Занзибар — „Остров на зачини“
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КЕНИЈА
НА ТРИЕСЕТ И ПЕТ километри од брегот на источно-централна Африка лежи островот Занзибар. Опкружен со топлите сини води на Индискиот океан, порабен со бели плажи и накитен со брановити ридови и палми кои се нишаат на пасатните ветрови, Занзибар е навистина живописен остров. Иако е релативно мал — максимум 85 километри долг и 39 километри широк — тој одиграл голема улога во историјата на Африка.
Со векови, на Занзибар доаѓале Персијци, Арапи, Индијци, Португалци, Британци, Азијци, Северноамериканци и, се разбира, Африканци од внатрешноста. Главната атракција тогаш била доходовната трговија со робови. Тоа исто така било место каде што трговците и истражувачите набавувале стока. Всушност, повеќето европски истражувачи на Африка од XIX век поминале низ овој остров! Не е ни чудо што го добил името Порта кон Африка.
Каранфилчето и неговата употреба
Султанот на Оман, Сајид Саид, ја напуштил својата татковина во Персискиот Залив и се населил на Занзибар во текот на првата половина од 1800-тите. Како владетел на овој остров, тој ги натерал арапските сопственици на плантажи да прекинат со одгледувањето на кокосов орев и наместо него да садат едно попрофитно растение: каранфилче. До крајот на неговиот живот, единствено профитите од трговијата со робови и со слонова коска ги надминале профитите од каранфилчето. Затоа, кога е укината трговијата со робови, Занзибар станува познат како Остров на зачини. Денес тој е главниот извор на каранфилче во светот.
Каранфилчињата всушност се исушените пупки од цветовите на едно тропско зимзелено дрво кое научно се вика Eugenia caryophyllata. Во Занзибар, просечното дрво има височина од околу 9 метри. Пупките на цветовите обично се берат кога имаат црвеникаво кафеава боја и кога се големи околу 1,3 сантиметри. Едно здраво дрво може да произведе приближно 34 килограми пупки. Кога ќе се соберат, се ставаат да се сушат на жешкото тропско сонце.
Поради неговата опојна миризба и пикантниот вкус, каранфилчето првенствено се користи во готвењето. Вкусот на специјалитетите со месо и со зеленчук често пати се збогатува со каранфилче. Или, пак, можете полека да здробите четири или пет каранфилчиња, да ги додадете во врела вода и да направите пикантен чај! А во студен зимски ден, црвеното вино може да се претвори во освежителна напивка ако се загрее и ако му се додадат неколку каранфилчиња. Некои луѓе користат каранфилче за да ги освежат своите бањи така што ставаат околу 20-тина каранфилчиња во кора од портокал и ги обесуваат во бањата каде што стојат околу една седмица. Заболекарите користеле масло од каранфилчиња како средство за локална анестезија заради ублажување на забоболка. Каранфилчето исто така се користи и како средство за плакнење на устата и за парфеми. Не е ни чудо што овој ситен остров е познат по својот зачин!
Луѓето
Вистинскиот „зачин“ на Занзибар се неговите луѓе. Штом ќе стапнете на островот, срдечно ве пречекуваат Занзибарците. Тие изгледаат прилично опуштено и си одвојуваат време еден за друг. Додека разговараат, се случува повеќе пати да се ракуваат, можеби три или четири пати во рок од десет минути. На тој начин тие спонтано реагираат на нешто што е хумористично.
Ако појдете кај некого дома, ќе бидете почестени од нивната добро позната гостољубивост. На гостинот мора секогаш да му се даде најдоброто. Ако дојде неочекувано за време на некој оброк, без сомнение, мора да им се придружи и да јаде додека не се најаде. Таквата гостољубивост потсетува на гостољубивоста од библиски времиња. (Спореди 1. Мојсеева 18:1-8.)
Занзибарците се, исто така, шаренолики и необични по изглед. Кога се во јавноста, жените носат буибуи — наметка во вид на пелерина која ги покрива од главата до глуждовите. Занимливо, ова може да ја прекрие облеката во западен стил. Што се однесува до мажите, може да се видат облечени во канзу, бела или пастелна наметка. Тие носат кофиа, плетена капа.
Шетајќи се низ историскиот дел на градот Занзибар, кој е наречен Камен град, се чувствувате како да сте се вратиле назад во времето. Лавиринтот од улици и сокаци нема тротоари. Вратите на бројните продавници се отвораат директно на улица! Потоа тука се и многуте улични продавачи, како на пример оние кои продаваат Кахава, слатко арапско кафе зачинето со џумбир.
Меѓутоа, ниту зборовите ниту фотографиите не можат верно да ја опишат убавината на Занзибар. Неговата репутација на „остров на зачини“ е со право заслужена на повеќе начини.
[Карта на страница 16]
(Види во публикацијата)
ЗАНЗИБАР
[Извор на слика на страница 17]
Африка и картата на маргините: The Complete Encyclopedia of Illustration/J. G. Heck.