ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g96 8/6 стр. 19-24
  • Младенчето на жабата

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Младенчето на жабата
  • Разбудете се! 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Мојата работа како гејша
  • Која е мојата мајка?
  • Син среде војната
  • Должности кон семејството
  • Грижата за мојата ќерка
  • Религијата станува проблем
  • Промени во мојот живот
  • Живеам според моето предание
  • Благодарна за Јеховината верна поддршка
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Како да се справам со предизвиците од тоа што сум посвоено дете?
    Разбудете се! 2003
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
Разбудете се! 1996
g96 8/6 стр. 19-24

Младенчето на жабата

„Младенчето на жабата е жаба.“

Оваа јапонска поговорка значи дека детето, кога ќе порасне, ќе биде исто како својот родител. Мајка ми беше гејша.

ЈАС израснав во една куќа на гејши со која управуваше мајка ми. Затоа, уште кога бев мала, бев опкружена со убави дами кои носеа најскапи кимона. Знаев дека кога ќе потпораснам, и јас ќе влезам во нивниот свет. Моето обучување започна во 1928 година, на шестиот ден од шестиот месец кога имав шест години. Се велеше дека бројот 666 гарантира успех.

Ги изучив јапонските традиционални уметности — танцување, пеење, свирење на музички инструменти, изведување на церемонијална чајанка и така натаму. Секој ден откако ќе завршев со училиштето трчав дома, се пресоблекував и одев на моите часови. Таму повторно бев со моите школски другарчиња бидејќи сите ние бевме деца на гејши. Тоа беше едно време исполнето со активности, а јас уживав во него.

Во деновите пред II светска војна, задолжителното школување завршуваше на 12 години, па затоа тогаш почнав да работам. Како една неискусна гејша, се облекував во прекрасни кимона со ракави кои висеа речиси до стапалата. Се чувствував возвишено кога одев на мојата прва задача.

Мојата работа како гејша

Мојата работа во основа вклучуваше да забавувам и да се однесувам како домаќинка. Кога богатите луѓе планираа свечена вечера во ексклузивни гостилници, тие ќе повикаа некоја куќа на гејши и ќе ги побараа услугите на неколку гејши. Од гејшите се очекуваше да ја развеселат вечерта и да се погрижат секој гостин да си отиде дома задоволен, со чувство дека убаво си поминал.

За да го постигнеме тоа, моравме да предвидиме што му е потребно на секој гостин и да се погрижиме за тоа — дури и пред гостинот да сфати дека тоа му е потребно. Мислам дека најтешкиот дел беше да се се снајдеме со моменталните порачки. Ако гостите ненадејно ќе посакаа да гледаат танцување, тогаш ние танцувавме. Ако сакаа музика, ние ги вадевме нашите инструменти и ја свиревме музиката што ја бараа или ја пеевме секоја песна што ќе ја порачаа.

Едно вообичаено погрешно сфаќање е дека сите гејши се скапи проститутки од висока класа. Но, тоа не е случај. Иако постојат гејши кои заработуваат за живот продавајќи се себеси, нема потреба една гејша да се спушти до такво нешто. Знам дека е така бидејќи јас никогаш не го правев тоа. Гејшата е забавувач, а ако е добра, нејзините вештини ѝ донесуваат работа, скапи подароци и великодушни напојници од муштериите.

Како што е познато, малкумина се доволно добри за да стигнат до врвот. Повеќето гејши стануваат професионалки само во една од традиционалните јапонски уметности. Но, јас имав дипломи за седум такви уметности, кои опфаќаа јапонско танцување, аранжирање цвеќиња, церемонијална чајанка, јапонскиот тапан познат како таико и три музички стила кои се свират на трожичен шамисен. Без овие квалификации јас веројатно ќе чувствував потреба да сторам сѐ што ќе побараа муштериите за да заработам за живот.

Кога Јапонија се наоѓаше во економска нестабилност, девојките понекогаш одлучуваа да станат гејши за да ги издржуваат своите семејства. Тие позајмуваа пари за да го платат своето обучување и кимоната. Други, пак, доаѓаа во куќи на гејши бидејќи нивните семејства ги предале таму. Бидејќи нивните сопственици платиле големи суми пари, тие бараа отплата од девојките. Гејшите во такви околности беа многу оштетени бидејќи нивното обучување почнуваше доцна и уште на почетокот имаа големи долгови. Многу од овие гејши прибегнуваа кон неморал или, пак, беа принудени на тоа за да ги исполнат финансиските одговорности.

Моите услуги станаа барани од добро познати луѓе во светот на спортот, забавата, бизнисот и политиката. Меѓу моите клиенти имаше луѓе од владата и премиери. Овие мажи се однесуваа кон мене со почитување и ми се заблагодаруваа за работата. Иако јас не се приклучував во општите разговори, освен ако не бев повикана, понекогаш ме прашуваа за моето мислење. Затоа, секојдневно читав весници и слушав радио за да бидам во чекор со новостите. Честопати, забавите на кои послужував се одржуваа со намера да се преговара, па затоа морав да бидам дискретна и да не ги повторувам оние работи што ќе ги чуев.

Која е мојата мајка?

Еден ден во 1941 година, кога имав 19 години, бев повикана во една гостилница каде што ме чекаа две жени. Едната од нив изјави дека ми е родена мајка и дека дошла за да ме земе дома. Другата жена вработувала гејши и ми понуди работа. Таа мислеше дека треба да работам за да ја издржувам мојата родена мајка, а не мојата помајка. Никогаш не ми паднало на ум дека жената што ме подигна не беше мојата вистинска мајка.

Збунета истрчав дома и ѝ кажав на мојата помајка што се случи. Таа секогаш ги контролираше своите чувства, но сега очите ѝ се наполнија со солзи. Рече дека сакала да ми каже дека, кога сум имала една годинка, ме дале во куќа на гејши. Кога ја слушнав вистината, изгубив доверба во луѓето и станав повлечена и тивка.

Одбив да ја прифатам мојата родена мајка. Од нашиот краток состанок беше очигледно дека таа знаеше за мојот успех и дека сакаше јас да работам за да ја издржувам неа. Според локацијата на работата на нејзината пријателка, знаев дека таму е вклучен и неморал. Јас сакав да ги продавам моите уметнички способности, а не моето тело. Затоа тогаш мислев, а и сѐ уште го мислам тоа, дека донесов исправна одлука.

Иако ѝ бев лута на мојата помајка, морав да признаам дека таа ме воспита на таков начин што ќе можам секогаш да заработувам за живот. Колку повеќе размислував за тоа толку поголем долг чувствував кон неа. Таа внимателно и доследно ја избираше мојата работа, заштитувајќи ме од луѓето кои ги бараа услугите на гејшите само за неморални цели. Сѐ до денешен ден јас сум ѝ благодарна за тоа.

Таа ме научи на некои начела. Едно од тие начела што ми го нагласуваше беше дека моето „да“ треба да значи „да“, а моето „не“ — „не“. Исто така, таа ме научи да прифаќам одговорности и да бидам строга кон себеси. Следејќи ги начелата за кои ме поучуваше, јас имав успех во мојата работа. Се сомневам дека ќе добиев таква помош од мојата родена мајка. Моето посвојување веројатно ме спаси од еден многу тежок живот, затоа дојдов до заклучок дека сум многу среќна што се случило тоа.

Син среде војната

Во 1943 година ми се роди син. Во согласност со традиционалната јапонска култура која не признава „грев“, јас не мислев дека сум направила нешто погрешно или срамно. Бев восхитена од својот син. Тој беше најскапоценото нешто што го имав — некој за кој ќе живеам и ќе работам.

