ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w94 1/10 стр. 4-8
  • Библијата — книга наменета да се разбере

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Библијата — книга наменета да се разбере
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зошто била напишана Библијата?
  • Премногу сложена за да се разбере?
  • Библијата и Исусовите следбеници
  • Каква помош е достапна?
  • Зошто е неопходна Библијата?
  • Одговор на библиски прашања
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
  • Истражувај ги „Божјите длабочини“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Читај ја Божјата Реч и служи му во вистина
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Да се разбере Библијата — што ќе ти помогне во тоа?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
w94 1/10 стр. 4-8

Библијата — книга наменета да се разбере

НЕКОИ луѓе веруваат дека Библијата е чиста Божја Реч која би требало дословно да се следи. За други, „пораката на Библијата е премногу двосмислена“. Така вели 12-члениот одбор за вера и теологија на најголемата канадска протестантска деноминација. Свештеникот Клифорд Елиот од Обединетата црква, мисли дека на некои „Библијата им станува апстрактна, безлична и безначајна“.

Ваквите гледишта поставуваат суштествени прашања кои заслужуваат одговори. Помеѓу нив значајни се: Зошто била напишана Библијата? Дали е премногу збунувачка и сложена за да се разбере? Може ли еден просечен човек да ја разбере? Каква помош му е потребна некому за да го сфати значењето на Библијата? И, зошто е битно да се има точно спознание за Библијата во овие немирни времиња?

Зошто била напишана Библијата?

Проучувањето на Божјата Реч отсекогаш било предуслов за оние кои сакале да добијат милост и одобрение од Највишиот Бог, Јехова. Цареви, свештеници, родители, мажи, жени и деца — како богати така и сиромашни — биле поучувани да си одвојат време од секојдневните работи во животот за да ѝ посветат сериозно и искрено внимание на Речта Божја (5. Мојсеева 6:6, 7; 17:18-20; 31:9-12; Неемија 8:8; Псалм 1:1, 2; 118:7-11, 72, 98-100, 104, 142; Изреки 3:13-18).

На пример, на Исус Навин му било заповедано: „Гледај книгата на Законот секогаш да се чита при обожавањето. Проучувај ја и дење и ноќе, и погрижи се да извршуваш сѐ што е напишано во неа. Тогаш ќе бидеш напреден и успешен“ (Исус Навин 1:8, Today’s English Version). Ваквото грижливо проучување и примена на Божјиот Закон требало да резултира со успех и среќа. Јехова имал намера „сите видови луѓе“ не само да ја разберат неговата Реч, Библијата, туку и да ѝ се покоруваат, со изглед да го примат дарот на животот (1. Тимотеј 2:3, 4, НС; Јован 17:3).

Премногу сложена за да се разбере?

Пред да се вознесе на небо, Исус јасно покажал дека сакал една величествена програма на библиска поука да се прошири по целата Земја (Дела 1:8). Тој знаел дека Библијата била наменета да се разбере. Откако објаснил дека Јехова му ја дал целата власт на небото и на Земјата, ја издал директната заповед: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:19, 20).

Пред да се крстат, новите ученици требало да бидат поучени за Јехова, за неговиот Син и за делувањето на светиот дух. Понатаму, требало да бидат упатени во законот на христијанскиот систем на ствари (1. Коринтјаните 9:21; Галатјаните 6:2). За да го постигнат овој резултат, достојните поединци требало најпрво да веруваат дека Библијата била од Јехова, и второ, дека била напишана за да се разбере (Матеј 10:11-13).

Што треба да сториш ти од своја страна за да ја разбереш Библијата? Божјиот Син вложил посебен труд за да го објасни Писмото. Тој знаел дека Светите списи се вистинити и дека ја содржат изричната волја на Јехова (Јован 17:17). Во врска со својата доделена задача, Исус Христос рекол: „Јас се родив и дојдов на светот заради оваа цел: да зборувам за вистината. Секој кој ѝ припаѓа на вистината, ме слуша“ (Јован 18:37, TEV; Лука 4:43). Исус не се воздржувал да ги поучи оние кои биле со приемчиви срца и мисли. Во Лука 24:45 ни е кажано: „Тогаш [Исус Христос] им го отвори умот за да ги разбираат Писмата“.

Во текот на својата служба, Исус обилно цитирал од пишаната Реч, објаснувајќи и упатувајќи на писмата во „Законот Мојсеев и кај Пророците, и во Псалмите“ (Лука 24:27, 44). Оние кои ги чуле неговите објаснувања на Писмото биле длабоко поттикнати од неговата јасност на разбирање, како и од неговата способност на поучување (Матеј 7:28, 29; Марко 1:22; Лука 4:32; 24:32). За него, Писмото било една лесно разбирлива книга.

Библијата и Исусовите следбеници

Апостол Павле, еден од следбениците на Исус Христос, ја согледал потребата да ги поучува другите за она што го содржи Библијата. Тој исто така знаел дека таа била наменета да се разбере. Затоа, поучувал јавно и, без сомнение, ја објаснувал Библијата во домовите на оние кои сакале да ја разберат. Павле го покажал својот став кога рекол: „Знаете дека не премолчив ништо што би ви било од помош додека проповедав и поучував јавно и во вашите домови“ (Дела 20:20, TEV). Во текот на неговите разговори тој расудувал на темел на Писмото, објаснувајќи и докажувајќи ги своите ставови со податоци (Дела 17:2, 3). Бил заинтересиран да им помага на другите да го разберат значењето на Библијата.

Дали копнееш да ги разбереш работите за кои поучувале Исус и неговите ученици? (1. Петрово 2:2). Жителите на древна Берија имале таков копнеж и биле спремни да веруваат во она што апостол Павле ги поучувал за Христос. Така, тие биле охрабрени да го проучуваат Писмото секојдневно и на тој начин да бидат сигурни дека добрата вест што ја слушнале навистина била вистината. Бидејќи нивните умови биле приемчиви, ‚мнозина од нив поверувале‘ (Дела 17:11, 12).

За да може човек да ја разбере Библијата, потребно е да има исправен став на срцето, искрена желба да учи и ‚да биде свесен за своите духовни потреби‘ (Матеј 5:3, НС). Кога Исус бил запрашан: „Зошто во параболи им зборуваш?“, тој одговорил: „Зашто вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено“. Било претскажано дека тој со параболи ќе ‚ја отвори устата Своја и ќе ги искаже тајните‘ (Матеј 13:10, 11, 35). Така, Исус зборувал преку параболи за да ги оддели рамнодушните и љубопитните слушатели од искрените истражувачи. Исусовите ученици ја покажале својата искреност во една прилика кога заедно со него влегле во една куќа и рекле: „Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата!“ (Матеј 13:36).

Јасно е дека ни е потребна помош ако сакаме да ја разбереме Библијата. Свештеникот Хал Левелин, секретар за теологија, вера и екуменизам на Обединетата црква, рекол: „Многу е важно да се разјасни што нам ни значи Библијата и како таа се чита и интерпретира“. Но, иако сите тоа не го сфаќаат, факт е дека сами не можеме да ја разбереме Библијата. Потребна ни е помош.

Каква помош е достапна?

Во Библијата има некои заплеткани искази, збунувачки прашања и длабоки изјави кои бараат разрешување. Тие се можеби намерно тешки за дешифрирање, вклучувајќи и смисловни споредби кои не биле предвидени да се разберат во времето кога биле напишани. Но, тие ги содржеле Јеховините намери. На пример, Откровение 13:18 вели дека „бројот на ѕверот“ му е „шестотини шеесет и шест“. Иако стихот вели „тука е мудроста“, не го објаснува значењето на бројот. Меѓутоа, денес Јехова преку својата организација им дозволува на своите слуги да го разберат неговото значење. (Види ја рамката, „Канал за разбирање на Библијата“). И ти можеш да се здобиеш со такво разбирање со помошта од оние кои се искусни во ‚исправното управување со речта на вистината‘ (НС) (2. Тимотеј 2:2, 15, 23-25; 4:2-5; Изреки 2:1-5).

Понекогаш Исус ги користел параболите за да го покаже одзивот или недостигот на одзив на пораката за Царството. Тој укажал на тоа дека некои нема да напредуваат бидејќи ќе бидат обесхрабрени поради противењето од страна на пријателите и роднините. Други ќе дозволат „жалост или гонење“ да го уништат нивното ценење на пораката за Царството. Додека, пак, некои ќе допуштат секојдневните работи во животот, „грижите од овој свет и примамливото богатство“, да ја истиснат и онаа љубов што можеби ја имале кон добрата вест. Од друга страна, има и такви кои весело се одзиваат и сакаат да ја чујат драгоцената реч и да го разберат нејзиното значење. Тие ‚жалат и воздивнуваат поради гадотиите што се вршат‘ во т. н. христијанство, наводно во името на Исус Христос. Таквите се желни да бидат поучени за Јеховиниот пат и затоа го разбираат она што го читаат во Библијата (Матеј 13:3-9, 18-23; Језекиил 9:4; Исаија 2:2-4).

За оние кои сакаат лично да се здобијат со увид во Јеховините намери, Јехова ќе се погрижи да ја добијат неопходната помош. Да илустрираме. Библијата известува дека Јеховиниот дух го управувал евангелистот Филип за да му помогне на еден Етиопјанец кој, додека патувал од Ерусалим, ја разгледувал библиската книга на Исаија. На пат до дома тој читал во својата двоколка. Послушен на водството од Јеховиниот свет дух, Филип дотрчал покрај колата и запрашал: „Го разбираш ли тоа, што го читаш?“ Човекот бил понизен и доволно искрен за да признае дека му е потребна помош. Филип радосно го поучил овој духовно гладен и послушен човек. Поуката му помогнала да го разбере Писмото. Научил што е потребно да преземе за да се радува на угоден однос со Јехова, за да добие вечен живот. Тој станал радосен, крстен слуга на Јехова, кој водел живот што му бил угоден на Бог (Дела 8:26-39).

