат едни на други (Проп. 8:9). На пример, некои го злоупотребуваат својот авторитет. Криминалци извршуваат насилства. Некои ученици ги малтретираат своите соученици, така што ги навредуваат и им се закануваат. А некои луѓе се однесуваат сурово дури и со членовите на своето семејство. Затоа не е ни чудо што луѓето се плашат од други луѓе. Како Сатана се обидува да го искористи против нас стравот од човек? Тој го користи стравот од човек за да нѐ натера да престанеме да проповедаме или да престанеме да правиме други работи кои Јехова ги бара од нас. Под влијание на Сатана, некои влади го забрануваат нашето дело и нѐ прогонуваат (Лука 21:12). Во светот, многу луѓе шират погрешни информации и злобни лаги за Јеховините сведоци. Луѓето што веруваат во овие лаги можеби нѐ исмеваат, па дури и физички нѐ напаѓаат (Мат. 10:36). Дали сме изненадени од овие тактики на Сатана? Воопшто не. Тој веќе ги користел во првиот век (Дела 5:27, 28, 40; w22.06 16, пас. 10-11).
Среда, 11 декември
Оние што доведуваат мнозина до праведност ќе сјаат како ѕвездите довека, во сета вечност (Дан. 12:3)
Кои луѓе ќе бидат вклучени во тие „мнозина“ што ќе бидат доведени до праведност? Меѓу нив ќе бидат оние што ќе воскреснат, оние што ќе го преживеат Армагедон, како и децата што ќе се родат во новиот свет. До крајот на илјадата години, сите што ќе живеат на Земјата ќе станат совршени. Мора да имаме на ум дека тоа што некој е совршен само по себе не значи дека ќе добие вечен живот. Размисли за Адам и Ева. Тие биле совршени, но требало да покажат дека му се послушни на Јехова пред да добијат вечен живот. За жал, тие не му биле послушни (Рим. 5:12). Со оглед на тоа дека на крајот од илјадата години сите ќе бидат совршени, дали сите тие совршени луѓе потполно ќе го поддржуваат Јеховиното владеење засекогаш? Или некои ќе бидат како Адам и Ева кои, и покрај тоа што биле совршени, не му останале верни на Бог? Овие прашања ќе треба да бидат одговорени (w22.09 22-23, пас. 12-14).
Четврток, 12 декември
Царската власт на светот сега му припаѓа на нашиот Господар и на неговиот Христос (Отк. 11:15)
Кога ги гледаш лошите услови во светот, дали ти е тешко да веруваш дека работите ќе одат на подобро? Во семејствата не владее љубов како порано. Луѓето, општо земено, стануваат сѐ понасилни и посебични. На многумина им е тешко да имаат доверба во оние што имаат некаков авторитет. Но сето ова може да те увери дека работите ќе одат на подобро. Зошто? Бидејќи луѓето постапуваат токму онака како што било проречено во едно впечатливо пророштво за „последните денови“ (2. Тим. 3:1-5). Исполнувањето на ова пророштво, кое ниту еден искрен човек не може да го оспори, е доказ дека Исус Христос почнал да владее како Цар на Божјето Царство. Но ова е само едно од многуте пророштва во врска со Царството. Сите тие пророштва се надополнуваат како делови на една сложувалка за да ни дадат јасна слика за тоа што нѐ очекува во иднина во склад со Јеховината намера (w22.07 2, пас. 1-2).
Петок, 13 декември
Мудроста ја оправдуваат нејзините дела (Мат. 11:19)
Во текот на пандемијата со КОВИД-19, добивме јасни упатства за тоа како да ги одржуваме собраниските состаноци и како да учествуваме во службата на проповедање. Речиси преку ноќ почнавме да ги одржуваме состаноците, собирите и конгресите преку интернет. Освен тоа, службата на проповедање почнавме главно да ја вршиме преку писма и преку телефон. Јехова го благослови нашиот труд. Многу подружници известија значаен пораст во бројот на објавители. Всушност, многумина имаа охрабрувачки искуства во текот на тој период. Некои можеби сметаат дека организацијата беше премногу претпазлива во однос на пандемијата. Но, како и порано, и во овој случај се потврди дека упатствата што ги добивме беа мудри и основани. И додека размислуваме за тоа како Исус со љубов го води својот народ, уверени сме дека, без разлика што ќе ни донесе утрешниот ден, Јехова и неговиот сакан Син секогаш ќе бидат со нас (Евр. 13:5, 6; w22.07 13, пас. 15-16).