Во 1945 година имаше големи бомбардирања во Токио и јас морав да побегнам од градот со својот син. Имаше малку храна, а тој беше многу болен. Луѓето се туркаа на железничката станица во една масовна збрка, но ние некако успеавме да се качиме на еден воз кој одеше на север во Фукушима. Таа ноќ отседнавме во една гостилница, но пред да можам да го однесам моето синче в болница, тоа умре од неисхранетост и дехидрираност. Имаше само две години. Јас бев пропадната. Котларот во гостилницата го спали телото на син ми во огнот што го користеше за да ја затопли водата за бањата.

Кратко после тоа војната заврши, а јас се вратив во Токио. Градот беше срамнет од бомбардирањето. Повеќе го немаше мојот дом ниту сѐ што поседував. Отидов во домот на една пријателка. Таа ми ги позајми своите кимона и јас повторно почнав да работам. Мојата помајка, која се беше иселила во едно место надвор од Токио, бараше да ѝ испратам пари и да ѝ изградам куќа во Токио. Поради таквите барања се чувствував поосамена од кога и да е. Јас сѐ уште го оплакував својот син и копнеев за утеха, но таа воопшто не го ни спомна моето дете. Беше загрижена само за себе.

Должности кон семејството

Традицијата поучуваше дека сѐ што имаме им должиме на своите родители и предци и дека должност на децата е да им отплатат на своите родители со тоа што ќе им бидат безусловно послушни и ќе се грижат за нив сѐ до нивната смрт. Затоа јас ја исполнив својата должност, но барањата на мојата помајка беа претерани. Таа очекуваше јас да ги издржувам и двете деца на брат ѝ, што таа ги посвои. Сѐ до својата 19-та година мислев дека тие се мои брат и сестра.

Многу гејши никогаш не се мажеа и избегнуваа да имаат свои деца. Тие често посвојуваа женски бебиња од сиромашните семејства и ги воспитуваа како гејши со единствена цел да добијат финансиска издршка и да имаат угоден живот во староста. За жал, јас почнав да сфаќам зошто сум ја добила сета грижа и обучување. Тоа едноставно претставуваше идна финансиска сигурност.

Го прифатив сето тоа, иако се прашував зошто морав да ја издржувам не само мојата помајка туку и моите „брат“ и „сестра“, а тие двајцата беа здрави и способни да работат. Меѓутоа, јас ги издржував сите тројца и правев сѐ што ќе побараа од мене. На крајот, на денот пред да умре, во 1954 година, мајка ми клекна на својот кревет, се поклони и формално ми се заблагодари. Рече дека доволно сум направила. Ова признание и израз на благодарност беа надомест за моите години работа. Задоволството од сознанието дека сум ги исполнила сите мои одговорности сѐ уште ме трогнува до солзи.

Грижата за мојата ќерка

Во 1947 година станав мајка на девојченце и одлучив напорно да работам за да ѝ соберам богатство. На работа одев секоја вечер. Исто така, почнав да глумам на сцените на јапонските водечки театри, како што е Кабукиза во Гинца. И тоа добро се плаќаше.

Без оглед дали танцував или свирев шамисен, секогаш ги добивав главните улоги. Па сепак, и покрај тоа што доживував успех за кој другите гејши само сонуваа, јас не бев среќна. Можеби немаше да бидам толку осамена ако се омажев, но животот на една гејша и бракот не одат баш заедно. Единствена утеха ми беше Аико, мојата ќеркичка, и својот живот го изградив околу неа.

Обично гејшите ги обучуваат своите ќерки, без оглед дали им се родени или посвоени, да ја работат истата работа. Јас го следев тој обичај, но подоцна почнав да размислувам за начинот на живот за кој ја подготвувам. Ако продолжев, тоа би значело дека генерација по генерација нема да знаат како е да имаш вистинско семејство. Јас сакав да го прекинам тој ланец. Сакав Аико, а исто така и нејзините деца, да се радуваат на бракот и на еден нормален семеен живот. Не сакав младенчето на оваа жаба да стане жаба!

Кога Аико влезе во своите тинејџерски години, не можеше да се стави под контрола. Откако умре мојата помајка, неколку години пред тоа, единственото друштво што Аико го имаше дома беа слугинките што ги вработив. Очајнички ѝ беше потребно моето време и внимание. Затоа, иако јас бев во моите средни 30-ти години и на врвот на кариерата, одлучив да му свртам грб на светот на гејшите и да прифатам да работам само танцување и свирење на шамисен. Престанав поради Аико. Почнавме заеднички да вечераме и речиси веднаш таа омекна. Времето што ѝ го посветив направи чуда.

Со текот на времето се преселивме во едно мирно станбено подрачје, каде што отворив кафетерија. Аико порасна, а мене многу ми олесни кога таа се омажи за Кимихиро, еден љубезен човек кој покажа разбирање за животот што го водев.

Религијата станува проблем

Во 1968 година Аико го роди моето прво внуче. После кратко време, таа почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Тоа ме изненади бидејќи ние веќе си имавме религија. Јас имав поставено еден голем будистички олтар во нашата куќа откако умре Мајка ми — мојата помајка — и редовно клекнував пред него за да ја обожавам. Исто така, секој месец одев на семејната гробница за да ја известам за сѐ што се случило.

Обожавањето на предците ми причинуваше задоволство. Имав чувство дека го правам она што треба за да се грижам за моите предци и за да им покажам благодарност, а Аико ја воспитав да го прави истото. Затоа бев обземена од ужас кога ми рече дека повеќе нама да учествува во обожавањето на предците ниту, пак, ќе ме обожава мене откако ќе умрам. ‚Како можев да донесам на свет вакво дете и како може таа да ѝ се приклучи на една религија која ги поучува луѓето да бидат толку неблагодарни кон своите предци?‘ — се прашував. Во текот на следните три години се чувствував како над мене да се надвил некој темен облак.

Кога Аико се крсти како Јеховин сведок, дојде до пресвртница. Една пријателка на Аико, која беше Сведок, се изненадила поради тоа што јас не бев присутна на крштавањето на мојата ќерка и ѝ рекла на Аико дека ќе ме посети. Јас бев бесна, но само поради тоа што добрите манири беа цврсто вкоренети во мене, ја примив кога дојде. Од истата причина не можев да ѝ речам „не“ кога изјави дека повторно ќе наврати следната недела. Ваквите посети траеја со недели и толку многу ме разбеснуваа што на почетокот ништо не научив од она што го кажуваше таа. Меѓутоа, постепено дискусиите ме поттикнаа на размислување.

Почнав да се потсетувам на оние работи што ги велеше Мајка ми. Иако сакаше да ја обожавам после смртта, таа не веруваше во задгробен живот. Она што најмногу сакаат родителите, велеше таа, е децата да бидат љубезни кон нив и срдечно да зборуваат со нив додека се сѐ уште живи. Кога ги прочитав библиските стихови како што се Проповедник 9:5, 10 и Ефесјаните 6:1, 2 и кога видов дека Библијата го поддржува истото, почувствував како да падна крлушка од моите очи. И други работи за кои ме поучуваше Мајка ми се наоѓаа во Библијата, како на пример дека моето „да“ треба да значи „да“, а моето „не“ — „не“ (Матеј 5:37). Прашувајќи се што друго научува Библијата, се согласив на редовна библиска студија.

Тагата и фрустрацијата што ги чувствував во поголемиот дел од мојот живот исчезнуваа додека напредував во библиското спознание. Кога почнав да присуствувам на состаноците на Јеховините сведоци, јас бев длабоко импресионирана. Тоа беше еден поинаков свет. Луѓето беа искрени, љубезни и пријателски наклонети, а моето срце реагираше. Особено бев трогната кога научив за Јеховината милост. Тој со љубов им простува на сите грешници што се каат. Да, тој би ги простил сите мои минати пропусти и би ми помогнал да се радувам на еден нов живот.

