Извештај за напредокот на изградбата на Бетел
Драго ни е да ве известиме дека изградбата на новиот Бетел во Скопје добро напредува. Ова е извор на охрабрување особено за бетелската фамилија која за кратко време ќе може да се всели во новите објекти.
Како што можеби знаете, градбата на новиот бетелски проект се врши во две фази. Прво се подигна зграда со неколку канцеларии, соба за состаноци и главна рецепција. Таа веќе неколку месеци е во употреба и, всушност, е нашата втора зграда која функционира заедно со првата зграда што беше купена пред неколку години за да се задоволат административните и преведувачките потреби на работата во Бетел.
Втората фаза вклучува градење на трета зграда која ќе биде најголема од сите. Таа ќе ги содржи сите соби за живеење (18) за бетелската фамилија, како и кујна, трпезарија, перална и простории за пакување и испорака. Овој објект сега е потполно изграден и речиси завршен однадвор. Внатрешните работи сѐ уште се во тек додека се привршуваат многу поединости. Дворот ќе биде завршен на пролет. Градбата ја изведува комерцијална градежна фирма, која ги следи плановите и стандардите на организацијата. Тоа се покажа како делотворна метода на градење со најисплатливи трошоци. Со овие нови простории, нашиот бетелски дом ќе има вкупно околу 2.500 квадратни метри. Тоа треба да ги задоволи потребите на работата во Бетел за неколку години.
Се радуваме на времето кога сите простории ќе функционираат и сите ќе можат да ги посетат и да прават обиколка на објектите. Штом тоа ќе биде можно, ќе ги информираме собранијата. Уште еднаш, жал ни е што не се возможни обиколки на Бетелот додека не се заврши градбата.
Сигурно дека сме радосни што сме дел од светската програма за градење што се одвива денес, а која вклучува не само бетелски објекти туку и Сали на Царството. Ние сме навистина благодарни за поддршката од нашето светско братство што помага да се финансираат таквите објекти. Сите се сложуваме дека благословот на Јехова е видлив на проектот и таквиот благослов дава додатна мотивација ревносно да одиме напред служејќи му на Јехова во нашите собранија.