Сабота, 14 декември
Молете се непрестајно. За сѐ благодарете. Зашто, тоа е за вас волјата Божја во Христос Исус (1. Сол. 5:17, 18)
Освен што го фалиме Јехова во нашите молитви, поттикнати сме и да му благодариме за прекрасните работи што ни ги дава. На пример, можеме да му благодариме за убавите бои на цвеќињата, за најразличните видови вкусна храна и за радоста што ни ја носи дружењето со блиските пријатели. Нашиот Татко со љубов ни го дава сето ова, а и многу повеќе, само за да бидеме среќни (Пс. 104:12-15, 24). А што е уште поважно, му благодариме на Јехова за изобилството духовна храна и за прекрасната надеж што ја имаме за иднината. Лесно може да се случи да заборавиме да му благодариме на Јехова за сето она што го прави за нас. Што може да ти помогне да не ти се случи тоа? Би можел да направиш список со конкретни работи за кои се молиш и повремено да го проверуваш за да видиш како Јехова ти одговара на молитвите. Потоа, во молитва заблагодари му се за неговата помош (Кол. 3:15; w22.07 22, пас. 8-9).
Недела, 15 декември
Ужива во законот на Јехова и внимателно го чита неговиот закон дење и ноќе (Пс. 1:2)
Знаеме дека не е доволно само да проучуваме. За да извлечеме потполна корист од вистината, мора и да живееме според неа, односно да го применуваме во нашиот живот сето она што го учиме. Само тогаш вистината ќе ни донесе вистинска радост (Јак. 1:25). Како можеме да бидеме сигурни дека живееме според вистината? Еден брат вели дека е добро да се преиспитуваме на кои полиња го применуваме она што го учиме, а на кои полиња треба да се подобриме. Апостол Павле рекол: „Сеедно колку сме напредувале досега, да продолжиме да одиме со истиот вообичаен чекор“ (Фил. 3:16). Размисли колку ни користи тоа што даваме сѐ од себе за да живееме според вистината. Освен што водиме подобар начин на живот, ги радуваме и Јехова и нашите соверници (Изр. 27:11; 3. Јов. 4). Ова се најдобрите причини зошто треба да ја сакаме вистината и да живееме според неа (w22.08 18-19, пас. 16-18).
Понеделник, 16 декември
Пасете го Божјето стадо (1. Пет. 5:2)
Како старешините можат да покажат дека ги сакаат Јехова и Исус? Еден важен начин е така што ќе се грижат за потребите на неговите овчички (1. Пет. 5:1, 2). Исус јасно му дал до знаење на Петар колку е важно ова. Откако три пати се одрекол од Исус, Петар очајно сакал да докаже дека го сака. По своето воскресение, Исус го прашал Петар: „Симоне, сине Јованов, ме сакаш ли?“ Можеме да бидеме сигурни дека Петар бил спремен да направи сѐ што ќе било потребно за да ја докаже својата љубов кон својот Господар. Исус му рекол на Петар: „Паси ги моите овчички“ (Јован 21:15-17). До крајот на својот живот, Петар со љубов се грижел за Исусовите овчички и со тоа докажал дека го сака Исус. Старешини, како можете да покажете дека и вам ви се важни зборовите што Исус му ги кажал на Петар? Може да покажете колку многу ги сакате Јехова и Исус така што ќе им пружате пастирска грижа на браќата и сестрите, и така што ќе вложувате посебен труд за да им помагате на неактивните да се вратат кај Јехова (Езек. 34:11, 12; w23.01 29, пас. 10-11).
Вторник, 17 декември
Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете (1. Кор. 10:13)
Внимавај да не паднеш во замката да мислиш дека никој не може да разбере со каков проблем се соочуваш. Ваквото размислување е опасно бидејќи може да те наведе да заклучиш дека твојата ситуација е безнадежна и дека не можеш да им се спротивставиш на погрешните желби. Но, Библијата го кажува спротивното. Во неа пишува: „Бог... ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“. Значи, дури и кога имаме некоја погрешна желба која е многу силна, можеме да му останеме верни на Јехова. Со негова помош можеме да се спротивставиме на желбата да постапиме погрешно. Секогаш имај го на ум следново: Бидејќи сме несовршени, не можеме да спречиме да ни се појавуваат погрешни желби. Но кога ќе ни се појават, можеме решително да ги отфрлиме слично како Јосиф, кој брзо избегал од жената на Петефри (1. Мој. 39:12). Не мора да постапуваме според погрешните желби! (w23.01 12-13, пас. 16-17).
