Библиското гледиште
Вашата улога во сопствените молитви
НА ЕДНА планинска страна свртена кон градот, загрижениот крал накратко застанува за да размисли за својата величествена палата, распосланиот главен град и жалосната тешка состојба во своето домаќинство. На југ се собрала една огромна војска која сега маршира кон градот. Владини офицери со високи чинови дезертирале и мнозинството се свртило во полза на бунтовниците. Потиштен, кралот изговара молитва до Бог. Како длабоко религиозен човек, расте неговата доверба дека Бог ќе му ја слушне молбата и ќе ги спречи плановите на заговорниците. Потоа, погледот го свртува од својот блескав град, слегува долу по планината и продолжува на север, во правец на пустината преку реката. А што може друго да стори? Ситуацијата сега е во Божји раце.
На сличен начин, понизните верници денес му се обраќаат на Бог во молитва, во време на неволја, со утешително уверување дека освен јасните упатства како да се молат, Библијата го открива и тоа дека Јехова Бог е ‚Слушач на молитвата‘ (Псалм 65:2, НС). Ние сме уверени дека сите искрени луѓе кои го бараат Бог ќе бидат сослушани.
Но сепак, дали верата и молитвата се доволни? Каква улога играме ние во исходот на сопствените молитви?
Како можеме да дадеме свој дел?
Кралот споменат на почетокот, бил крал Давид од древниот Израел. Соочен со заверата на својот заговорнички син Авесалом и својот лицемерен советник Ахитофел, одлучил да побегне од Ерусалим и да побара засолниште во утврдениот пустински град Маханаим, на источната страна од реката Јордан. Веројатно во состојба на разочараност, депресија и загриженост, тој го молел Јехова со молитвата: „Господи, Боже мој, оневозможи го советот на Ахитофела“ (2. Царства 15:11-15, 30, 31). Меѓутоа, Давид сторил многу повеќе отколку само да се моли. Тој придонел за успешниот исход на својата молитва. На кој начин?
Неговиот придонес започнал долго време пред појавата на искушенијата со кои сега се соочил. Низ период од многу години, уште пред да биде крал, Давид се покажал како лојален обожавател на Јехова (1. Царства 16:12, 13; Дела 13:22). Тој станал присен со Бог. Затоа, кога се наоѓал во искушение, Давид имал вера дека Јехова ќе ја слушне неговата молитва и ќе одговори на соодветен начин.
Истото важи и денес. Честопати, основен начин на кој можеме да придонесеме за исходот на нашите молитви е да го следиме библискиот совет како редовен образец на живот. Таквото лојално придржување за начелата дадени од Бог создава близок однос со него. Таа блискост со Бог и тој образец на вера треба да постојат уште пред да започнат искушенијата. Тие треба да бидат како еден јак темел на кој ќе се изгради куќа; тој треба да биде таму уште пред да се положи врз него тежината на градбата. Затоа — уште сега пред да се појават искушенијата — можеме да дадеме свој дел за успешниот исход на многу наши молитви.
Играј активна улога!
Вистина е дека Давидовиот однос со Бог одиграл важна улога, но сепак, тој сфатил, исто така, дека не можел да биде пасивен посматрач во исполнувањето на својата молитва. Напротив, Давид одиграл активна улога, како што е видливо од неговиот мудар начин на постапување после неговата молитва.
Меѓу Давидовите лојални пријатели бил и еден Архијанин по име Хусиј. Хусиј се сретнал со побегнатиот крал на Елеонската гора. Иако сакал да му се придружи на Давид во изгнанството, Хусиј бил наговорен од Давида да остане во градот. Тој требало да се преправа дека му е лојален на Авесалом, да се труди да го спречи советот на предавничкиот советник Ахитофел и да го информира Давида за настаните (2. Царства 15:32-37). Според надежите, Хусиј успеал да ја придобие довербата на Авесалом. Сега, требало Јехова да интервенира.
Остроумниот, но лукав Ахитофел предложил еден брилијантен план. Тој го наговорил Авесалом да му даде 12.000 луѓе за да го нападнат Давида истата ноќ додека тој се наоѓал во бегство, дезорганизиран и ранлив — смртен удар што ќе стави крај на една успешна револуција! Меѓутоа, на изненадување на повеќето, Авесалом побарал совет од Хусиј во врска со тоа прашање. Тој, пак, го советувал Авесалома да си земе време да собере надмоќна човечка сила која ќе ја предводи самиот тој. Под Јеховино водство, советот на Хусиј бил прифатен. Ахитофел, кој очигледно сфатил дека следењето на советот на Хусиј значи сигурен пораз, се вратил дома и извршил самоубиство (2. Царства 17:1-14, 23).
Немало сомнение дека Јехова одговорил на Давидовата молитва — токму како што се молел. Давидовиот пример на постапување во согласност со неговата молитва им дава вредна поука на сите оние кои бараат помош од Бог преку молитва.
Јехова ќе го стори својот дел
Точно, Исус ги учел своите следбеници да се молат за дневниот леб и им ветил дека ако ги стават интересите на Бог на прво место, Тој ќе се грижи за нивните потреби (Матеј 6:11, 33). На пример, ако некој е невработен, тој мора да постапува во согласност со неговите молитви за средствата за живот така што ќе прави сѐ што може за да најде или да си создаде работа.
Без разлика на предметот на нашите молитви, нашата способност да дадеме свој дел во исходот варира. Понекогаш можеме да направиме многу, а понекогаш сосема малку, ако и воопшто направиме нешто. Не е важно што можеме или што не можеме да придонесеме, туку дали го правиме најдоброто што можеме.
Можеме да бидеме сигурни дека Јехова ги знае нашите околности и способности. Тој во потполност разбира што можеме да сториме и никогаш не би барал да направиме нешто повеќе отколку што можеме. Без разлика дали можеме да сториме многу или малку, Јехова ќе надомести секаков недостаток. Тој ги цени и ги поддржува нашите напори, работејќи во согласност со нив за да се постигне најдобар исход за сите кои се вклучени (Псалм 3:3-7).
Среде неволја, крал Давид можел со доверба да изјави: „Од Господа е спасението. Твојот благослов нека биде на народот Твој“ (Псалм 3:8). Нека нашата доверба во Јеховината моќ, заедно со давањето на нашиот дел, голем или мал, доведе до успешен исход на нашите молитви.