ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 7/06 стр. 26-28
  • Британскиот „заборавен гениј“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Британскиот „заборавен гениј“
  • Разбудете се! 2006
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Наследството од Хук
  • Реновирањето на Лондон
  • Зошто бил заборавен?
  • Содржина
    Разбудете се! 2006
  • Вечен живот на Земјата — повторно откриена надеж
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Науката беше моја религија
    Разбудете се! 2004
  • Разумно ли е да веруваме во Бог?
    Разбудете се! 2010
Разбудете се! 2006
g 7/06 стр. 26-28

Британскиот „заборавен гениј“

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА

РОБЕРТ ХУК, човекот кого современиците го нарекувале „најголемиот пронаоѓач што некогаш живеел“, сега се слави како англиски Леонардо да Винчи.a Хук е роден во 1635 година. Во 1662 година бил поставен за надгледник на експериментите на Британското кралско друштво во Лондон, а во 1677 година станал негов секретар. Умрел во 1703 година. И покрај угледот што го стекнал како научник, тој бил погребан во непознат гроб некаде во северниот дел на Лондон.

Во последниве години, научниците и историчарите вложиле голем труд за да му го вратат угледот на овој „заборавен гениј“, како што го нарекува неговиот биограф Стивен Инвуд. Во 2003 година, во знак на 300-годишнината од смртта на Хук, Кралската опсерваторија Гринвич во Лондон отвори изложба на некои од неговите извонредни пронајдоци и откритија. Кој бил Роберт Хук, и зошто бил речиси заборавен толку долго време?

Наследството од Хук

Хук бил учен човек и брилијантен изумител. Тој го дизајнирал карданскиот зглоб, кој денес се користи во моторните возила; дијафрагмата, со која се регулира големината на отворот за светлина во фотоапаратите; и балансирачката пружина, т.е. немирницата кај часовниците. Го формулирал и Хуковиот закон, равенка која се користи до ден-денес за да се објасни еластичноста на федерите. Освен тоа, Хук изумил и пумпа за воздух за познатиот британски физичар и хемичар, Роберт Бојл.

Меѓутоа, едно од најголемите достигнувања на Хук било дизајнирањето на сложениот микроскоп составен од две различни леќи, кој подоцна го конструирал Кристофер Кок, познат изработувач на инструменти од Лондон. Вршејќи набљудувања со овој инструмент, Хук бил првиот што забележал дека во плутата има многу мали шуплини, слични на шуплините во саќето на пчелите. Тој ги нарекол „клетки“, што значи „мали ќелии“, или „шуплинки“. Овој назив подоцна почнал да се користи за основните градежни единици на сите живи суштества.

Хук се прославил доста рано во својот живот, со издавањето на својата книга Micrographia (Мали цртежи) во 1665 година. Оваа книга содржи прецизни, прекрасни цртежи на инсекти што ги цртал самиот Хук, а ги видел под својот микроскоп. Најпознат е цртежот на една болва. На гравурата со големина 30 на 45 сантиметри можат да се видат клештичињата, пипките и оклопот на болвата. Богатите читатели од тоа време биле шокирани кога дознале дека такви животинчиња живеат на луѓето. Се вели дека дамите се онесвестувале кога ќе го виделе цртежот!

Правејќи споредба помеѓу врвчето на една мала игла изработена од човек, која ја гледал под микроскоп, и она што постои во природата, Хук напишал: „Со микроскопот можеме да видиме стотици примери на врвови што се илјадници пати поостри“ од врвот на иглата. Тој ги спомнал влакната, пипките и клештичињата кај инсектите, како и трњата, кукачките и влакненцата на ливчињата. Хук бил уверен дека овие „дела на природата“ сведочат за семоќноста на нивниот Создател. Encyclopædia Britannica вели: „За првпат, [микроскопот ни откри] еден свет од кој гледаме дека живите организми се скоро неверојатно сложени“.

Хук бил првиот што набљудувал фосили под микроскоп и така дошол до заклучок дека тие се остатоци или траги од организми кои одамна изумреле. Книгата Micrographia содржи уште многу други фасцинантни научни забелешки. Всушност, современикот на Хук, Семјуел Пепис, познат по својот дневник, за Micrographia рекол: „[Тоа е] најгенијалната книга што некогаш сум ја прочитал“. Ален Чепмен, кој се занимава со историјата на науката при универзитетот Оксфорд, го опишал ова дело како „една од книгите што претставуваат камен-темелник на современиот свет“.