Среда, 18 декември
Кај Бог нема пристрасност (Рим. 2:11)
Правдата е една од особините на Јехова (5. Мој. 32:4). Правдата е тесно поврзана со непристрасноста, а Јехова е непристрасен (Дела 10:34, 35). Неговата непристрасност се гледа од тоа на кои јазици била напишана Библијата. Јехова ветил дека во времето на крајот „вистинското знаење“ што се наоѓа во Библијата „ќе се умножи“. Тоа значи дека многумина ќе ја разберат пораката на Библијата (Дан. 12:4). Еден начин на кој вистинското знаење се умножило е преку преведувањето, издавањето и дистрибуирањето на Библии и библиска литература. Јеховиниот народ досега ја превел Божјата Реч, во целост или делумно, на преку 240 јазици, и секој може да добие бесплатен примерок. Како резултат на тоа, луѓе од сите народи слушаат за добрата вест за Царството пред да дојде крајот (Мат. 24:14). Нашиот праведен Бог сака што е можно повеќе луѓе да добијат можност да го запознаат така што ќе ја читаат неговата Реч. Тоа е така затоа што тој многу нѐ сака сите нас (w23.02 5, пас. 11-12).
Четврток, 19 декември
Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет, туку преобразете се така што ќе го обновите својот ум (Рим. 12:2)
Дали ја сакаш праведноста? Нема сомнение дека ја сакаш. Но, сите ние сме несовршени и, ако не внимаваме, врз нас лесно би можело да влијае гледиштето што овој свет го има за праведноста (Иса. 5:20). Некои луѓе сметаат дека се праведни иако се горди, ги критикуваат другите или сметаат дека се подобри од нив. Но, Бог воопшто не ги сака тие особини. Кога бил на Земјата, Исус остро ги прекорил верските водачи од негово време, бидејќи си поставувале свои мерила за тоа што е исправно, а што погрешно (Проп. 7:16; Лука 16:15). Оној што е вистински праведен, никогаш не е самоправеден. Праведноста е прекрасна особина. Едноставно кажано, тоа значи да го правиме она што Јехова го смета за исправно. Во Библијата, зборовите кои се преведени со „праведност“ ја пренесуваат мислата да се живее според највисоките мерила — Јеховините мерила (w22.08 27, пас. 3-5).
Петок, 20 декември
Ве нарекувам пријатели (Јован 15:15)
Исус имал доверба во своите ученици и покрај нивните грешки (Јован 15:16). Кога Јаков и Јован побарале од Исус да им даде посебна положба во Царството, Исус не ги довел во прашање нивните мотиви зошто му служат на Јехова, ниту пак ги отфрлил како апостоли (Мар. 10:35-40). Подоцна, истата ноќ кога Исус бил уапсен, сите негови ученици го напуштиле (Мат. 26:56). Сепак, Исус никогаш не изгубил доверба во нив. Тој добро ги знаел нивните слабости, но и покрај тоа ги сакал „до крај“ (Јован 13:1). Откако воскреснал, Исус дури им ја доверил на своите 11 верни апостоли важната одговорност да предводат во делото на проповедање и да се грижат за неговите скапоцени овчички (Мат. 28:19, 20; Јован 21:15-17). Неговата доверба во овие несовршени мажи не била залудна. Сите тие верно му служеле на Јехова до крајот на својот живот на Земјата. Навистина, Исус ни дал одличен пример за тоа дека можеме да имаме доверба во несовршени луѓе (w22.09 6, пас. 12).
