Ветување кое сум одлучен да го одржам
РАСКАЖАЛ МАРЈАН ЦИБУЛСКИ
ВО февруари 1945, јас имав 20 години и бев војник во Советската армија, која ги потисна Германците стотици километри накај нивната земја. Секојдневно ги гледав ужасите на војната; моите другари умираа насекаде околу мене. Дојдовме во близината на Бреслав (Германија), сега Вроцлав (Полска). Една вечер додека бев таму, уморен од колежот и страдањето, му ветив на Бог дека, ако допушти да се вратам дома безбедно, ќе го посветам мојот живот на извршувањето на неговата волја.
После три месеци, Германија беше поразена. Откако ме пуштија од војската, во декември 1945 се довлечкав до Рогизно, село во близината на Лвов (сега Лавов, Украина), родното место на татко ми. Следното утро сретнав еден Јеховин сведок и добив темелно сведоштво за Божјето Царство. Иако веќе знаев нешто за Библијата, па дури и имав прочитано нешто од литературата на Сведоците, овојпат моето срце беше трогнато. Сфатив дека оваа средба има некаква врска со моето ветување.
Исполнување на ветувањето
Наскоро добив работа како наставник во основно училиште. Но, после помалку од две години, кога директорот на обласната канцеларија за образование издаде налог дека децата мораат да добијат атеистичко образование, јас бев отпуштен. Отприлика во истото време, во мај 1947, почнав да учествувам во јавното проповедничко дело заедно со Јеховините сведоци. Сведоците ме охрабрија да се преселам на југ, во градот Борислав, каде што веднаш најдов работа како електричар.
Во Борислав се запознав со луѓе кои станале Сведоци во 1930-тите. Тие имаа многу библиски публикации кои темелно ги прочитав, вклучувајќи ги и томовите на Studies in the Scriptures и повеќето книги кои ги напишал Џозеф Ф. Ратерфорд, поранешен претседател на Watch Tower Society. Прочитав и стари примероци на Стражарска кула и Златен век (сега Разбудете се!), кои ги имаа некои Сведоци. Но, она што ми остави најголем впечаток беше една збирка писма напишани од германските Сведоци кои беа осудени на смрт под Хитлеровиот режим. Овие писма беа преведени на полски, умножени и потоа ставени во форма на брошура. Подоцна, кога ќе се сетев на интегритетот на тие германски браќа, пронаоѓав сила да ги издржам искушенијата.
Конечно, во 1949 се крстив во едно од езерата на Борислав, со што формално го одржав ветувањето што му го дадов на Бог на бојното поле дека ќе му служам. Но, овојпат тоа беше ветување темелено на точно спознание.
Започнуваат моите искушенија
Наскоро бев отпуштен од работа. Така, во февруари 1950, се преселив во блискиот град Стриј, каде што повторно се вработив како електричар. Моите христијански браќа срдечно ме примија, па дури и ме замолија да го водам годишниот Меморијал во знак на сеќавање на смртта на Исус Христос, кој се одржа после неколку седмици.
Во тоа време провокациите и заканите против Сведоците се засилија. Нѐ следеа членови на КГБ, Државниот одбор за безбедност. Затоа бевме претпазливи додека се подготвувавме за можно апсење и сослушување. Пеењето на песните на Царството на состаноците ни помогна да останеме духовно јаки.
На 3 јули 1950 добив барање да го потпишам Стокхолмскиот апел, еден апел против нуклеарното вооружување кој го потпишаа преку 273.000.000 луѓе, главно граѓани на комунистичките земји. Кога одбив да го сторам тоа, објаснувајќи дека сум политички неутрален, повторно бев отпуштен. После овој настан бев уапсен, сослушан и осуден на 25-годишен затвор во работен логор.
Од логор до логор
Во декември 1950, многумина од нас беа напикани во товарни вагони и испратени далеку речиси 3.000 километри до едно подрачје во близината на северните Уралски планини кои делумно го делат азискиот од европскиот дел на Русија. Таму бев затворан од еден во друг логор. Секаде беше исто — напорна работа и скудни оброци. Беа доволни два или три месеца за да претворат млади и здрави мажи во живи трупови. Многумина умреа. Не се осмелувавме ниту да сонуваме за преживување, особено оние од нас кои имаа долги казни.
Најтешка ми беше годината кога немав библиска литература ниту контакт со други Сведоци. Изолацијата беше право измачување. Но, духовно се зајакнував кога некои затвореници ме слушаа додека им зборував за Божјето Царство. Конечно беше одговорена мојата срдечна молитва и бев префрлен околу 2.000 километри југоисточно во еден голем комплекс логори во новоизградениот град Ангарск, во источен Сибир. Таму се градеше една голема хемиска централа, а поголемиот дел од работата го извршуваа затвореници.
Јас бев доделен во логорот 13, во близина на градилиштето. Таму уште веднаш сретнав други Сведоци кои ми ги дадоа најновите примероци на Стражарска кула и Информатор, како што тогаш се викаше Наша служба за Царството. Каква само духовна гозба беше тоа! Но, од каде доаѓаше?
Во април 1951, илјадници Сведоци од Украина беа прогонети во Сибир, од кои многумина во подрачја кои не беа далеку од Ангарск. Овие браќа добиваа и тајно умножуваа примероци од Стражарска кула и други публикации, а потоа ги прокриумчаруваа во логорите. Успеавме да добиеме и Библија. Ја разделивме на делови кои си ги поделивме меѓу нас. Така, во случај да пребаруваат, ќе изгубевме само дел од Библијата. Во логорите водевме дури и студија на Стражарска кула и Теократска школа за служба!
Кон крајот на 1952 бев префрлен во логорот 8. Следниот март го прославивме Меморијалот во една мала просторија каде што затворениците си ги ставаа своите лични работи. Беа присутни само 12-мина — 3 Сведоци и 9 заинтересирани лица. Властите дознаа некако за нашиот состанок и јас бев протеран во казнениот логор 12 затоа што сум бил, како што ме нарекоа, „злобен агитатор“. Во логорот имаше уште пет Сведоци кои исто така беа казнети поради тоа што проповедале. Додека бевме таму, нѐ тераа да ископаме една голема површина за темели, и тоа само со мотики и лопати.
Многу од затворениците во логорот 12 беа едни од најлошите криминалци. Службениците очигледно мислеа дека, ако нѐ стават заедно со нив, тоа ќе нѐ сруши. Но, ние разговаравме со нив за Божјето Царство, а во бараките пеевме и песни на Царството. Еднаш, кога престанавме да пееме, водачот на логорот беше поттикнат да му пристапи на еден Сведок и да му рече: „Само ако ве допре некој, ќе му ја скршам главата!“ Дури и некои од криминалците ги научија нашите песни на Царството и пееја заедно со нас!
Во средината на 1953, многу Сведоци беа префрлени од другите логори во логорот 1. Во почетокот, во логорот 1 бевме 48 Сведоци, но за помалку од три години бројот порасна на 64. Да, во меѓувреме 16 зазедоа став за библиската вистина и се крстија! Иако службениците во логорот секогаш чекаа на некаков доказ за религиозна активност, ние можевме да ги одржуваме состаноците и крштавањата во капалиштето на логорот затоа што одговорниот беше Сведок.
Слобода и семејство
Во 1956 повеќето Сведоци од логорите беа ослободени. На тој начин до сите делови на пространата советска територија беа распрснати гласници на добрата вест. Мојата 25-годишна затворска казна беше намалена на 10 години, а на крајот на 6 години и 6 месеци. Така, во февруари 1957 ме ослободија и мене.
Прво отидов во Бирусинск, град во Сибир, околу 600 километри северозападно од Ангарск. Многу украински Сведоци беа депортирани во тоа подрачје, а јас уживав кога споделував искуства со нив и кога дознавав за другите Сведоци кои ни беа заеднички познаници. Оттаму се преселив назад во Борислав, во Украина, каде што живееше една Украинка Сведок по име Евгенија Башинскаја. Таа била пуштена од затвор една година пред мене.
Евгенија беше цврст Сведок која во 1950 била осудена на смрт поради нејзината проповедничка активност. Меѓутоа, после 18 дена чекање за извршување на пресудата, казната ѝ била намалена на 25 години во специјален логор. Кон крајот на 1957, кога се вратив во Украина, се венчавме. Откако склопивме брак, имавме намера да се населиме во Борислав, каде што бев крстен пред девет години. Наместо тоа, ми дадоа 48 часа да ја напуштам Украина!
Се преселив на Кавказ, во јужна Русија. Подоцна таму ми се придружи и Евгенија. Меѓутоа, после шест месеци живот во еден мал амбар, заминавме за Бирусинск каде што им се придруживме на нашите изгонети христијански браќа и сестри. Во Бирусинск имаше околу 500 Сведоци и пет собранија. Бев именуван за претседавачки надгледник во едно од собранијата. Во 1959 се роди нашата ќерка Оксана, а потоа во 1960 и Маријана. Уште од бебиња тие секогаш беа присутни на состаноците и израснаа според духовниот ритам на собраниска активност во Сибир.
Сибирските власти беа релативно толерантни за нашите собраниски активности, барем во споредба со строгите ограничувања кои беа ставени на нашето дело во Украина. Сепак, не беше лесно целото наше собрание да се состанува заедно. Погребите ни даваа можности да се собираме во голем број. Во тие прилики неколку браќа изнесуваа поучни библиски говори. Но, кога властите дознаа што се случува, презедоа акција. На пример, во една прилика, една погребна поворка беше запрена и сандакот беше сосила однесен до гробиштата и закопан.
Враќање во Украина
Во 1965 се вративме во Украина и се населивме во Кременчуг. Овој град, речиси 800 километри источно од Борислав, имаше само 12 Сведоци. Таму живеевме околу 5 години; повеќето од тоа време служев во собранијата како патувачки надгледник. Во 1969, кога нашите ќерки имаа девет и десет години, нѐ замолија да се преселиме на југ за да им помогнеме на браќата во малото гратче Молошанск.
Во Молошанск ме повика КГБ на една дискусија која траеше неколку часови. Всушност, ме повикаа шест пати! При секоја дискусија ми ветуваа светла иднина ако се откажам од моите врски со „јеховистите“. Конечно, стрпливоста на КГБ беше при крај, па така заедно со уште еден Сведок бевме осудени на една година затвор.
Откако ја издржав казната, во 1973 со семејството се преселив во едно мало село во близината на Кременчуг. Тајно одржувавме христијански состаноци во нашиот дом, вклучувајќи ја и прославата на Меморијалот на Христовата смрт во 1974. Следното утро нашиот дом беше претресен, а јас бев уапсен.
Сослушување, работен логор и изгон
Моето судење не беше отворено за јавноста, па можеше да се присуствува само со покана. Беа присутни врвни службеници и општествени водачи, кремот на општеството. Одлучив да се бранам без адвокат. Имав 45 минути за да ја изнесам сопствената одбрана. Дента пред судењето, Евгенија и нашите ќерки клекнаа да се молат, но не бараа да добијам поблага казна или помилување, туку само да се даде добро сведоштво за Царството и за Јеховиното свето име.
Во текот на сослушувањето, судијата прочита неколку пасуси од списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Реакцијата на публиката не беше онаква каква што очекуваше судијата. Кога луѓето слушнаа дека овој злобен свет ќе престане да постои во Армагедон и дека Божјето Царство ќе владее со Земјата, тие беа збунети — несигурни што да веруваат. Судијата наскоро ја увиде својата грешка и за време на моите завршни аргументирања се обиде да се искупи со тоа што постојано го прекинуваше моето излагање. Сепак, читајќи директно од нашите публикации, судијата помогна да се даде едно добро сведоштво и моето срце се исполни со благодарност. Но јас бев осуден на пет години тешка работа, после кои следеа пет години изгон.
Следните пет години ги поминав меѓу закоравени криминалци на далечниот север во работниот логор Јодва во автономната Советска Социјалистичка Република Коми. За сето тоа време имав многу прилики да им дадам сведоштво за Царството на околу 1.200 затвореници, како и на административниот персонал на логорот. Откако бев ослободен во 1979, ме изгонија во Воркута, над Северниот поларен круг. Кратко откако најдов работа и место за живеење во Воркута, семејството ми се придружи.
Воркута е познат по тоа што е изграден врз коските на своите затвореници, вклучувајќи и многу Сведоци кои биле затвореници претходните децении. Денес тој е нормален град и никаде не можат да се видат работни логори. Но, во вечниот лед во и околу градот лежат телата на безброј маченици кои ги дале своите животи за фалба на Јехова.
Радоста на религиозната слобода
Во 1989 патувавме од Воркута за Полска за да присуствуваме на два меѓународни конгреса на Јеховините сведоци. Не се срамевме од солзите радосници што ги леевме додека гледавме како десетици илјади христијански браќа и сестри во Варшава и Катовице се радуваат на среќно дружење без страв од апсење. Еден сон се исполни. Се вративме во Воркута со обновена одлучност да служиме на интересите на Царството.
Меѓутоа, климата над Северниот поларен круг е остра и тоа се одрази врз здравјето на Евгенија. Затоа, уште истата година се вративме во Кременчуг, каде што се радуваме на нашата служба за Јехова со поголемата слобода што ја уживаме сега. Нашите два зета се старешини во собранието овде во Украина. А нашите ќерки, иако подигаат четири деца, се пионерки, како што се наречени полновремените слуги.
Одвреме навреме сѐ уште се сеќавам на бојното поле од 1945 и на ветувањето што го дадов пред повеќе од половина век. За да можам да го одржам, Јехова ми даде точно спознание, истото она спознание кое им овозможило на милиони други да дадат слично ветување — дека засекогаш ќе му служат на Јехова.
[Карта/слика на страница 23]
(Види во публикацијата)
РУСИЈА
Воркута
Лавов
Борислав
УКРАИНА
Кременчуг
Молошанск
Кавказ
Бирусинск
Ангарск
Со нашите две ќерки, нивните сопрузи и нивните четири деца
[Извор на слика]
Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.