Промени во мојот живот

Иако сакав да му служам на Јехова, јас бев цврсто поврзана со светот на забавата. Тогаш бев во моите 50-ти години, но сѐ уште излегував на сцена. Исто така, јас бев водач и еден од двајцата организатори на шамисен музичарите кога Данјуро Ичикава ја изведуваше претставата Сукероку во Кабукиза. Бидејќи само малкумина од оние кои свират шамисен можат да ја изведат придружбата во стилот катоубуши којшто е потребен за Сукероку, немаше кој да ме замени ако дадев отказ. Затоа се чувствував како во стапица.

Меѓутоа, еден постар Сведок, кој исто така беше вклучен во еден традиционален облик на јапонската забава, ме праша зошто мислам дека треба да дадам отказ. „Луѓето треба да работат за да се издржуваат“, објасни тој. Ми помогна да увидам дека не правам ништо небиблиско и дека можам да му служам на Јехова и да продолжам со моите изведби.

Кратко време продолжив да работам во Кабукиза, јапонскиот врвен театар. Потоа претставите почнаа да се совпаѓаат со вечерите за состаноците, па затоа замолив да добијам замена за тие вечери. Меѓутоа, наскоро времето на нашите состаноци се промени и можев да стигнам и на работата и на состаноците. Сепак, за да стигнам на време на состаноците, честопати морав веднаш по претставата да скокнам во такси кое ме чекаше, наместо да се опуштам заедно со другите изведувачи, како што беше обичајот. На крајот одлучив да дадам отказ.

Во тоа време бевме во екот на театарските проби за една шестмесечна серија претстави во поголемите градови во Јапонија. Ќе предизвикав многу неволји ако кажев дека имам намера да си одам. Затоа, без да ги спомнам моите намери, почнав да обучувам некого за да ми биде наследник. Кога турнејата заврши, на сите што учествуваа им објаснив дека јас ги исполнив своите обврски и дека давам отказ. Некои се налутија. Други, пак, ме обвинија дека сум вообразена и дека намерно им создавам неволја. Тоа не беше лесно време за мене, но јас се држев за мојата одлука и дадов отказ после 40 години настапување. Оттогаш поучувам шамисен, а со тоа добивам мал приход.

Живеам според моето предание

Неколку години претходно јас му го предадов својот живот на Јехова Бог. Се крстив на 16 август 1980 година. Чувството што ме обзема сега е чувство на длабока благодарност кон Јехова. За себе сметам дека сум нешто како Самарјанката која е спомената во Библијата во Јован 4:7—42. Исус ѝ зборувал со љубезност, а таа се покајала. Слично на тоа и Јехова, кој „гледа на срцето“, љубезно ми го покажа патот и, поради неговата милост, можев да започнам еден нов живот (1. Царства 16:7).

Во март 1990 година, кога имав скоро 68 години, станав пионер, како што се нарекуваат полновремените проповедници на Јеховините сведоци. И Аико е пионер, а исто така и нејзините три деца. Тие израснаа и станаа исти како нивната мајка, во согласност со јапонската изрека: „Младенчето на жабата е жаба“. Сопругот на Аико е христијански старешина во собранието. Колку само сум благословена што сум опкружена со своето семејство, од кое сите одат во вистината, и што имам љубезни духовни браќа и сестри во собранието!

Колку и да сум им благодарна на моите предци, мојата најголема благодарност му припаѓа на Јехова, кој за мене направи повеќе отколку што може да стори кој и да е човек. Пред сѐ, благодарноста за неговата изобилна милост и утеха ме поттикнува да сакам да го фалам во сета вечност (Раскажала Савако Такахаши).

[Слика на страница 19]

Вежбам на осумгодишна возраст

[Слика на страница 20]

Со мојата помајка

[Слика на страница 21]

Ќерка ми беше гордост на мојот живот

[Слика на страница 23]

Пред овој семеен олтар ја обожавав Мајка ми

[Слика на страница 24]

Со ќерка ми, нејзиниот сопруг и моите внуци

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели