Зошто ќе престане да постои световната религија
„Излезете од неа, луѓе Мои, за да не учествувате во гревовите нејзини, и да не се заразите од раните нејзини“ (ОТКРОВЕНИЕ 18:4).
1. а) На кој начин паднал Големиот Вавилон? б) Како овој настан влијаел врз Јеховините сведоци?
„ПАДНА ВАВИЛОН ГОЛЕМИОТ!“ Да, од Јеховина гледна точка, светското царство на лажната религија паднало. Тоа се случило уште во 1919 година, кога остатокот од Христови браќа се ослободил од влијанието на христијанскиот свет — еден доминантен дел од мистичниот Вавилон. Како резултат на тоа, тие можеле слободно да ја разобличуваат лажната религија и да го објавуваат Божјето праведно владетелство преку Месијанското Царство. Низ целиот овој век, Јеховините лојални сведоци го разоткривале Сатановиот конгломерат на религии-марионетки, со кои тој манипулирал за да ја заведе „целата населена Земја“ (Откровение 12:9, НС; 14:8; 18:2).
Како паднал Големиот Вавилон?
2. Каква е сегашната состојба на светските религии?
2 Меѓутоа, некој би можел да праша: ‚Како можете да кажете дека Вавилон паднал кога се чини дека во толку многу земји религијата цвета?‘ Католицизмот и исламот тврдат дека имаат по повеќе од една милијарда верници. Протестантизмот сѐ уште просперира во Северна и во Јужна Америка, каде што постојано никнуваат нови цркви и капели. Стотици милиони ги следат ритуалите на будизмот и на хиндуизмот. Сепак, во колкава мера сите овие религии вршат позитивно влијание врз однесувањето на овие милијарди верници? Дали тие ги спречиле католиците и протестантите во Северна Ирска да се убиваат едни со други? Дали им донеле вистински мир на Евреите и на муслиманите на Блискиот Исток? Дали довеле до хармонија меѓу Хиндусите и муслиманите во Индија? А во поново време, дали ги спречиле српските православци, хрватските католици и босанските муслимани од стремежот кон „етничко чистење“, пљачкање, силување и меѓусебно колење? Религијата честопати е само етикета, маска која е тенка како лушпа од јајце што се крши и под најмал притисок (Галатјаните 5:19-21; спореди Јаков 2:10, 11).
3. Зошто религијата е ставена на суд пред Бог?
3 Од Божја гледна точка, религиозната поддршка од страна на масите не менува еден неизбежен факт — дека сета религија е ставена на суд пред Бог. Големиот Вавилон, како што докажува неговата историја, заслужува да биде неповолно осуден затоа што ‚гревовите негови стигнале до небото, и Бог си спомнал за неправдите негови‘ (Откровение 18:5). Со пророчки јазик Осија напишал: „Бидејќи сееја ветар, бура ќе пожнеат“. Сета Сатанова лажна религија ширум светот ќе ја плати најскапата цена за тоа што го изневерила Бога, неговата љубов, неговото име и неговиот Син (Осија 8:7; Галатјаните 6:7; 1. Јованово 2:22, 23).
Мораш да избереш
4, 5. а) Во какви околности живееме денес? б) На кои прашања мораме да одговориме?
4 Ние живееме во завршниот дел од „последните денови“ и, како вистински христијани, се бориме да ги преживееме овие ‚тешки времиња [критични времиња со кои тешко се излегува на крај, НС]‘ (2. Тимотеј 3:1-5). Вистинските христијани се привремени жители во Сатановиот свет, кој навистина ја одразува неговата расипана личност како убиец, лажливец и клеветник (Јован 8:44; 1. Петрово 2:11, 12; Откровение 12:10). Опколени сме со насилство, лага, измама, корупција и тежок неморал. Начелата се игнорираат. Хедонизмот и саможивоста станале мото. А во многу случаи, свештенството ја одобрува моралната расипаност со тоа што ја разводнува јасната библиска осуда на хомосексуалноста, блудот и прељубата. Затоа, прашањето е: ‚Дали ти го поддржуваш и го одобруваш лажното обожавање или, пак, активно учествуваш во вистинското обожавање?‘ (3. Мојсеева 18:22; 20:13; Римјаните 1:26, 27; 1. Коринтјаните 6:9-11).
5 Сега е време за просејување. Затоа, постои уште поголема причина да се прави разлика помеѓу лажното и вистинското обожавање. Што друго направиле религиите на христијанскиот свет поради кое заслужуваат толкав прекор? (Малахија 3:18; Јован 4:23, 24).
Лажната религија обвинета
6. Како христијанскиот свет го изневерил Божјето Царство?
6 Иако милиони во христијанскиот свет редовно ја употребуваат Господовата молитва во која молат да дојде Божјето Царство, тие упорно го поддржуваат секој облик на политичко изразување, само не теократското владеење. Пред многу векови, „кнезовите“ на Католичката црква, како кардиналите Ришелје, Мазарен и Волзи, дејствувале и како световни државници, министри во владата.
7. На кој начин Јеховините сведоци го разоткриле свештенството на христијанството пред повеќе од 50 години?
7 Пред повеќе од 50 години, во џебната брошура со наслов Religion Reaps the Whirlwind (Религијата жнее бура) Јеховините сведоци ја разоткриле вмешаноста на христијанскиот свет во политиката.a Она што било речено тогаш, со еднаква силина важи и денес: „Чесната анализа на однесувањето на религиозното свештенство од сите вероисповеди ќе открие дека верските водачи на сиот ‚христијански свет‘ со жив интерес учествуваат во политиката на ‚овој сегашен зол свет‘ и дека се плеткаат во неговите световни работи“. Во тоа време, Сведоците го прекориле папата Пие XII заради неговите конкордати со нацистот Хитлер (1933 година) и со фашистот Франко (1941 година), како и поради тоа што во март 1942 година, само неколку месеци по злогласниот напад на Перл Харбор, папата разменил дипломатски претставници со агресорската нација Јапонија. Папата пропуштил да го послуша Јакововото предупредување: „Прељубодејци и прељубодејки, не знаете ли, дека пријателството од овој свет е непријателство на Бога? Оти, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога“ (Јаков 4:4).
8. На кој начин Римокатоличката црква денес е вмешана во политика?
8 Каква е денешната ситуација? Папството сѐ уште е вмешано во политика, како преку своето свештенство така и преку своите лаички претставници. Последните папи ставија свој печат на одобрување врз Обединетите нации, поздравувајќи го тој човечки фалсификат за светски мир. Едно неодамнешно издание на L’Osservatore Romano, официјалниот ватикански весник, објави дека седуммина нови дипломати, „амбасадори при Светата Столица“, му ги предале своите акредитиви на „Светиот Отец“. Дали би можеле да си ги замислиме Исус и Петар вмешани во вакви дипломатски размени? Исус одбил Евреите да го направат цар и рекол дека неговото Царство не е од овој свет (Јован 6:15; 18:36).
9. Зошто можеме да речеме дека протестантските религии не се ништо подобри од нивните католички двојници?
9 Дали протестантските водачи се нешто подобри од нивните католички двојници? Во Соединетите Држави, голем број конзервативни протестантски религии, како и Мормоните, се идентификуваат со извесна политичка ориентираност. Христијанската коалиција е длабоко вмешана во политиката на САД. Други протестантски свештеници јасно се идентификуваат со некој поинаков политички став. Понекогаш се заборава дека во Соединетите Држави, некои политички говорници, како Пат Робертсон и Џеси Џексон, исто така се или биле „Пречесни“, како што е британскиот член на парламентот Јан Пејзли од Северна Ирска. Како тие воопшто ги оправдуваат своите гледишта? (Дела 10:34, 35; Галатјаните 2:6).
10. Каква јасна изјава била дадена во 1944 година?
10 Прашањето што го поставила џебната брошура Религијата жнее бура во 1944 година, го поставуваме и ние сега: „Може ли некоја организација, која стапува во сојузи со светските сили и која активно се метка во политичките работи од овој свет, барајќи предност и заштита од овој свет . . . да биде Божја црква или да го застапува Христа Исуса на Земјата? . . . Очигледно е дека сите религионисти кои ги делат истите цели со царствата од овој свет, не можат да го претставуваат царството на Бога под Христос Исус“.
Каиновиот дух на лажната религија
11. На кој начин лажната религија го следела Каиновиот пример?
11 Низ историјата, лажната религија го покажувала духот на братоубиствениот Каин, кој го убил својот брат Авел. „Чедата Божји и чедата ѓаволски по тоа и се познаваат. Секој, што не врши правда, не е од Бога; а и оној кој не го сака братот свој. Оти тоа е заповедта што ја чувте од почетокот — да се сакаме еден со друг. Но не како Каин, кој што беше од лукавиот и го уби брата си. А зошто го уби? Затоа што неговите дела беа лоши, а на неговиот брат — праведни.“ Поради тоа што не бил толерантен спрема братовото чисто и прифатливо обожавање на Бог, Каин прибегнал кон насилство — последното средство на оние на кои им недостига логичен одговор (1. Јованово 3:10-12).
12. Каков доказ постои за соучесништво на религијата во војните и раздорите?
12 Дали фактите го поддржуваат ова обвинение против лажната религија? Во книгата Preachers Present Arms (Проповедниците го поздравуваат оружјето), авторот рекол: „Во историјата на цивилизацијата . . ., две сили секогаш биле здружени во двојна алијанса. Тоа се војната и религијата. И, од сите големи светски религии, . . . ниту една не ѝ била пооддадена на [војната] отколку [христијанството]“. Пред неколку години, весникот The Sun од Ванкувер (Канада), навел: „Слабост на можеби целата организирана религија е тоа што црквата го следи знамето . . . Во која од војните што досега биле водени не се тврдело дека Бог е на секоја страна?“ Доказот за ова можеби си го видел во некоја локална црква. Многу често, националните знамиња го китат олтарот. Што мислиш, под чие знаме би марширал Исус? Низ вековите, одекнувале неговите зборови: „Моето царство не е [дел, НС] од овој свет (Јован 18:36).
13. а) На кој начин лажната религија потфрлила во Африка? б) Каков знак за препознавање на христијанството дал Исус?
13 Религиите на христијанскиот свет не ги поучувале своите стада за вистината на искрена братска љубов. Наместо тоа, тие дозволиле националните, племенските и етничките разлики да ги разделат нивните редови. Извештаите покажуваат дека католичкото и англиканското свештенство одиграле своја улога во поделбите кои доведоа до племенскиот геноцид во Руанда. The New York Times известил: „Масакрите во Руанда предизвикаа многу тамошни римокатолици да се чувствуваат изневерени од црквената хиерархија. Црквата често пати беше поделена долж етничките линии, помеѓу Хуту и Тутси“. Истиот весник цитираше еден маринолски свештеник кој рекол: „Во 1994 година, црквата во Руанда толку бедно потфрли. Многу Руандци, во извесна смисла, ја отпишаа црквата. Таа повеќе нема никаква веродостојност“. Каков контраст во споредба со Исусовите зборови: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35).
14. Како се однесувале во минатото големите нехристијански религии?
14 Ниту останатите големи религии на Големиот Вавилон не дале подобар пример. Ужасните масакри во 1947 година, кога Индија беше разделена, покажуваат дека големите религии таму не донеле толеранција. Натамошното насилство меѓу комуните во Индија потврдува дека повеќето луѓе не се промениле. Не е ни чудо што списанието India Today заклучило: „Под знамето на религијата биле извршени најстрашните злосторства. . . . Таа предизвикува огромно насилство и има голема уништувачка моќ“.
„Впечатлив парадокс“
15. Каква е состојбата на религијата во западниот свет?
15 Дури и световните коментатори го забележале пропустот на религијата да увери, да вреже вистински вредности и да се спротивстави на задирањата на секуларизмот. Во својата книга Out of Control (Вон контрола), поранешниот советник за национална безбедност на САД, Збигњев Бжежински, напишал: „Впечатлив парадокс е тоа што најголемата победа на паролата ‚Бог е мртов‘, не се случила во земјите кои се под доминација на марксизмот, . . . туку во западните либерални демократски општества, кои во културен поглед негувале морална апатија. Факт е дека во вториве, религијата веќе не е главна општествена сила“. Тој продолжил: „Стисокот на религијата врз европската култура многу ослабнал, а денешна Европа — многу повеќе отколку Америка — всушност претставува световно општество“.
16, 17. а) Каков совет дал Исус во врска со свештенството од свое време? б) Кое добро начело го изразил Исус во врска со плодовите?
16 Што рекол Исус за еврејското свештенство од неговото време? „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите [за да поучуваат за Тората, т. е. Законот]. Затоа, сѐ што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, оти тие говорат, а не извршуваат.“ Да, религиозното лицемерие не е ништо ново (Матеј 23:2, 3).
17 Лажната религија ја осудуваат самите нејзини плодови. Толку е применливо правилото што го дал Исус: „Секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови; не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган. И така, по нивните плодови ќе ги познаете“ (Матеј 7:17-20).
18. Како требало христијанскиот свет да ги држи чисти своите редови?
18 Што би се случило кога религиите на христијанскиот свет би биле совесни во применувањето на христијанската дисциплинска мерка — исклучување, односно екскомуницирање, заради сите беззакони дела што ги извршиле оние кои тврдат дека се негови членови? Што би се случило со сите непокајнички лажливци, блудници, хомосексуалци, измамници, криминалци, наркодилери и наркомани, како и со членовите на организираниот криминал? Без сомнение, гнилиот плод го прави христијанскиот свет прикладен само за уништување од Бог (1. Коринтјаните 5:9-13; 2. Јованово 10, 11).
19. Што било признаено во врска со религиозното водство?
19 Генералното собрание на Презвитеријанската црква во Соединетите Држави признало: „Се соочуваме со криза од ужасни размери и импликации. . . . Меѓу 10 и 23 отсто од свештенството ширум нацијата е вплеткано во сексуализирано однесување или во сексуални контакти со парохијанците, со клиентите, со вработените, итн.“ Еден американски бизнисмен сосема добро ја сумирал поентата: „Религиозните институции не успеале да ги пренесат своите историски вредности и, во многу случаи, тие станале дел од проблемот“.
20, 21. а) На кој начин Исус и Павле го разоткриле лицемерието? б) Кои прашања остануваат да се одговорат?
20 Исусовото разоткривање на религиозното лицемерие имало иста важност како во негово време така и денес: „Лицемери, добро пророкувал за вас Исаиј, велејќи: ‚Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене; но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби‘“ (Матеј 15:7-9). Исто така, и Павловите зборови до Тит ја опишуваат нашата современа ситуација: „Тие зборуваат [Јавно изјавуваат, НС] дека Го познаваат Бога, а со делата свои Го одречуваат, бидејќи се одвратни, непокорни и негодни за никакво добро дело“ (Тит 1:16).
21 Исус рекол дека, ако слепиот води слеп, обата ќе паднат во јама (Матеј 15:14). Дали сакаш да завршиш заедно со Големиот Вавилон? Или, пак, сакаш да одиш по рамни патеки со отворени очи и да уживаш Јеховин благослов? Прашањата со кои сега се соочуваме се: Ако има религија која раѓа добар плод, која е таа? Како можеме да го препознаеме вистинското обожавање што Бог го прифаќа? (Псалм 118:105).
[Фуснота ]
a Издадена во 1944 година од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.; сега вон печат.
Дали се сеќаваш?
◻ Каква е сегашната положба на Големиот Вавилон пред Бог?
◻ Врз која основа е обвинета лажната религија?
◻ На кој начин лажната религија го покажала духот на Каин?
◻ Кое начело го изразил Исус за судење на која и да е религија?
[Слика на страница 13]
Низ историјата, верските водачи се мешале во политиката
[Слики на страница 15]
Кардинал Мазарен
Кардинал Ришелје
Кардинал Волзи
Овие свештеници биле и моќни државници
[Извор на слика]
Кардинал Мазарен и кардинал Ришелје: Од книгата Ridpath’s History of the World (том VI и том V). Кардинал Волзи: Од книгата The History of Protestantism (том I).