Враќање на големата бела птица
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈАПОНИЈА
СО СТАП во раката, луѓето почнале да ги претепуваат до смрт прекрасните бели птици — една по една. Птиците биле албатроси. Луѓето: Ханемон Тамаоки и неговите соучесници. Местото: Тори Шима, еден остров на околу 600 километри јужно од Токио. Годината била 1887.
Тамаоки со години го планирал ова. И на домашниот и на странскиот пазар имало голема побарувачка на меки пердуви за душеци, а Тори Шима бил еден оддалечен остров чии единствени жители биле илјадниците албатроси кои редовно пристигнувале таму за да се парат. Меѓу нив бил и краткоопашестиот албатрос, кој бил посебно привлечен за Тамаоки. Тој бил најголемата морска птица во северната хемисфера. Само замислете си колку пердуви би покриле едно буцкасто тело кое тежи околу 8 килограми и има распон на крилјата поголем од 2,5 метри! Освен тоа, оваа птица била кротка и не се обидувала да избега кога се нашла во опасност.
Тамаоки довел 300 работници на островот за да му помогнат да ги убие и да ги искубе птиците. Тие изградиле едно селце и мала железница за да ги транспортираат мртвите птици. Операцијата била толку ефикасна што Тамаоки наскоро станал многу богат — по цена на пет милиони птици. Пустошењето било толку големо што, кога во 1902 избил островскиот вулкан кој го уништил селото и сите негови жители, некои сметале дека тоа е „проклетство поради убивањето на албатросите“. Сепак, следната година повторно дошле луѓе во потрага по птиците кои преостанале.
На оддалеченост од речиси 1.500 километри во Источното Кинеско Море, на една група осамени, карпести острови помеѓу Тајван и Окинава, еден човек по име Тацуширо Кога го водел истиот профитабилен бизнис. Исто како Тамаоки, Кога утврдил дека неговата резерва птици брзо исчезнува. На крајот, во 1900 година го напуштил островот — но дури откако истребил околу еден милион албатроси.
Трагична последица од лакомоста
Тоа масовно уништување на птиците било трагедија со страшни последици. Од различните видови албатроси, три живеат во Северниот Пацифик, со главно подрачје за несење јајца на островите што ги ограбиле Тамаоки и Кога. Едниот од нив, краткоопашестиот албатрос (Diomedea albatrus), очигледно немал познато подрачје за размножување на ниедно друго место во светот.
Морнарите на отворено море некогаш со стравопочитување гледале на албатросот. Легендите и верувањата за морето го прикажуваат како гласник на ветрови, влага и магла. Но, не е легенда тоа дека необично долгите крилја на оваа бела птица ѝ овозможуваат да се извишува преку океанот на неколку дена, при што поголемиот дел од времето лета користејќи го ветрот, а крилјата ги држи речиси неподвижни. Нејзината способност да едри и да остане на море подолго време е неспоредлива.
Иако албатросот може грациозно да се извишува во воздухот, на копно тој се движи бавно и несмасно. Неговите долги крилја и прилично буцкасто тело го спречуваат брзо да полета. Ова, како и тоа што не научила да се плаши од човекот, ја направило оваа птица лесен плен. Поради тоа, луѓето ѝ дале имиња како будалеста птица или тупавка.a
Неодговорните луѓе потпалени од сознанието дека мртвите албатроси носат пари, задоволно продолжиле со истребувањето. Едно истражување открило дека до 1933 имало помалку од 600 птици на Тори Шима. Очајна, јапонската влада прогласила забранет пристап на луѓе на островот. Но, бескрупулозни луѓе навалиле на островот да убијат колку што е можно повеќе птици пред да стапи на сила забраната. До 1935, според еден експерт, останале само 50 птици. Конечно, краткоопашестиот албатрос морало да биде прогласен за истребен. Каква само трагична последица на човековата лакомост! Но, претстоело едно големо изненадување.
