Среда, 15 април
Сакајте се еден со друг (Јован 15:12)
Јеховините слуги сакаат да си помагаат еден на друг (2. Кор. 8:4). Но, понекогаш за тоа е потребна храброст. На пример, кога ќе избувне војна, локалните старешини сфаќаат дека на браќата и сестрите им се потребни охрабрување и поддршка. Освен тоа, сфаќаат дека можеби ќе треба да се погрижат соверниците да имаат пристап до Библијата и до библиските публикации, како и да им обезбедат храна, облека и покрив над главата. Поттикнати од љубов кон соверниците, старешините се грижат за нивните потреби дури и кога тоа е многу опасно. Во такви околности важно е да останеме обединети. Биди им послушен на упатствата од твојата подружница (Евр. 13:17). Старешините треба редовно да ги разгледуваат локалните упатства за тоа како да се подготват за катастрофа, како и упатствата од организацијата во врска со тоа што да прават за време на катастрофа (1. Кор. 14:33, 40). Биди храбар, но претпазлив (Изр. 22:3). Размислувај пред да направиш нешто. Не се изложувај на непотребни ризици. Потпирај се на Јехова. Тој може да ти помогне да им ја пружиш потребната помош на твоите браќа на безбеден начин (w24.07 4, пас. 8; 5, пас. 11).
Четврток, 16 април
Во својата неволја го повикував Јехова и мојот вик сега дојде до неговите уши (Пс. 18:6)
Цар Давид го познавал Јехова и се потпирал на него. Кога цар Саул и други се обидувале да го убијат, тој му се молел на Јехова за помош. Откако Бог одговорил на неговата молитва и го избавил, Давид рекол: „Жив е Јехова!“ (Пс. 18:46). Со овие зборови тој не сакал само да укаже на фактот дека Бог постои. Во една книга за Псалмите пишува дека Давид ја изразил својата доверба дека Јехова е „жив Бог кој постојано му помага на својот народ“. Давид од свое лично искуство знаел дека Бог е свесен што му се случува и дека е спремен да му помогне. Тоа го охрабрило и го поттикнало да продолжи да го слави Јехова и да му служи (Пс. 18:28, 29, 49). Нашата увереност дека Јехова е живиот Бог може да ни помогне да му служиме со ревност. Ќе ја имаме силата што ни е потребна кога минуваме низ тешкотии и ќе имаме желба да продолжиме трудољубиво да му служиме на Бог. Исто така, ќе бидеме решени да останеме блиски со Јехова (w24.06 20-21, пас. 3-4).
Петок, 17 април
Никој нека не ве заведе на каков и да е начин (2. Сол. 2:3)
Што можеме да научиме од зборовите што апостол Павле им ги напишал на Солуњаните? Кога ќе чуеме нешто што не е во склад со она што сме го научиле од Библијата или кога ќе чуеме некои сензационални гласини, треба да бидеме проникливи. Во поранешниот Советски Сојуз, нашите браќа во една прилика добиле писмо кое наводно било од главното седиште, но всушност било од нашите непријатели. Писмото навело некои од браќата да формираат посебна, независна организација. Она што го пишувало во писмото изгледало како да е вистина. Но, верните браќа не биле измамени. Тие сфатиле дека пораката од писмото не била во склад со она за што биле поучени. Денес, непријателите на вистината понекогаш ја користат современата технологија за да нѐ збунат и да создадат поделби меѓу нас. Наместо да дозволиме брзо да бидеме „расколебани во [нашето] расудување“, можеме да се заштитиме така што внимателно ќе размислиме дали она што го слушаме или читаме е во склад со вистините за кои сме биле поучени (2. Сол. 2:2; 1. Јов. 4:1; w24.07 12, пас. 14-15).