Реновирањето на Лондон

По Големиот пожар што го зафатил Лондон во 1666 година, Хук бил назначен како проектант. Тој тесно соработувал на реновирањето на градот со својот пријател Кристофер Рен, исто така научник и негов колега, кој бил и проектант на кралот. Меѓу многуте други градби, Хук го проектирал и Споменикот на пожарот во Лондон — столб висок 62 метра — во знак на сеќавање на пожарот. Тој имал намера на овој споменик — највисокиот камен столб во светот што не се потпира на ништо — да ги докаже своите теории за гравитацијата.

Иако Кралската опсерваторија Гринвич му се припишува на Рен, Хук имал голема улога во нејзиното проектирање. Монтегју Хаус, каде што бил сместен британскиот музеј во почетокот, е исто така еден од бројните проекти на Хук.

Хук постигнал многу и на полето на астрономијата. Тој бил меѓу првите што го конструирале рефлекторскиот телескоп, на кој му дал име по шкотскиот математичар и астроном Џејмс Грегори. Хук забележал и дека планетата Јупитер се врти околу својата оска, а неговите цртежи на Марс биле користени два века подоцна за да се одреди со која брзина ротира оваа планета.

Зошто бил заборавен?

Во 1687 година, Исак Њутн ја издал книгата Математичките принципи на филозофијата на природата (Philosophiae Naturalis Principia Mathematica). Издадено 22 години по Micrographia на Хук, ова дело на Њутн содржело објаснување на законите за движењето, како и на законот за гравитација. Но, Ален Чепмен вели дека Хук бил тој што „развил многу од компонентите на теоријата за гравитација уште пред Њутн“. Освен тоа, трудот на Хук го поттикнал Њутн да ја истражува и природата на светлината.

За жал, несогласувањата во врска со оптиката и гравитацијата го расипале односот меѓу нив двајца. Њутн дури ги отстранил осврнувањата на Хук од својата книга Математички принципи. Според еден извор, Њутн се обидел и да го избрише од записите придонесот што Хук го дал за науката. Освен тоа, инструментите на Хук — многу од нив рачно изработени — како и голем број од неговите списи и неговиот единствен автентичен портрет исчезнале наскоро откако Њутн станал претседател на Кралското друштво. Како резултат на ова, славата на Хук потонала во мрак во текот на повеќе од два века.

Иронично е тоа што, токму во едно свое писмо до Хук, со датум од 5 февруари 1675 година, Њутн ги напишал своите прочуени зборови: „Ако сум успеал да гледам подалеку од другите, тоа е затоа што сум стоел на рамењата на великани“. Како архитект, астроном, научник што правел разни експерименти, проектант и пронаоѓач, Роберт Хук навистина бил великан на своето време.

[Фуснота]

a Да Винчи е италијански сликар, вајар, инженер и изумител, кој живеел при крајот на 15 и во почетокот на 16 век.

[Слики на страница 26]

Хук правел цртежи на снегулки, и мраз

[Слика на страница 26]

Дизајнот на микроскоп на Хук

[Слика на страница 27]

Хук го измислил зборот „клетка“ за да ги опише шуплините во плутата

[Слика на страница 27]

Во книгата „Micrographia“ на Хук, има цртежи на она што го видел под микроскоп

[Слики на страница 27]

Болва со средна големина

Се вели дека дамите се онесвестувале кога ќе го виделе цртежот на болва кој го направил Хук

[Слика на страница 28]

Монтегју Хаус е една од многуте архитектонски проекти на Хук

[Слика на страница 28]

Цртеж на Хук — приказ на неговиот закон за еластичност

[Слика на страница 28]

Споменикот на пожарот во Лондон е највисокиот камен столб во светот што не се потпира на ништо

[Слика на страница 28]

Кралската опсерваторија

[Извор на слика на страница 26]

Сликите се земени со љубезна дозвола на Posner Memorial Collection, Carnegie Mellon University Libraries

[Извор на слика на страница 27]

Федер, микроскоп и снегулки: сликите се земени со љубезна дозвола на Posner Memorial Collection, Carnegie Mellon University Libraries

[Извори на слики на страница 28]

Дијаграм на федер: сликите се земени со љубезна дозвола на Posner Memorial Collection, Carnegie Mellon University Libraries; Споменик на пожарот во Лондон: Matt Bridger/DHD Multimedia Gallery; Кралската опсерваторија: © National Maritime Museum, London

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели