Рубрика прашања
◼ Дали „верниот и разборит роб“ одобрува да се формираат самостојни групи на Сведоци кои се состануваат за да ја истражуваат Библијата или за да дебатираат на библиски теми? (Мат. 24:45, 47).
Не, не го одобрува тоа. Сепак, во различни делови од светот некои членови од нашата организација оформиле групи кои самостојно вршат истражувања на разни библиски теми. Некои групи почнале самостојно да ги изучуваат хебрејскиот и грчкиот јазик на кој била пишувана Библијата, со цел да проверат дали е точен Преводот Нов свет. Други, пак, истражуваат на различни научни теми поврзани со Библијата. Тие отвораат веб-страници и чет-линии на Интернет за да можат да ги разменуваат со другите своите гледишта и да дебатираат на тие теми. Исто така, одржуваат конференции и објавуваат публикации за да го изнесат она што го откриле и за да го дополнат она што го учиме на нашите христијански состаноци и преку нашата литература.
Јеховиниот народ низ целиот свет добива изобилство од духовни поуки и охрабрување на собраниските состаноци, на собирите и конгресите, како и преку публикациите што ги издава Јеховината организација. Под водството на својот свет дух и на темел на својата Реч на вистината, Јехова го дава она што е потребно за да можат сите Божји слуги да бидат „потполно обединети со ист ум и со ист начин на размислување“ и да останат ‚утврдени во верата‘ (1. Кор. 1:10; Кол. 2:6, 7). Сигурно сме му благодарни на Јехова за сето она што ни го дава во духовен поглед во овие последни денови. Затоа, „верниот и разборит роб“ не одобрува да се издава литература, да се одржуваат состаноци или да се отвораат веб-страници што не се подготвени од него (Мат. 24:45-47).
Пофално е тоа што некои сакаат да ја користат својата способност за расудување во полза на добрата вест. Меѓутоа, никој не треба со своите лични потфати да го одвлече вниманието од она што денес го прави Исус Христос преку своето собрание на Земјата. Во првиот век, апостол Павле ги опоменал христијаните да не си го губат времето со исцрпувачки теми како, на пример, „родословија, бидејќи тоа не води никаде. Тоа само придонесува за да се поставуваат непотребни прашања, а не за да се распределува она што Бог го дава за изградување на нашата вера“ (1. Тим. 1:3-7). Сите христијани треба да ‚избегнуваат глупави испитувања, истражување на родословија, караници и препирки околу Законот, зашто тоа е бескорисно и залудно‘ (Тит 3:9).
На сите што сакаат повеќе да ја проучуваат Библијата и подлабоко да истражуваат им препорачуваме да ги користат книгите Увид во Светото писмо, „Све је Писмо од Бога надахнуто и корисно“ и други наши публикации, како што се оние во кои се објаснуваат пророштвата од библиските книги Даниел, Исаија и Откровение. Во нив има доволно материјал за проучување на Библијата и за длабоко размислување, а тоа ќе ни помогне да се ‚исполниме со добро познавање на Божјата волја во сета мудрост и способност за сфаќање што ја дава духот, за да водиме живот достоен на Јехова и така потполно да му угодиме, донесувајќи плод во секое добро дело и сѐ подобро запознавајќи го Бог‘ (Кол. 1:9, 10).