ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g97 8/4 стр. 24-28
  • Кујната може да биде забавна

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Кујната може да биде забавна
  • Разбудете се! 1997
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Учење во кујнската „училница“
  • Готвењето е забавно!
  • Семејно заедништво
  • 2. Грижи се за чистотата
    Разбудете се! 2012
  • Воспитувај го своето дете уште од најраното детство
    Тајната на семејната среќа
  • Како да си ги заштитите децата
    Разбудете се! 2007
  • Улогата на родителот
    Разбудете се! 2005
Повеќе
Разбудете се! 1997
g97 8/4 стр. 24-28

Кујната може да биде забавна

„НАДВОР од кујнава!“ Многу гладни деца ја добиле оваа опомена додека се обидувале предвреме да пробаат од вечерата. Но, наместо да не им дозволуваат да влезат, родителите имаат добра причина да ги поканат своите деца во кујната. Зошто? Поради тоа што кујната, всушност, е фасцинантна училница.

Кујната е место каде што децата можат да развијат креативност и вештини за решавање проблеми, место каде што можат да научат да им служат на другите и да работат како дел од еден тим, место каде што можат спонтано да се појават смисловни разговори кои го допираат срцето, место каде што ненаметливо можат да се всадат длабоко вкоренети вредности. Да, во преполните ормани, фиоки и на полиците од секоја кујна лежат многу вредни лекции — спремни да заживеат со подготовката на следниот оброк.

Зошто кујната да се користи како место за обучување на децата во оваа ера на технологија и информации? Одговорот е — времето. Многу родители признаваат дека едноставно нема замена за времето кое го поминуваат со своите деца — за голем дел од него!a Проблемот е каде да се најде време. Некои авторитети ги поттикнуваат родителите да гледаат на рутинската работа која ја вршат низ домот како на прилика да работат со своите деца и да ги школуваат. Ова е во согласност со една заповед што Бог им ја дал на родителите во древната нација Израел: „Овие зборови што ти ги заповедам денес, мора да бидат во твоето срце; а ти мораш да ги всадиш во твојот син и да зборуваш за нив кога седиш во својата куќа и кога одиш по патот и кога легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 6:6, 7, НС).

Затоа што ние и онака мораме редовно да поминуваме време во кујната, изгледа дека тоа е разбирливо место за заедничка семејна активност. И за разлика од посебните излети, за кои честопати мора да чекаме додека не најдеме време, енергија или пари за да ги испланираме, здравите апетити не мора да се одложуваат. Освен тоа, кујната е природно привлечна за децата. Најпосле, каде на друго место тие се поучувани како внимателно да користат ножеви и да ракуваат со другиот прибор? Децата кои се забавуваат може дури и повремено да направат неред! Но, кои лекции има да ги понуди кујната?

Учење во кујнската „училница“

Луис Смит — за нејзините ученици, кои се на 4-годишна возраст, позната како госпоѓа Џумбир-колач — на темел на 17-годишното искуство во учењето на мали деца да готват, ја дала оваа забелешка: „Храната претставува голема алатка за учење бидејќи тоа е нешто што им е сродно на сите деца. Нивните осети за мирис, вкус и допир на малата возраст се толку префинети што тие целосно се вклучуваат. Исто така, преку храната можете да учите фонетика, математика и вештини за решавање проблеми“. Сипењето, дробењето, лупењето, просејувањето, мешањето и сукањето им помагаат на децата да развијат мануелна спретност и координација на окото и раката. Од сортирањето (ставање суво грозје и ореви во одвоени купчиња) и подредувањето (местењето во ред на садовите за мерење) се учат концепти кои служат како градежни блокови за учење математика. Постапувањето според некој рецепт е вежбање за употреба на броеви, мерки, временско усогласување, логика и јазик. И човек не може да се впушти во сложениот и со опасност исполнет свет на кујната без да научи нешто во врска со сигурноста, одговорноста, личната организација и тимската работа.

Не треба да се занемари вредноста на учењето да се готви. Не е невообичаено за децата кои почнуваат, со тоа што помагаат во кујната, да можат да подготват цели оброци до времето кога ги достигнуваат своите тинејџерски години. На кој зафатен родител одвреме навреме не би му добредошло тоа? Понатаму, готвењето им помага на младите да развијат доверба и самостојност — особини кои можат да им користат подоцна кога ќе преземат одговорности на возрасни луѓе, без разлика дали ќе стапат во брак или ќе останат самци. (Спореди 1. Тимотеј 6:6, НС.)

Ли, кој до своите 30-ти години останал самец, се сеќава: „Мајка ми почна да ме учи за основните кујнски рутини кога имав околу шест години. На почетокот бев заинтересиран главно за правење колачи, торти и други слатки. Но, до навршувањето на деветтата година, можев да планирам и да подготвам цел оброк за нашето семејство, и тоа го правев редовно. Подоцна, како возрасен самец, увидов дека знаењето како да се справам со различните должности во домаќинството, вклучувајќи и готвење, го олеснува животот. И јасно, ќе кажам, дека тоа придонесе сега да се радувам на успешен брак“.

Готвењето е забавно!

Како може еден родител да најде време да ги обучува децата во кујната? Една мајка предлага да се распореди време кога има што е можно помалку пречки. Ако имате неколку деца, можеби во времето кога тие почнуваат, ќе сакате да работите со секое дете посебно. За да го правите тоа, изберете време кога другите деца се одмораат или се на училиште. Планирајте да поминете повеќе време отколку кога готвите сами. И бидете подготвени да се забавувате во кујната!