Започнува враќањето
Една јануарска вечер во 1951, еден човек кој се качувал по карпите на Тори Шима бил изненаден од некакво ненадејно тропање. Се нашол очи в очи со еден албатрос! Краткоопашестиот албатрос некако преживеал и повторно се парел на Тори Шима. Меѓутоа, овој пат птиците неселе јајца на еден накосен терен, речиси недостапен за луѓето. И како да стекнале некаква нова претпазливост од човекот. Колку само мора да се радувале љубителите на природата!
Јапонската влада брзо реагирала. Биле засадени пампаси за да се зацврсти почвата за гнездата и им било забрането на луѓето да одат на Тори Шима. Албатросот бил прогласен за национално богатство и станал меѓународно заштитена птица.
Уште од 1976, Хироши Хасегава од јапонскиот универзитет Тохо ги проучувал птиците и сега го посетува островот три пати годишно за да ги испитува. За Разбудете се! рекол дека со тоа што секоја година на нозете на птиците става прстени во различни бои, тој открил дека само еднаш во три или четири години краткоопашестиот албатрос се враќа на своето место на раѓање за да се пари. Тие првпат се парат кога имаат шест години и секој пат лежат само по едно јајце. Значи, дури и со просечен животен век од 20 години, потребно е долго време за да се зголеми нивниот број. Од 176 јајца излежани на Тори Шима во текот на зимата 1996/97, се испилиле само 90.
Што прави албатросот во преостанатото време? Хасегава вели дека за тоа малку се знае. Тие дефинитивно го избегнуваат копното и луѓето. Дали албатросите ги следат бродовите и слетуваат на нив? Според Хасегава, тоа е само легенда која не е потврдена со доказ. Тој вели дека е прилично сигурен дека „јапонските албатроси не слетуваат на бродовите“. Но, додава дека на други места во светот, „некои птици можеби за кратко застануваат на бродовите ако се најадени“. Поголемиот дел од времето тие го прават она во што се најдобри — се вивнуваат на поволни воздушни струи и талкаат по широкиот океан. Кога се уморни, тие спијат лебдејќи на морето. Јадат сипи, крилати риби, морски ракови и шкампи. Птиците на кои Хасегава им ставал прстени можат во секое време да се видат во Беринговото Море и во Алјаскиот Залив. А во 1985, здогледувањето на краткоопашестиот албатрос на калифорнискиот брег — првпат за речиси еден век — предизвика прилична возбуденост меѓу тамошните набљудувачи на птици.
Што носи иднината?
Позитивно гледано, бројот на краткоопашестите албатроси постојано се зголемува. Минатиот мај, Хасигава проценил дека таму имало „повеќе од 900 заедно со пилињата“. Тој додал: До 2000-та година треба да имаме преку 1.000 птици само на Тори Шима, со преку 100 пилиња кои се раѓаат секоја година“. Исто така, интересен е и фактот дека во 1988, после цели 88 години, тие повторно биле видени како се парат во Источното Кинеско Море. Птиците одбрале некоја карпеста позиција во критично подрачје, кое извесно време би ги заштитило од мешање на човекот.
Грешките од пред сто години постепено се поправаат. Но, дали навистина се поправаат? Истражувачите честопати откриваат дека, кога ќе ги фатат птиците за да ги преврзат, нив ги фаќа паника и повраќаат. Од нивните желудци излегуваат парчиња пластика, запалки за една употреба и други отпадоци кои луѓето невнимателно ги фрлаат во океанот, нивната територија на исхрана.
Дали човечката лудост уште еднаш ќе ја доведе големата бела птица на работ на истребувањето?
[Фуснота]
a На јапонски, терминот аходори, што значи „глупава птица“, го заменил старото име што значи „голема бела птица“.
[Слика на страница 16]
Тори Шима, дом на краткоопашестиот албатрос
[Слика на страници 16 и 17]
Долгите, тенки крилја на албатросот му овозможуваат да биде врвен светски едриличар
[Слика на страница 17]
Краткоопашестиот албатрос се врати на Тори Шима