Можеби имаш Библија во својот дом и можеби си ја читал многупати. Најверојатно си го искусил истиот проблем како и искрениот, понизен Етиопјанец. Тој не можел да го разбере она што го читал. Му била потребна помош и не се колебал да ја прифати кога Јехова Бог со задоволство му ја обезбедил. Исто како Филип, и Јеховините сведоци се среќни да ти помогнат да ги разбереш работите во врска со Бог, а се запишани во неговата Реч, Библијата. Тие знаат дека Јехова ја дал Библијата и при тоа имал намера таа да се разбере (1. Коринтјаните 2:10; Ефесјаните 3:18; 2. Петрово 3:16).

Зошто е неопходна Библијата?

Живееме во најитното време од човечката историја. Библијата укажува на тоа како на ‚свршеток на светот‘ (Матеј 24:3). Божјите настани кои се случуваат како исполнување на библиското пророштво од 1914 година, покажуваат дека многу скоро Божјето небесно Царство ќе ги „победи и разруши сите царства“ (Даниил 2:44).

Прочитај самиот што е претскажано во Библијата во Матеј 24. поглавје, во Марко 13. поглавје и во Лука 21. поглавје. Ќе забележиш дека опишаните настани се од глобален интерес. Тие вклучуваат светски војни — поинакви од сите други војни. Од I Светска војна, сведоци сме на недостаток на храна, земјотреси, и на време на необично беззаконие. А сега се чини дека нациите се на прагот да дадат изјава со која ќе предвидат еден непогрешлив сигнал за тоа дека уништувањето на светот е неминовно. Што се однесува до тоа, апостол Павле напишал: „Денот Господов ќе дојде така, како крадец во ноќно време. Оти, кога ќе речат: ‚Мир и безопасност!‘, тогаш ненадејно ќе ги стигне погибел, . . . и нема да избегнат“ (1. Солунјаните 5:2, 3). Кои се оние кои нема да избегнат? Павле објаснува: „Оние, кои не го познаваат Бога, кои не се покоруваат на Благовестието на нашиот Господ Исус Христос“ (2. Солунјаните 1:7-9). Дел од комбинираниот знак требало да го исполнат оние кои ја послушале заповедта дадена во Матеј 24:14, да го проповедаат ‚Евангелието за царството по целиот свет‘.

Милиони Јеховини сведоци ја извршуваат оваа заповед во 231 земја и на морските острови. Тие ги посетуваат домовите на луѓето и лично ги покануваат да учат за Јеховината Царска влада. Љубезно го покажуваат начинот на постапување што секој мора да го преземе за да биде меѓу преживеаните од овој систем на ствари и за да живее на рајска Земја каде што нема да има тагување, воздишки, болка, или смрт (Откровение 21:3, 4).

Времето на овој систем на ствари бргу му одминува, и неопходно е сите оние кои сакаат да го преживеат крајот на овој свет, да научат што е вклучено во тоа да му се ‚покорат на благовестието‘ и на тој начин да го избегнат уништувањето. Кога следниот пат Јеховините сведоци ќе дојдат на твојата врата, зошто да не ја прифатиш понудата за библиска студија еднаш неделно? Подобро кажано, зошто не ги замолиш да ја проучуваат Библијата со тебе затоа што сакаш да ја разбереш?

[Рамка на страница 8]

КАНАЛ ЗА РАЗБИРАЊЕ НА БИБЛИЈАТА

ИСУС ни гарантирал дека после неговата смрт и воскресение ќе подигне ‚верен и разумен роб‘ кој ќе служи како негов канал на комуникација (Матеј 24:45-47, НС). Апостол Павле им го идентификувал овој канал на христијаните во Ефес, кога им напишал: „Многуразличната премудрост Божја да им се објави сега преку Црквата на началствата и властите небесни, според предвечното определение, кое Он го изврши во Христа Исуса нашиот Господ“ (Ефесјаните 3:10, 11). Собранието на помазани христијани, родено на Пентакост 33. н. е., било тоа на кое му биле доверени „откриените работи“ (5. Мојсеева 29:29, НС). Како група, помазаните христијани служат како верен и разумен роб (Лука 12:42-44, НС). Нивната задача доделена од Бог е да обезбедат духовно разбирање на „откриените работи“.

Како што библиското пророштво укажувало на Месијата, тоа исто така нѐ води до тесно поврзаното тело на помазани христијански Сведоци кои сега служат како верен и разумен роб.a Тоа ни помага да ја разбереме Речта Божја. Сите кои сакаат да ја разберат Библијата би требало да го ценат тоа што „многуразличната премудрост Божја“ може да стане позната само преку Јеховиниот канал на комуникација, верниот и разумен роб (Јован 6:68).

[Фуснота]

a Види Стражарска кула од 1. март 1981, страници 24-30 (англ.).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели