До каде можете да имате доверба во науката?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
ПОВЕЌЕТО луѓе вистински ѝ се восхитуваат на науката, со оглед на многуте нејзини достигнувања во медицината, инженерството, комуникацијата и другите дисциплини. Научните откритија ги допреле животите речиси на сите луѓе кои живеат денес. Многу научници го посветиле целиот свој живот на целите на науката, и искрените научни напори насочени кон подобрувањето на квалитетот на животот треба да бидат пофалени. Всушност, авторот Тони Мортон оди дотаму што вели дека „науката несомнено е една од главните поткрепи на современата цивилизација“.
Но, во сите подрачја од животот, потребна е рамнотежа во одмерувањето на вистинската вредност, а полето на науката не е исклучок. Како помош за да задржиме такво урамнотежено гледиште, да размислиме за зборовите на еден друг писател, кој не е толку ласкав за улогата што ја игра науката во нашиот живот. Во својата книга The Unnatural Nature of Science (Неприродната природа на науката), Луис Волперт пишува: „Анкетите потврдуваат дека постои голем интерес за и воодушевување од науката, заедно со нереалното верување дека таа може да ги излечи сите проблеми; но исто така, кај некои има и длабоко вкоренет страв и непријателство . . . Докторите на наука се сметаат за ладни, анонимни и негрижливи стручњаци“.
Подемот на науката
Секогаш постои елемент на ризик кога научните експерименти вклучуваат нешто сосема ново. Но, бидејќи новите откритија покажуваат дека ризикот вреди, довербата на јавноста во науката расте. До некој обем, науката уживајќи во славата на минатите успеси преземала сѐ посмели и посмели ризици, па многу луѓе во своето стравопочитување и воодушевеност почнале да ја сметаат науката како панацеа за сите маки на човештвото. Резултатот е тоа што многу луѓе ги поврзуваат зборовите „наука“ и „научен“ со апсолутна вистина.
Публикацијата American Studies го забележува следново: „Почнувајќи во 1920-тите и сѐ повеќе во 1930-тите, научниците во бели лабораториски мантили им даваа објективно уверување на потрошувачите дека еден производ е ‚научно‘ подобар од конкурентните. Една статија во Nation од 1928 се жалела дека ‚реченицата што започнува со „Науката вели“ обично ќе ја среди секоја расправија на еден општествен собир или, пак, ќе продаде секаков производ од паста за заби до фрижидери‘“.
Но, дали секогаш науката неизбежно е синоним за апсолутна вистина? Низ историјата, научните откритија имале свои жестоки противници. Некои од покренатите приговори биле неосновани; други изгледа имале добар темел. На пример, откритијата на Галилео го подигнале гневот на Католичката црква. А научните теории за потеклото на човекот навлекле непријателски реакции и на научна и на библиска основа. Затоа, испаѓа дека воопшто не изненадува тоа што секое ново научно откритие привлекува приврзаници и противници.
Една стара латинска изрека гласи: „Науката [односно спознанието] нема друг непријател освен неуките“. Меѓутоа, ова повеќе не е вистина бидејќи науката денес е на удар како никогаш порано — и тоа не од неуките. Изгледа дека, иако некогаш многумина сметаа дека таа не може да биде нападната, сега науката ја мачат некои од нејзините некогашни приврзаници. За сѐ поголем број нејзини следбеници може да се рече дека станале нејзин судија, порота и џелат. Големите храмови на научното учење сега честопати се арени на конфликти. Една причина за нејзините неволји е тоа што минатите измами и корумпираност на некои научни академци сега излегле на видело.
Така, почесто од кога и да е порано се поставува прашањето: Може ли навистина да се има доверба во целата наука? Следнава статија истакнува некои од причините зошто сѐ поголем број луѓе го покренуваат ова прашање.
[Истакната мисла на страница 4]
Дали науката секогаш е синоним за апсолутна вистина?