Што вели Библијата
Дали треба повторно да се крстите?
ЛУСИЛА била вознемирена. И покрај тоа што била воспитана како католичка, почнала неодамна сериозно да ја проучува Библијата со помош на една пријателка која не била католичка. Можела да увиди дека Библијата го опишува крштевањето како поинакво нешто од ритуалот што го примила во детството. „Дали тоа значи дека морам повторно да се крстам?“, искрено прашала. „Се плашам дека со тоа ќе го навредам Бог.“
Стотици милиони поединци, како католици така и протестанти, како деца биле попрскани или полиени со вода при церемонијата на крштевање. Милиони други луѓе биле крстени преку некаков облик на целосно потопување во вода кога биле постари. Тоа го покренува прашањето: Што е всушност христијанското крштевање? Дали постојат некакви околности кои би оправдувале второ крштение?
Pocket Catholic Dictionary [Џепен католички речник] го дефинира крштевањето како „верски сакрамент со кој, преку вода и Божјата реч, поединецот се прочистува од секаков грев и повторно се раѓа и е посветен во Христа за вечен живот“. Во врска со повторното крштевање, истиов овој извор наведува дека „крштевањето втиснува неизбришлив белег на душата, што значи дека крштевањето не може, бидејќи и не треба, да се повтори“. Дали Библијата го вели тоа?
Научете ги сите народи, крштавајќи ги
Во Матеј 28:19, 20 ја читаме заповедта во врска со крштевањето која воскреснатиот Христос им ја дал на своите ученици пред да се вознесе на небото. „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“. Јасно е дека од христијанските ученици се бара крштевање — кога се поучени да ги држат Христовите заповеди — а не како мали деца.a Тоа е во согласност со фактот што сите крштевања опишани во Библијата вклучувале ученици кои очигледно биле потполно потопени во вода. Тоа очевидно било случајот кога Јован Крстител го крстил самиот Исус Христос. Библискиот извештај вели дека, откако бил крстен, Исус ‚излегол од водата‘ на реката Јордан (Матеј 3:16). Без сомнение, Библијата покажува дека Јован внимателно ги бирал местата за крштевање за да има на располагање доволно вода (Јован 3:23).
Понатаму, кога го објаснува крштевањето на етиопскиот евнух, Библијата ни кажува дека „слегнаа во водата обајцата, и Филип и Етиопјанинот, и [Филип, Ст] го крсти“, а после „излегоа од водата“ (Дела 8:38, 39). Овие крштевања со потопување се во согласност со општото значење на грчкиот збор ba·ptízo, „да крсти“, кој доаѓа од bápto, што значи „да потопи во или под“, што е и коренот на англискиот збор „крштевање“.
Библиски извештај за повторно крштевање
Но што е со многуте милиони луѓе кои биле крстени како мали деца или кои не биле потполно потопени? Дали би било прикладно повторно да се крстат? Еден настан во Дела 19:1-7 ни помага да одговориме на овие прашања. Тоа веројатно било во текот на зимата 52/53. н. е. кога апостол Павле го посетил богатиот град Ефес во Мала Азија. Таму нашол некои ученици кои требало повторно да бидат крстени. Откако дознал дека тие луѓе биле крстени со Јовановото крштение, Павле повторно ги крстил „во името на Господа Исуса“. Тој не сметал дека со таа постапка Бог би бил навреден. Јасно е дека Бог се согласил со Павловиот начин на размислување и, далеку од тоа да се навредил со ова повторно крштевање, Бог го потврдил со дарот на светиот дух.
Да го одбиле 12-темина мажи Павловото учење во врска со природата на крштевањето и важноста на Месијата, Христос Исус, Павле без сомнение би го спречил крштевањето. Мажите прво требало да стекнат предуслови за крштевање. Само во тој случај би можеле повторно да бидат крстени со Божје одобрение.
Како да се стекнат предуслови за крштевање
Како ги стекнуваме предусловите за крштевање? Размисли за мноштвото луѓе кои биле крстени на Пентакост 33. н. е. Како стекнале предуслови тие? Прво, како Евреи и еврејски проселити, уште на почетокот имале добра основа на спознание за Јехова Бог, неговите постапки со неговиот народ и за библиските пророштва за неговиот ветен Месија. Второ, примиле додатно точно спознание во текот на едно инспирирано сведоштво кое во тој ден го дал апостол Петар. Со каков исход?
„Кога го чуја тоа, во срцата им стана мило, и му рекоа на Петра и на другите апостоли: ‚Луѓе, браќа, што да правиме!‘ А Петар им рече: ‚Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исуса Христа за простување на гревовите; и ќе примите дар од Светиот Дух‘“ (Дела 2:37, 38). Забележете дека Петровото сведоштво не било површно. „Долго време им зборуваше, користејќи многу докази“ (The Jerusalem Bible). Тие биле убедени врз основа на неговото расудување, го прифатиле тоа што го зборувал и се крстиле. „Се присоединија во тој ден околу три илјади души“ (Дела 2:40, 41).
Денес, исто така важат истите елементи за прифатливо библиско крштевање: 1) точно спознание, 2) искрено каење и 3) обраќање, или свртување спрема Бог и одвраќање од „овој пакостен род“. Освен тоа, крштевањата кои важат од библиски аспект мораат да бидат „во името на Исуса Христа“, односно, темелени на прифаќањето на неговата откупна жртва за простување на гревовите и подложувањето нему како на Божји востоличен цар (Дела 2:40; Римјаните 5:12-19; 7:14-25).
Искрените луѓе кои ги исполнуваат библиските предуслови да се крстат не мора да се плашат дека, ако повторно се крстат, нема да му угодат на Бог. Напротив, библиски исправното крштевање на луѓето кои ги задоволуваат предусловите за тоа му носи радост на Бог.
[Фуснота]
a За повеќе информации, види ја статијата „Крштевање — дали е за мали деца?“ во изданието на Разбудете се! од 8. октомври 1986 (англ.).