За Вашите први часови, би можеле да дозволите Вашето дете да избере нешто што тоа сака да јаде. Побарајте едноставен рецепт што донесува брзи резултати. Погрижете се тој рецепт да вклучува задачи што детето може успешно да ги заврши. За да спречите детето да стане немирно или да му биде здодевно, дајте му однапред да најде некои од потребните состојки и од приборот. Дури би можеле и претходно делумно да подготвите некои состојки за часовите да не се оддолжат или да станат еднолични.

Целосно прочитајте го рецептот со Вашето дете, покажувајќи му како да ја изврши секоја од задачите. Дајте му на детето сопствен простор во кујната — можеби некоја фиока со неколку садови и неколку парчиња прибор — и престилка. Наместо да му дадете на момчето да облече женска престилка, можете да му набавите престилка направена за машки готвач. Уште од почетокот, нагласете ја важноста на сигурноста и поставете разумни правила во кујната. (Видете ја рамката со наслов „Прва лекција — сигурност“, страница 26.)

Најмногу од сѐ, обидете се да направите тоа да биде забавно. Не дозволувајте Вашето дете да биде само посматрач; нека ги измие своите раце и нека му бидат зафатени во моменталната подготовка на храната. Дајте му прилика да истражува, да експериментира и да поставува прашања. И кога оброкот нема да испадне совршено, не се секирајте. Ако Вашето дете самото го направило, веројатно и ќе го јаде!

Семејно заедништво

Несомнено, најголемите користи кои доаѓаат од кујната го вклучуваат единството и вредностите на семејството. Можеби сте забележале дека, во некои домаќинства денес, членовите на семејството марливо си ги вршат своите одделни активности без да имаат вистински меѓусебен контакт. Под такви околности, домот може да стане малку повеќе од постојка за одмор, станица за полнење гориво. За разлика од тоа, едно семејство кое готви заедно, поверојатно е дека ќе јаде заедно и ќе исчисти заедно. Овие активности им даваат редовни прилики да комуницираат, да дејствуваат заедно и да одржуваат меѓусебен контакт. „Некои од најдобрите дискусии со моите момчиња ги имав над кујнскиот мијалник“, се сеќава една мајка. А Херман, еден христијански татко, додава: „Неколку години намерно работевме без машина за миење садови, така што садовите моравме да ги миеме и да ги бришеме на рака. На нашите синови им дававме да ги бришат, наизменично. Немаше подобро време за опуштена комуникација“.

Да, времето кое го поминувате со Вашите деца в кујна — седмица по седмица, година по година — дава основа на која можат да се развиваат духовни вредности и божествени особини. За време на таквите опуштени моменти на заедништво, помеѓу родителот и детето можат природно да се започнат отворени разговори и влијанието на родителскиот пример може ненаметливо да влијае врз срцето на детето. Таквото обучување може да му користи на детето доживотно, зашто стихот од Изреки 22:6 вели: „Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари“.

Затоа, ако како родител барате начини да поминете повеќе време со своите деца, зошто не ги поканите да Ви помогнат во подготвувањето на некоја торта или на цел оброк? Можеби ќе увидите дека работењето со нив во кујната е средство со кое не само што го храните туку и го одгледувате Вашето семејство.

[Фуснота]

a За дискусија на оваа тема, видете ја статијата „,Квалитетно време‘ — разделено во ограничени износи“, во изданието на Разбудете се! од 22 мај 1993, стр. 16, 17 (англ.).

[Рамка на страница 26]

Прва лекција — сигурност

Бидете свесни за сигурноста

• На еден сериозен, но не застрашувачки начин, објаснете ги опасностите од работењето в кујна, слично како што би ги објасниле опасностите во сообраќајот на една прометна улица. Самите дајте добар пример.

• Секогаш кога децата работат в кујна, обезбедете надзор од возрасно лице. Не дозволувајте детето да користи некој прибор или апарат, особено електричен, сѐ додека не ќе може со сигурност да го користи.

• Одржувајте ја кујната уредна. Чистете го она што е истурено и нередот раскренете го веднаш. Додека готвите, куќните љубимци и другите работи што можат да Ви пречат треба да ги држите подалеку од кујната.

Заштитете ги прстите

• Електричните миксери, соковници и процесори за храна треба да се користат само под надзор на некој возрасен. Пред Вашето дете да стави некој прибор во садот, немојте да заборавите да го исклучите апаратот и да го извадите од штекерот.

• Ножевите нека бидат остри, зашто тап нож бара поголем притисок, а така ќе има поголема веројатност да се лизне.

• Кога Вашето дете учи како да користи нож, нека ги следи овие чекори: 1) да го фати ножот за дршката, 2) да го стави на храната, 3) да ја стави другата рака на задниот дел од ножот и 4) да притисне за да ја пресече храната.

• Користете даска за сечење. За да спречите зеленчукот да се стркала кога Вашето дете се обидува да го пресече, првин пресечете го на половина и ставете ја рамната страна долу на даската за сечење.

Пазете да не запалите нешто

• Секогаш исклучувајте ги ринглите на шпоретот и копчето на рерната кога не се користат. Пешкирите, книгите со рецепти и крпите за допирање жешко држете ги подалеку од електричните апарати.

• Дршките од тавите поставете ги кон центарот на шпоретот, каде што нема да можат лесно да се турнат и нешто да се истури.

• Ако му дозволувате на детето да работи кај шпоретот, погрижете се да стои на цврста и стабилна подлога.

• Немојте да вадите нешто жешко без да знаете каде тоа треба да се постави. Погрижете се другите во кујната да знаат кога носите нешто жешко, особено ако одите зад нив.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели