Поука од едно грне сало
Стравотиите на војната се некои од моите најрани сеќавања, особено сеќавањата како бегаме за да ги спасиме нашите животи кон крајот на II светска војна, кога имав само четири години. Нашето седумчлено семејство живееше во Источна Прусија, која тогаш беше дел од Германија.
ЈАС зјапав во страшната темница, слушајќи го ескадронот руски бомбардери кој се приближуваше. Ненадејно, заслепувачки блесоци и заглушувачки експлозии ги запалија цистерните за складирање гориво на далечина од неколку стотина метри. Возот во кој бевме се тресеше на шините, а луѓето пискаа. Но, наскоро бомбардерите си заминаа и нашето патување продолжи.
Во една друга прилика, се разбудив од непостојаниот сон за да видам една жена која пискаше и се обидуваше да излезе од товарниот вагон во кој се возевме. Татко ми ја спречи и ја турна внатре. Жената заспала близу до вратата, со своето бебе во рацете. Кога се разбудила, видела дека бебето умрело од студ. Тогаш луѓето го фрлиле телото надвор во снегот, а мајката, обземена од тага, се обидуваше да ја отвори вратата за да скокне и да умре заедно со своето дете.
Во борбата против суровиот студ, во средината на нашиот товарен вагон беше ставено едно ќумбе. Малата залиха дрва на едниот крај од вагонот се користеше штедливо за да се готват компири. Компирите ни служеа и како кревети, бидејќи спиењето на нив обезбедуваше мала изолација од замрзнатите подни даски на вагонот.
Зошто бегавме за да ги спасиме нашите животи? Како преживеа нашето семејство во текот на месеците како бегалци? Дозволете ми да Ви раскажам.
Еврејско наследство
Роден сум на 22 декември 1940 година — најмалото од петте деца — во Лик, Источна Прусија (сега Елк, Полска). Религиозното прогонство ги натерало моите еврејски предци да ја напуштат Германија во подоцниот дел од 1700-тите. Тие се преселиле во Русија во една од големите масовни миграции во историјата. Потоа, во 1917 година, за да избега од антисемитското прогонство во Русија во тоа време, мојот дедо Евреин мигрирал во Источна Прусија од своето село во близината на реката Волга.
Дедо ми добил германско државјанство, и Источна Прусија изгледала како безбедно засолниште. Оние кои имале еврејски имиња, присвоиле ариевски имиња. Така, татко ми, Фридрих Саломон, станал познат како Фриц. Мајка ми, пак, беше Прусинка. Таа и татко ми, кој беше музичар, се венчале во 1929 година.
Животот за моите родители изгледаше дека е исполнет со среќа и ветувања. Баба ми Фредерике и прабаба ми Вилхелмина (од страната на мајка ми) поседуваа прилично голема фарма, која се покажа како втор дом за моите родители и за нас децата. Музиката играше голема улога во нашиот семеен живот. Мајка ми свиреше на тапани во танцовата група на татко ми.
Нацистичка окупација
Во 1939 година, на политичкиот хоризонт почнаа да се појавуваат злокобни облаци. Таканареченото крајно решение на Адолф Хитлер за проблемот со Евреите почна да ги вознемирува моите родители. Ние децата не бевме свесни за нашето еврејско потекло и не знаевме за тоа сѐ до смртта на мајка ми во 1978 — девет години откако умре татко ми.
За да не се посомнева никој дека татко ми е Евреин, тој се приклучи кон германската армија. За почеток служеше во музичкиот корпус. Меѓутоа, некој кој очигледно знаел за неговата позадина кажал дека тој е Евреин, и така целото наше семејство беше испрашувано и фотографирано. Нацистичките експерти се обидоа да одредат дали имаме карактеристика на Евреи. Мора да сме им изгледале доволно ариевски, па така, за среќа, не бевме уапсени или затворени.
Кога Германија ја нападна Полска на 1 септември 1939 година, почна да владее страв во нашиот некогаш мирољубив регион. Мајка ми сакаше веднаш да се преселиме во некое побезбедно подрачје, но нацистичките офицери присилно спречија нашето семејство да го стори тоа. Потоа, додека руските војски напредуваа кон Источна Прусија во текот на летото 1944 година, Германците одлучија да го евакуираат Лик и околното подрачје. Еден јулски ден, ни беа дадени само шест часа за да си заминеме оддома.
Масовен егзодус во паника
Мајка ми беше во шок. Што да понесеме? Каде да одиме? Како да патуваме? Ќе се вратиме ли некогаш? Секое семејство беше стриктно ограничено во она што може да го понесе. Мајка ми мудро ги избра основните работи — вклучувајќи и еден голем земјен ќуп говедска маст со парчиња сланина — доволно за да го носиме без мака. Другите семејства одбраа да ги понесат своите скапоцени материјални поседи.
На 22 октомври 1944 година, руските трупи навлегоа во Источна Прусија. Еден писател објаснил: „Беше сосема природно руските војници кои ги виделе своите сопствени семејства масакрирани и нивните сопствени домови и жетви запалени, да имаат сметки за средување“. Пустошењето предизвика бранови на ужас низ Источна Прусија, додека луѓето воспаничено бегаа.
Во тоа време ние бевме бегалци и живеевме уште подалеку на запад во Источна Прусија. Единствената рута за бегање изгледа беше преку Балтичкото Море, така што луѓето бегаа во пристанишниот град Данциг (сега Гдањск, Полска). Таму беа насилно одземани бродови за итните спасувачки операции. Нашето семејство го пропушти возот што требаше да нѐ однесе за да се качиме на германскиот патнички брод Wilhelm Gustloff, кој отплови од Гдиња, близу Данциг, на 30 јануари 1945 година. Подоцна дознавме дека руските торпеда го потопиле бродот и дека во ледените води исчезнале околу 8.000 патници.
Со затворен пат за бегање по море, се упативме кон запад. Додека беше на привремено отсуство од војска, татко ми ни се придружи еден дел од патот со воз, како што опишав во уводот. Наскоро мораше да се врати во воената служба, а ние сами го продолживме долгото, опасно патување. Мајка ми го пазеше грнето со сало, трошејќи малку по малку. Тоа беше додаток на секакви остатоци од храна што ги собиравме по патот, одржувајќи нѐ во живот за време на долгата, студена зима. Тоа грне со сало се покажа поскапоцено од секакво злато или сребро!
Конечно, пристигнавме во градот Старгард, каде што германските војници и Црвениот крст поставија бесплатна менза за сиромашните во близината на железничката станица. За едно многу гладно дете, таа супа изгледаше божествено. Со текот на времето, пристигнавме во Хамбург (Германија), гладни и исцрпени, но благодарни што сме живи. Бевме сместени на една фарма во близината на реката Елба, заедно со руски и полски воени затвореници. Кога војната во Европа заврши на 8 мај 1945 година, нашата ситуација беше многу несигурна.
Животот како бегалци
Татко ми беше одведен како затвореник од страна на Американците, но тие добро постапувале со него, особено кога дознале дека е музичар. Ги користеле неговите музички вештини за да го прослават нивниот Ден на независноста. Кратко потоа, тој успел да избега и да отиде во Хамбург, каде што повторно среќно се соединивме. Се сместивме во една мала колиба, и наскоро и нашите две баби безбедно пристигнаа и можеа да ни се придружат.
Меѓутоа, со текот на времето, локалните жители, вклучувајќи ја и нашата сопствена Протестантска црква, почнаа да ги презираат многуте бегалци. Една вечер, свештеникот го посети нашето семејство. Изгледаше дека намерно нѐ навредува давајќи навредлива забелешка за нашиот статус како бегалци. Татко ми, еден силно граден човек, се разгневи и го нападна проповедникот. Мајка ми и бабите го спречија татко ми. Но, потоа тој го подигна свештеникот во вис, го однесе до вратата и го истурка надвор. Оттогаш тој забрани под неговиот кров да се води каква и да е дискусија за религија.
Кратко после овој настан, татко ми доби работа во германските железници, па така ние се преселивме во периферијата на Хамбург, каде што живеевме во еден неупотребуван железнички вагон. Подоцна, татко ми ни изгради скромен дом. Но, омразата кон бегалците продолжи, а како мало дете, јас станав мета на големо физичко и емоционално малтретирање од локалните деца.
Изборот на религија на нашето семејство
Како дете, јас спиев во собата со моите две баби. И покрај наредбите на татко ми, обете честопати ми зборуваа за Бог, пееја фалби и ги читаа своите Библии кога тој не беше дома. Мојот духовен интерес беше разбуден. Така, кога имав десет години, почнав да пешачам по околу единаесет километри во еден правец за да присуствувам во црквата во неделите. Но, морам да речам дека бев разочаран кога многу од прашањата што ги поставував не беа одговорени на мое задоволство.
Потоа, летото 1951 година, еден уредно облечен човек затропа на нашата врата и ѝ понуди на мајка ми примерок од списанието Стражарска кула. „Стражарска кула дава увид во Божјето Царство“, рече тој. Моето срце потскокна, бидејќи тоа беше она што го посакував. Мајка ми учтиво одби, несомнено поради тоа што татко ми се противеше на религијата. Меѓутоа, јас ја молев толку многу што таа попушти и зема еден примерок за мене. После некое време, Ернест Хибинг се врати и ја остави книгата „Let God Be True“.
Отприлика во тоа време, татко ми имаше несреќен случај на работа и си ја скрши ногата. Тоа значеше дека е ограничен да остане дома, а тоа многу го вознемируваше. Иако ногата му беше во гипс, тој можеше да куца наоколу. Бевме збунети што постојано исчезнуваше во текот на денот, покажувајќи се само на оброците. Тоа траеше цела недела. Забележав дека секогаш кога татко ми ќе исчезнеше, исчезнуваше и мојата книга. Потоа, на еден оброк татко ми ми рече: „Ако тој човек дојде повторно, сакам да го видам!“
Кога се врати брат Хибинг, на наше изненадување татко ми ја тресна книгата на масата и рече: „Оваа книга е вистината!“ Веднаш беше започната библиска студија и, со текот на времето, на студијата се придружија и други членови на семејството. Брат Хибинг ми стана доверлив ментор и вистински пријател. Наскоро бев истеран од неделното училиште поради тоа што се обидував да ги споделам моите новопронајдени верувања. Затоа, ја напуштив Лутеранската црква.
Во јули 1952 година, почнав да учествувам во проповедањето на добрата вест за Божјето Царство од куќа до куќа заедно со мојот драг пријател. Секоја недела, брат Хибинг ќе ме опоменеше внимателно да слушам како му ја претставува пораката на станарот. После неколку недели, тој покажа на еден голем блок згради и рече: „Сите тие се твои и ќе ги работиш сам“. Со текот на времето ја совладав тремата и имав добар успех кога зборував со луѓето и им оставав библиска литература.
Наскоро, се квалификував за крштавање како симбол на моето предание на Јехова. Татко ми и јас се крстивме на 29 март 1953 година, а подоцна истата година се крсти и мајка ми. На крајот се крстија сите членови на нашето семејство, вклучувајќи ја сестра ми Ерика, браќата Хајнц, Херберт и Вернер, како и нашите многу драги баби, кои тогаш беа длабоко навлезени во своите 80-ти години. Потоа, во јануари 1959 година, јас станав пионер, како што се наречени полновремените министри.
Служба во една нова земја
Татко ми отсекогаш ме тераше да ја напуштам Германија и, кога ќе погледнам назад, мислам дека тоа беше поради неговите тогашни стравови од антисемитизмот. Поднесов молба да емигрирам во Австралија, надевајќи се дека тоа ќе биде отскочна даска за да служам како мисионер во Папуа Нова Гвинеја или на некој друг пацифички остров. Брат ми Вернер и јас пристигнавме во Мелбурн (Австралија) на 21 јули 1959 година.
За неколку недели се запознав со Мелва Петерс, која служеше како полновремен министер во собранието Футскреј, и се венчавме во 1960 година. Бевме благословени со две ќерки, кои исто така го засакаа Јехова Бог и му ги предадоа своите животи. Напорно се трудевме да водиме едноставен и уреден живот за да можеме како семејство поцелосно да следиме духовни цели. Многу години, сѐ додека здравствените проблеми не ја спречија да продолжи, Мелва служеше како пионер. Сега јас сум старешина и пионер во собранието Белконен, во градот Канбера.
Од искуствата од моето рано детство, научив да бидам среќен и задоволен со Јеховините подготовки. Како што беше илустрирано со грнето сало на мајка ми, сфатив дека преживувањето не зависи од злато и сребро, туку од основните материјални потреби и, што е уште поважно, од проучувањето на Божјата Реч, Библијата, како и од применувањето на она што го поучува таа (Матеј 4:4).
Длабоките зборови на Исусовата мајка, Марија, навистина се точни: „[Јехова] гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни“ (Лука 1:53). За среќа, можам да избројам 47 членови од моето семејство кои одат по патот на библиската вистина, вклучувајќи и седум внуци (3. Јованово 4). Со сите нив, како и со многуте наши духовни деца и внуци, Мелва и јас очекуваме една прекрасна иднина во сигурност под Јеховината нежна грижа и големо обединување со нашите драги сакани кога ќе бидат воскреснати (раскажал Курт Хан).
[Слика на страница 25]
Руските трупи навлегуваат во Источна Прусија, во 1944 година
[Извор на слика]
Sovfoto
[Слика на страница 27]
Брат ми Хајнц, сестра ми Ерика, мајка ми, браќата Херберт и Вернер и јас напред
[Слика на страница 28]
Со мојата сопруга Мелва
[Слика на страница 28]
Едно вакво грне, наполнето со сало, нѐ одржа