ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g98 8/10 стр. 27-29
  • Зошто не можам да се сконцентрирам?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Зошто не можам да се сконцентрирам?
  • Разбудете се! 1998
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Променливи правци на размислување
  • Емоциите и хормоните
  • Навики на спиење
  • Исхраната и концентрацијата
  • Генерација на телевизија и компјутери
  • Како можам да се сконцентрирам?
    Разбудете се! 1999
  • Тинејџерските години — врата кон зрелост
    Разбудете се! 2011
  • Што се случува со моето тело?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
  • Родителите прашуваат
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
Повеќе
Разбудете се! 1998
g98 8/10 стр. 27-29

Младите прашуваат . . .

Зошто не можам да се сконцентрирам?

„Понекогаш тоа е сосема случајно. Слушам на собранискиот состанок и наеднаш почнувам да летам со умот. После десет минути се враќам назад“ (Џеси).

„ВНИМАВАЈ!“ Дали често го слушаш овој збор од твоите наставници или родители? Ако тоа е случај, тогаш можеби имаш проблем да ги задржиш мислите сосредоточени на нешто. Како резултат на тоа, можеби страдаат твоите оценки. Или, пак, откриваш дека другите гледаат на тебе негативно, откачувајќи те како занесен, со паметот во облаци, или едноставно како прост.

Што е уште поважно, неспособноста да се внимава може да се одрази негативно врз твојата духовност. На крајот на краиштата, самата Библија заповеда: „Пазете како слушате“ (Лука 8:18). Всушност, на христијаните им е заповедано ‚да обрнат повеќе од вообичаено внимание‘ на духовните работи (Евреите 2:1, NW). А ако ти е тешко да се сконцентрираш, можеби ти е тешко да го послушаш овој совет.

Во што би можело да биде проблемот? Во некои случаи недостигот на концентрација може да биде резултат на некој физички проблем. На пример, некои истражувачи сметаат дека недостигот на внимание вклучува лошо функционирање на невротрансмитерските системи во мозокот.a Некои млади имаат недијагностицирани проблеми, како што се губиток на слухот и на видот. Тоа, пак, може да ја попречи способноста за внимавање. Истражувачите откриле дека на младите обично им е потешко да се сконцентрираат отколку на возрасните. Значи, невнимателноста е вообичаена кај младите, иако во ретки случаи е резултат на здравствено пореметување.

Променливи правци на размислување

Ако ти е тешко да се сконцентрираш, најверојатно тебе те мачат болките поврзани со растењето. Апостол Павле напишал: „Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детинското“ (1. Коринтјаните 13:11). Да, додека стануваш возрасен, се менуваат твоите правци на размислување. Според книгата Adolescent Development, „нови идејни способности . . . се појавуваат во раната адолесценција“. Развиваш способност да разбереш и да анализираш апстрактни мисли и концепти. Почнуваш подлабоко да ги сфаќаш моралот, етиката и другите општи теми. Почнуваш да размислуваш за иднината како возрасен човек.

Во што е проблемот? Сите тие нови мисли, идеи и концепти кои ти се вртат во умот можат многу да го одвлечат вниманието. Повеќе не размислуваш на едноставното, основно ниво на едно дете. Сега твојот мозок те тера да анализираш и да го испитуваш она што го гледаш и што го слушаш. Коментарот на некој наставник или предавач може да биде повод за возбудлива екскурзија со мислите. Но, ако не научиш да ги контролираш своите заскитани мисли, ќе испуштиш скапоцени информации. Интересно е тоа што Библијата вели дека праведниот човек Исак минувал време во спокојно медитирање (1. Мојсеева 24:63, NW). Можеби ако секој ден одвојуваш време да се опуштиш, да медитираш и да ги средуваш работите, тоа ќе ти помогне да бидеш пососредоточен и во други прилики.

Емоциите и хормоните

Исто така, и емоциите можат да бидат извор на одвлекување внимание. Се обидуваш да се сконцентрираш на она што го читаш или слушаш, но се фаќаш себеси како размислуваш за други работи. Преминуваш од здодевност во возбуденост, од депресија во восхитеност. Опушти се! Не полудуваш. Сосема веројатно твоите хормони ти прават проблеми. Ти ги доживуваш промените на пубертетот.

Кети Мекој и Чарлс Вибелсман пишуваат: „Во адолесцентните години надоаѓаат секакви чувства . . . Оваа променливост на расположението донекаде е дел од адолесцентниот период. Дел од ова е поврзано со стресот поради сите промени што ги доживуваш токму сега“. Понатаму, ти се приближуваш кон „цутот на младоста“ — време кога сексуалните желби се на својот врв (1. Коринтјаните 7:36, NW). Писателката Рут Бел вели: „Промените во телото во текот на пубертетот честопати носат посилни сексуални чувства. Можеби ќе се најдеш себеси како сѐ повеќе размислуваш за сексот, полесно сексуално се возбудуваш, а понекогаш дури и си преокупиран со секс“.b

На Џеси, цитиран на почетокот, му се случува да му летне умот, што е толку вообичаено меѓу тинејџерите: „Понекогаш мислам на девојки или на некоја грижа што ја имам или што ќе правам подоцна“. Со текот на времето, бурата од емоции ќе се смири. Во меѓувреме, работи на самодисциплина. Апостол Павле напишал: „Го истоштувам и го поробувам телото“ (1. Коринтјаните 9:27). Колку повеќе учиш да ги контролираш емоциите толку повеќе ќе можеш да се сконцентрираш.

Навики на спиење

На твоето тело кое е во фаза на растење му треба доволно сон за да може да се развие физички и за да му овозможи на мозокот да ги среди многуте нови концепти и емоции со кои секојдневно се соочуваш. Меѓутоа, многу тинејџери имаат распоред кој им допушта малку време за спиење. Еден невролог коментира: „Организмот нема да ги заборави часовите сон што му ги должите. Напротив, секогаш ќе ги помни и одеднаш ќе побара сметка која може да се состои од дупки во памтењето, проблеми со концентрацијата и бавна способност за размислување“.

Некои истражувачи сметаат дека само еден или повеќе часови подолго спиење секоја ноќ можат многу да ја подобрат способноста за концентрација. Точно е дека Библијата не ја одобрува мрзливоста и љубовта кон спиењето (Изреки 20:13). Меѓутоа, разумно е да се одмараш доволно за да функционираш ефикасно (Проповедник 4:6).

Исхраната и концентрацијата

Друг проблем би можела да биде исхраната. Меѓу тинејџерите е омилена храната со масти и шеќери. Истражувачите велат дека, иако шунд храната можеби е многу вкусна, изгледа дека таа ја намалува острината на умот. Исто така, истражувањата покажуваат дека умствените способности опаѓаат после еден оброк од јагленохидрати, како што се лебот, житариците, оризот или тестенината. Ова можеби е случај затоа што јагленохидратите го зголемуваат износот на една хемикалија наречена серотонин во мозокот и доведуваат до тоа лицето да се чувствува дремливо. Затоа, некои нутриционисти советуваат да се јаде храна богата со протеини пред секаква активност за која е потребна бистрина на умот.

Генерација на телевизија и компјутери

Со години педагозите сметале дека ТВ-то и неговите подвижни слики ја скратуваат должината на концентрација кај младите. Некои сега упатуваат слично обвинение и на компјутерскиот терминал. Иако меѓу експертите постои голема дебата за тоа како точно влијае оваа современа технологија врз младите луѓе, минувањето премногу време во гледање ТВ или во играње компјутерски игри воопшто не би можело да биде здраво. Еден младинец признава: „Со работи како видеоигрите, компјутерите и Интернетот, ние младите сме условени брзо да го добиеме она што го сакаме“.

Проблемот е во тоа што многу работи во животот не доаѓаат брзо. Многу работи се постигнуваат само со труд, истрајност и со старомодната стрпливост. (Спореди Евреите 6:12; Јаков 5:7.) Затоа, никогаш немој да мислиш дека работите мора брзо да се одвиваат и да бидат забавни за да имаат некаква вредност. Иако гледањето ТВ и играњето компјутерски игри може да биде забавно, зошто да не сликаш, црташ или учиш да свириш некој музички инструмент? Таквите вештини можат да ја зголемат способноста за концентрација.

Постојат ли и други начини на кои можеш да ја развиеш својата способност за концентрација? Да, постојат, и една идна статија ќе испита некои од нив.

[Фусноти]

a Види ги изданијата на Разбудете се! од 8 март 1995, страници 3—12 (срп.); 8 октомври 1996, страници 28—30 и 22 февруари 1997, страници 5—10 (срп.)

b Види ја статијата „Младите прашуваат . . . ‚Како можам да престанам да мислам на спротивниот пол?‘ во нашето издание од 8 август 1994 (хрв.).

[Истакната мисла на страница 29]

Истражувачите велат дека шунд храната изгледа ја намалува острината на умот

[Истакната мисла на страница 29]

„Понекогаш мислам на девојки или на некоја грижа што ја имам“

[Слика на страница 28]

Дали честопати ти е тешко да бидеш внимателен на часот?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели