Може ли предодреденоста да се усклади со Божјата љубов?
„НИЕ ја дефинираме предодреденоста како вечен Божји план со којшто тој одредил што ќе стори со секој човек. Според тоа, тој не ги создал сите во иста состојба, туку едни предодредува за вечен живот, а други за вечно проклетство.“
На овој начин, во книгата Institutes of the Christian Religion (Начела на христијанската религија), протестантскиот реформатор Жан Калвин го дефинирал своето сфаќање за предодреденост. Ова сфаќање се темели на идејата дека Бог е сезнаен и дека постапките на неговите суштества не можат да ги доведат во прашање неговите намери или да го обврзат да направи промени.
Но, дали е ова навистина она што Библијата го кажува за Бог? И што е уште поважно, дали таквото објаснување е споиво со Божјите особини, особено со неговата најистакната особина — љубовта?
Бог кој е кадар да ја претскаже иднината
Бог е способен да ја претскаже иднината. Тој се опишува себеси како Оној кој ‚го навестува во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало, па вели: „Мојата одлука ќе се изврши, и сѐ што Ми е угодно — ќе го направам“‘ (Исаија 46:10). Низ човечката историја, Бог дал да се запишат неговите пророштва за да покаже дека тој може да го употреби своето познавање на иднината и да претскаже настани пред тие да се случат.
Така, во времето на Валтазар, царот на Вавилон, кога пророкот Даниил сонувал две диви ѕверки кои се истиснуваат една со друга, Јехова му го дал своето толкување: „Овенот со двата рога што ги виде тоа се мидијскиот цар и персискиот. А косестиот козел е царот на Грција“ (Даниил 8:20, 21). Очигледно, Бог го применил своето познавање на иднината за да го открие редоследот на светските сили. По Вавилонското царство коешто доминирало во тоа време, требало да следи Медо-Персија, а потоа Грција.
Пророштвата можат да се однесуваат и на некој поединец. На пример, пророкот Михеј изјавил дека Месијата требало да се роди во Витлеем (Михеј 5:2). И во овој случај Бог го применил своето познавање на иднината. Меѓутоа, овој настан бил објавен со одредена намера — да се идентификува Месијата. Овој пример не го оправдува донесувањето на општиот заклучок за некаква доктрина за предодреденост којашто го вклучува секој поединец.
Напротив, Библијата открива дека има ситуации во кои Бог не сака да го предвиди исходот. Пред самото уништување на Содом и Гомор, тој изјавил: „Затоа ќе слезам за да узнаам и да видам дали така се прави, како што повикот доаѓа до Мене, или не“ (1. Мојсеева 18:21). Овој текст јасно покажува дека Бог не го знаел однапред обемот на изопаченоста во тие градови пред да ги испита работите.
Вистина, Бог може да предвиди извесни настани, но во многу случаи, тој не сакал да го употреби неговото познавање на иднината. Бидејќи Бог е семоќен, тој ја има слободата да ги употреби своите способности како што сака тој, а не според желбите на несовршените луѓе.
Бог кој може да ги поправи работите
Како Калвин, некои велат дека Бог го одредил човековиот пад уште пред да го создаде и дека ги предодредил ‚избраните‘ уште пред тој пад. Но, ако ова е точно, зарем не би било лицемерно Бог да им го нуди на Адам и Ева изгледот за вечен живот, потполно свесен дека тие не ќе можат да го постигнат? Освен тоа, Библијата нигде не порекнува дека на првата човечка двојка ѝ бил даден избор: или да ги следат божествените упатства и да живеат засекогаш, или да ги отфрлат и да умрат (1. Мојсеева, 2. поглавје).
Но, дали гревот на Адам и Ева навистина ја осуетил Божјата намера? Не, бидејќи веднаш по нивниот грев Бог објавил дека ќе произведе „семе“ кое ќе ги уништи Сатана и неговите застапници и дека тој повторно ќе ги поправи работите на Земјата. Како што неколку инсекти не можат да го спречат градинарот да произведе добар род, така и непослушноста на Адам и Ева нема да го спречи Бог да ја претвори Земјата во рај (1. Мојсеева, 3. поглавје).
Бог подоцна покажал дека ќе постои Царска влада што ќе му биде доверена на еден потомок на цар Давид и дека и други ќе бидат придружени во ова Царство. Овие другите се наречени ‚светии на Севишниот‘ (Даниил 7:18; 2. Царства 7:12; 1. Летописи 17:11).a
Да претскажеш не значи да предодредиш
Фактот дека Бог не сакал да знае во кој правец ќе тргне човештвото, не го спречило да ги прорече последиците од човековите добри или лоши постапки. Не може механичарот кој го предупредува возачот на лошата состојба на неговото возило, да се смета за одговорен ако се случи некоја несреќа или да биде обвинет дека ја предодредил. Слично на тоа, не може Бог да биде обвинет дека ги предодредил жалните последици од постапките на поединци.
Истото било случај и со потомците на првата човечка двојка. Пред Каин да го убие својот брат, Јехова му дал да бира: Дали тој ќе го надвладее гревот, или, пак, гревот ќе го надвладее него? Ништо во извештајот не укажува на тоа дека Јехова предодредил Каин да направи лош избор и да го убие брата си (1. Мојсеева 4:3-7).
Подоцна, Мозаитскиот закон ги предупредил Израелците на тоа што би се случило ако се одвратат од Јехова, на пример, ако си земаат жени од паганските народи. Она што било проречено, навистина и се случило. Тоа може да се види од примерот на цар Соломон, кој во своите подоцнежни години потпаднал под влијанието на неговите жени туѓинки да практицира идолопоклонство (3. Царства 11:7, 8). Да, Бог го предупредил својот народ, но не предодредил какви ќе бидат нивните поединечни постапки.
Избраните христијани се охрабрени да истраат доколку не сакаат да бидат лишени од ветената награда да владеат на небесата со Христа (2. Петрово 1:10; Откровение 2:5, 10, 16; 3:11). Во поврзаност со тоа, некои теолози од минатото прашувале: Зошто биле дадени таквите потсетници ако позивот на избраните бил конечен?
Предодреденоста и Божјата љубов
На човекот му била дадена слободна волја бидејќи бил создаден „според образот Божји“ (1. Мојсеева 1:27). Слободната волја била неопходна за луѓето да му оддаваат чест и да му служат на Бог од љубов, а не како роботи кај кои секое движење е однапред програмирано. Љубовта што ја покажуваат интелигентни, слободни суштества, би му овозможила на Бог да ги побие неправедните обвиненија. Тој вели: „Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, — и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети“ (Изреки 27:11).
Доколку Божјите слуги биле предодредени — или, така да се каже, однапред програмирани — зарем не би можела да се доведе во прашање искреноста на нивната љубов кон Творецот? Исто така, зарем не би било спротивно на Божјата непристрасност да прави однапред определен избор на лица кои се предодредени за небесна слава и среќа, без да ги земе во обѕир нивните поединечни заслуги? Освен тоа, ако некои имаат таков повластен третман а други се определени за вечна казна, тешко дека тоа би предизвикало искрени чувства на благодарност кај „избраните“ (1. Мојсеева 1:27; Јов 1:8; Дела 10:34, 35.)
Најпосле, Христос им рекол на своите ученици да ја проповедаат добрата вест на сето човештво. Ако Бог веќе ги избрал оние коишто треба да бидат спасени, зарем тоа не би ја намалило ревноста што христијаните ја покажуваат во евангелизацијата? Зарем тоа не би го направило делото на проповедање всушност безначајно?
Непристрасната љубов од Бог е најголемата сила што може да ги поттикне луѓето и тие да го сакаат него. Најголемиот израз на Божјата љубов било жртвувањето на неговиот Син во корист на несовршеното, грешно човештво. Божјето познавање на иднината во врска со неговиот Син претставува посебен случај, но тоа ни гарантира дека ветувањата за обнова, што се темелат на Исус, навистина ќе се исполнат. Затоа, да имаме вера во тој Син и да се приближиме кон Бог. Да го покажеме нашето ценење така што ќе ја прифатиме Божјата покана да стапиме во добар однос со нашиот Творец. Денес Бог ја упатува оваа покана до сите оние кои сакаат да ја употребат својата слободна волја и да ја покажат својата љубов кон него.
[Фуснота]
a Кога Исус зборува за Царството што е подготвено „од почетокот на светот“ (Матеј 25:34), сигурно се осврнува на некое време по првиот грев. Лука 11:50, 51 го поврзува „постанокот на светот“, односно основањето на човештвото што е откупливо преку откупнина, со времето на Авел.
[Рамка на страница 7]
ПРЕДОДРЕДЕНИ КАКО КЛАСА
„Оние, кои ги позна порано, нив и ги определи да бидат слични по образот на Неговиот Син, та Он да биде првороден меѓу многуте еднородни браќа. А оние што ги предопредели, нив и ги повика; и кои ги повика, нив и ги оправда; кои ги оправда, нив и ги прослави“ (Римјаните 8:29, 30). Како да го разбереме изразот „предопредели“ што го употребил Павле во овие стихови?
Павловото резонирање тука не претставува безусловен аргумент што ја поддржува идејата за индивидуална предодреденост. На почетокот од овој век, Dictionnaire de théologie catholique (Речникот на католичката теологија) ги објаснил Павловите аргументи (Римјаните, поглавја 9-11) на следниов начин: „Во сѐ поголема мера, меѓу католичките научници преовладува мислењето дека самиот концепт за предодреденост за вечен живот не е објаснет“. Истиот прирачник потоа го цитира М. Лагранж, кој рекол: „Главното прашање што го изнел Павле, воопшто не се однесува на предодреденост или проклетство, туку единствено на поканата до Паганите во милоста на христијанството, чијашто антитеза е неверието на Евреите. . . . Тоа се однесува на групи, на Пагани, на Евреи, а не директно на одредени поединци“. (Нагласено од нас.)
Дури неодамна, The Jerusalem Bible го понуди истиот заклучок во врска со овие поглавја (9-11), наведувајќи: „Според тоа, темата на овие поглавја не е проблемот на индивидуалната предодреденост за слава или, пак, за вера, туку се однесува на уделот што го имал Израел во развојот на историјата на спасението на човештвото — единствениот проблем што е покренат со изјавите во С[тариот] з[авет]“.
Последните стихови од Римјаните, поглавје 8, се однесуваат на истиот контекст. Според тоа, овие стихови можат со право да нѐ потсетат дека Бог го предвидел постоењето на една класа, односно група од човештвото, која ќе биде повикана да владее со Христа, како и на барањата што тие ќе мораат да ги исполнат — и тоа без да бидат однапред предодредени поединците кои ќе бидат избрани, зашто тоа би било спротивно на неговата љубов и правда.