Дали се одѕиваш на Христовата љубов?
1 Размислувајќи за животниот пат на својот Господар, апостол Јован напишал: „Исус . . . бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака“ (Јован 13:1). Во времето на Меморијалот, нашите мисли се насочени кон најголемиот израз на Христовата љубов. Можеме да се одѕвиеме на таа љубов со тоа што ќе практикуваме вера во откупнината, ревносно ќе учествуваме во делото на проповедање и, како Исус, ќе истраеме „до крај“ (Мат. 24:13; 28:19, 10; Јован 3:16).
2 Да се одѕвиеме на Христовата љубов: Исус бил многу активен во последната седмица од својот живот на земјата (Мат. 21:23; 23:1; 24:3). Како имитатори на Христос, и ние сме поттикнати од љубов ‚силно да се напрегаме‘ во Јеховината служба (Лука 13:24, NW). Можеш ли да ги искористиш подготовките за дополнителна активност на сведочење во текот на април со тоа што ќе го зголемиш времето што го минуваш во службата?
3 Оваа година, Господовата вечера се паѓа в среда, 19 април. Колку лица ќе бидат присутни во оваа значајна прилика? Тоа многу зависи од нас. Дали направи список на оние што планираш да ги поканиш — твоите библиски студенти и другите интересенти, роднини, деловни познаници и соученици? Дали им се јави за срдечно да ги поканиш? Ќе ги потсетиш ли неколку дена пред Меморијалот? Им треба ли помош за да дојдат? Старешините ќе ги поканат и оние што станале неактивни во службата. Тоа што Меморијалот ќе се одржи една вечер во текот на седмицата а не на викендот, не значи дека не е важно сите да присуствуваат.
4 Дојди подготвен: Неопходно е да бидеме подготвени и да имаме исправен мисловен став додека присуствуваме на Меморијалот. Павле ги опоменал соверниците да ја имаат на ум сериозноста на таа прилика (1. Кор. 11:20—26). Би можел да ги прочиташ поглавја 13 до 17 од Јовановото евангелие на вашата семејна библиска студија и потоа секој член на семејството да каже што му значи Исусовата жртва. Не заборавај секојдневно да ја читаш Библијата во седмицата на Меморијалот!
5 Нашата љубов кон Христос е длабока и ќе трае долго после 19 април. Одлучни сме засекогаш да ја покажуваме нашата љубов кон него! Годинашнава прослава на Меморијалот ќе ни помогне да ја зајакнеме таа одлучност.