Сабота, 21 декември
Јехова е на мојата страна; нема да се плашам (Пс. 118:6)
Ако сме уверени дека Јехова нѐ сака — дека е на нашата страна — на Сатана нема да му успее да нѐ исплаши. На пример, писателот на Псалм 118 се соочил со многу тешки ситуации. Тој имал многу непријатели, вклучувајќи и некои што биле на високи положби во општеството (стихови 9, 10). Понекогаш бил под многу голем притисок (стих 13). А исто така, добил строг укор од Јехова (стих 18). Сепак, тој псалмист бил поттикнат да каже: „Нема да се плашам“. Тој знаел дека, иако неговиот небесен Татко го укорил, сепак го сака. Псалмистот бил уверен дека без разлика во каква ситуација ќе се најде, неговиот грижлив Бог е секогаш спремен да му помогне (Пс. 118:29). Треба да бидеме уверени дека Јехова нѐ сака нас лично. Тоа ќе ни помогне да совладаме три вообичаени стравови: 1) стравот дека нема да можеме да се грижиме за семејството, 2) стравот од човек и 3) стравот од смртта (w22.06 14-15, пас. 3-4).
Недела, 22 декември
Среќен е човекот што истрајува во искушението бидејќи, откако ќе биде искушан, ќе ја прими наградата — животот (Јак. 1:12)
На прво место во животот треба да ни биде да му служиме на Јехова. Како наш Творец, тој заслужува да го обожаваме (Отк. 4:11; 14:6, 7). Затоа, најважно треба да ни биде да го обожаваме на начин што тој го одобрува, „со дух и со вистина“ (Јован 4:23, 24). Ние сакаме да го обожаваме Јехова во склад со водството од светиот дух и со вистините кои се запишани во неговата Реч. Обожавањето на Јехова треба да ни биде на прво место, дури и ако живееме во земја каде што нашето дело е ограничено или забрането. Во моментов, повеќе од 100 наши браќа и сестри се затворени само затоа што се Јеховини сведоци. И покрај тоа, тие се среќни затоа што прават сѐ што можат за да се молат, да проучуваат и да им кажуваат на другите за нашиот Бог и за неговото Царство. Кога луѓето нѐ критикуваат или прогонуваат, среќни сме затоа што Јехова ни помага да истраеме и знаеме дека тој ќе нѐ награди (1. Пет. 4:14; w22.10 9, пас. 13).
Понеделник, 23 декември
Мудроста е заштита (Проп. 7:12)
Низ целата библиска книга Изреки, Јехова ни дава совети кои никогаш не застаруваат и кои, ако ги применуваме, ќе ни го подобрат животот. Да разгледаме само два такви мудри совети. Прво, биди задоволен со она што го имаш. Во Изреки 23:4, 5 ни е даден следниов совет: „Не труди се да стекнеш богатство... Зашто, тоа си прави крилја како на орел и летнува кон небото“. Сепак, и богатите и сиромашните денес се преокупирани со тоа да заработат повеќе пари. Токму затоа, тие честопати прават работи со кои си ги уништуваат угледот, односите со другите, па дури и здравјето (Изр. 28:20; 1. Тим. 6:9, 10). Второ, размисли пред да кажеш нешто. Ако не сме внимателни, би можеле да предизвикаме голема штета со нашите зборови. Изреки 12:18 вели: „Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е лек“. Придонесуваме да се зачува мирот ако не ги оговараме другите за нивните слабости (Изр. 20:19; w22.10 21, пас. 14; 22, пас. 16-17).
Вторник, 24 декември
Изеди го овој свиток, па оди и зборувај му на домот на Израел! (Езек. 3:1)
Езекиел требало потполно да ја разбере пораката што ја добил. Таа порака, така да се каже, требало да стане дел од него со тоа што ќе влијаела врз неговите најдлабоки чувства. Потоа, се случило нешто неочекувано. Кога Езекиел го изел свитокот, тој бил „сладок како мед“ (Езек. 3:3). Зошто? За Езекиел, честа да го претставува Јехова било нешто пријатно, односно слатко како мед (Пс. 19:8-11). Тој бил благодарен што Јехова го избрал да служи како негов пророк. Потоа, Јехова му рекол на Езекиел: „Сите зборови што ќе ти ги кажам прими ги во срцето и слушај ги со своите уши“ (Езек. 3:10). Со други зборови, Јехова му рекол на Езекиел да ги запомни зборовите што се запишани во свитокот и да размислува за нив. На тој начин, верата на Езекиел се зајакнувала. Освен тоа, така знаел каква силна порака сака Јехова да му пренесе на народот (Езек. 3:11). Откако Божјата порака се врежала во неговото срце, Езекиел бил спремен да започне со својата задача и потполно да ја изврши (w22.11 6, пас. 12-14).
Среда, 25 декември
Послушноста е подобра од жртвите (1. Сам. 15:22)
Промените во организацијата можат да ја стават на испит нашата верност. Што можеш да направиш? Потполно поддржувај ги промените во организацијата. Додека патувале низ пустината, синовите на Кат го носеле ковчегот на сојузот пред целиот народ (4. Мој. 3:29, 31; 10:33; Ис. Нав. 3:2-4). Тоа било навистина голема чест! Но, работите се смениле кога Израелците се населиле во Ветената земја. Повеќе не било потребно ковчегот редовно да се преместува. Така, синовите на Кат добиле други задачи (1. Лет. 6:31-33; 26:1, 24). Никаде не пишува дека Катовците се жалеле или барале да извршуваат некоја поважна задача поради честа што ја имале порано. Што учиме од нивниот пример? Со цело срце поддржувај ги промените што ги прави Јеховината организација, вклучувајќи ги и оние кои влијаат врз твојата задача. Најди радост во секоја задача што ќе ја добиеш. Не заборавај дека твојата задача не ја одредува твојата вредност во очите на Јехова. Тој ја цени твојата послушност многу повеќе од која и да било задача (w22.11 23, пас. 10-11).
Четврток, 26 декември
Не се срамеше од моите синџири (2. Тим. 1:16)
Онисифор го побарал апостол Павле и, кога го нашол, се трудел да му помага на практични начини. За да го направи сето ова, Онисифор си го ризикувал животот. Што можеме да научиме од него? Не смееме да дозволиме стравот од човек да нѐ спречи да им помагаме на браќата и сестрите кои се прогонувани. Наместо тоа, да даваме сѐ од себе за да им ја пружиме потребната помош (Изр. 17:17). Тие имаат потреба од нашата љубов и поддршка. Размисли како нашите браќа и сестри во Русија им помагаат на своите соверници кои се во затвор. Кога некои од нив се на судење, многу браќа и сестри доаѓаат во судот за да им ја дадат својата поддршка. Која е поуката за нас? Кога некои од одговорните браќа се наклеветени, уапсени или прогонувани, не дозволувај тоа да те исплаши. Моли се за нив, грижи се за членовите на нивното семејство и барај и други практични начини за да им помогнеш (Дела 12:5; 2. Кор. 1:10, 11; w22.11 17, пас. 11-12).
Петок, 27 декември
Тие ми помагаа и ме зајакнуваа (Кол. 4:11)
Старешините имаат одговорност да ги охрабруваат браќата и сестрите на темел на Библијата и да им помагаат на оние кои минуваат низ тежок период (1. Пет. 5:2). Во случај на катастрофа, старешините најпрво треба да се осигураат дека сите браќа и сестри се на безбедно и дека имаат храна, облека и покрив над главата. Но, и со месеци подоцна, на оние што преживеале катастрофа ќе им биде потребна духовна и емоционална поддршка (Јован 21:15). Харолд, кој служи како член на одбор на подружница и кој разговарал со многу браќа и сестри кои биле погодени од некоја катастрофа, вели: „Потребно е време за човек да закрепне. Можеби животот ќе им се врати во нормала, но спомените од некој што им починал, од некој предмет што многу им значел или од опасната ситуација која ја преживеале можат да останат долго време. Ваквите спомени можат одново и одново да будат чувства на силна тага. Нормално е човек да се чувствува така. Тоа не е знак за недостиг на вера“. Старешините го применуваат советот: „Плачете со оние што плачат“ (Рим. 12:15; w22.12 22, пас. 1; 24-25, пас. 10-11).
Сабота, 28 декември
Живејте според духот, па нема да им угодувате на желбите на телото (Гал. 5:16)
За да ни помогне да победиме во борбата да го правиме она што е исправно, Јехова великодушно ни го дава својот свет дух. Кога ја проучуваме Божјата Реч, ние дозволуваме Божјиот дух да влијае врз нас. Свет дух добиваме и кога присуствуваме на нашите состаноци. Таму можеме да поминуваме време со нашите браќа и сестри кои, слично како нас, даваат сѐ од себе за да го прават она што е исправно, и тоа многу нѐ охрабрува (Евр. 10:24, 25; 13:7). И кога сесрдно му се молиме на Јехова да ни помогне да се избориме со некоја слабост, тој ќе ни го даде својот свет дух за да нѐ зајакне да продолжиме со нашата борба. Ваквите активности веројатно нема да ни ги искоренат погрешните желби, но ќе ни помогнат да се спротивставиме на склоноста да постапуваме според тие желби. Откако сме почнале редовно да учествуваме во духовните активности, важно е и понатаму да го правиме тоа и да продолжиме да развиваме исправни желби (w23.01 11, пас. 13-14).
Недела, 29 декември
Нема да дозволам нешто да завладее со мене (1. Кор. 6:12)
Иако Библијата не е ниту медицински прирачник ниту книга за здрава исхрана, сепак од неа го дознаваме Јеховиното гледиште за овие работи. На пример, Библијата нѐ поттикнува: „Оддалечи ја неволјата од телото свое“ (Проп. 11:10). Со други зборови, треба да се чуваме од она што може да му наштети на нашето тело. Библијата нѐ советува да не се прејадуваме и да не се опиваме. Овие работи можат да ни го нарушат здравјето, па дури и да го доведат во опасност нашиот живот (Изр. 23:20). Јехова очекува од нас да имаме самосовладување кога одредуваме што и колку ќе јадеме и пиеме (1. Кор. 9:25). Способноста за расудување ќе ни помогне да носиме одлуки од кои ќе се види дека многу го цениме животот како дар од Бог (Пс. 119:99, 100; Изр. 2:11). На пример, внимаваме што јадеме. Ако ни се допаѓа некоја храна за која знаеме дека е штетна за нас, здравиот разум нѐ поттикнува да не ја јадеме. Исто така, покажуваме дека ја користиме нашата способност за расудување така што доволно спиеме, редовно вежбаме, одржуваме лична хигиена и се грижиме нашиот дом да биде чист (w23.02 21, пас. 6-7).
Понеделник, 30 декември
Што читаш таму? (Лука 10:26)
Како можеш да најдеш скапоцени вистини кога ја читаш Библијата? Да ги разгледаме стиховите од 2. Тимотеј 3:16, 17. Забележи дека „целото Писмо е... корисно“ за 1) поучување, 2) укорување, 3) поправање и 4) воспитување. Ова важи дури и за библиските книги кои не ги користиш често. Кога читаш некој извештај, размисли што учиш од него за Јехова, за неговата намера или за Божјите начела. Размисли како може тој извештај да ти послужи за укорување. Направи го тоа така што ќе забележиш како тие стихови ти помагаат да ги препознаеш и отфрлиш погрешните склоности или ставови и како ти помагаат да му останеш верен на Јехова. Размисли како може тој извештај да ти користи за поправање, односно да исправиш некое погрешно гледиште на кое можеби си наишол во службата на проповедање. И размисли како може тој извештај да ти користи за воспитување, односно како ти помага да го стекнеш Јеховиното гледиште за работите. Ако ги имаш на ум овие четири работи, ќе најдеш скапоцени вистини кои ќе го збогатат твоето читање на Библијата (w23.02 11, пас. 11).
Вторник, 31 декември
Неговото царство нема да пропадне (Дан. 7:14)
Во едно пророштво од книгата Даниел било проречено дека Исус ќе започне да владее во Царството на крајот од еден период кој е наречен „седум времиња“. Дали е можно да дознаеме кога се случил тој радосен настан? (Дан. 4:10-17). Изразот „седум времиња“ се однесува на период од 2.520 години. Овој период започнал во 607 год. пр.н.е., кога Вавилонците го симнале последниот цар од Јеховиниот престол во Ерусалим. „Седумте времиња“ завршиле во 1914 год. од н.е., кога Јехова го поставил Исус за Цар на Божјето Царство — „оној што според законот има право“ на тоа (Езек. 21:25-27). Како може да ни користи ова пророштво? Тоа што го разбираме пророштвото за „седумте времиња“ нѐ уверува дека Јехова ги исполнува своите ветувања точно на време. Исто како што одредил конкретно време кога да го воспостави своето Царство, Јехова ќе ги исполни и другите пророштва во времето што тој го одредил. Навистина, Јеховиниот ден „нема да задоцни“! (Авак. 2:3; w22.07 3, пас. 3-5).