Нешто многу поважно од времето
РЕЧИСИ и да нема народ во кој луѓето не знаат да кажат нешто за времето според изгледот на небото. На пример, една англиска поговорка вели: Штом црвено небо навечер сјае — ведро ќе е, морнарот знае; црвено небо кога зазорува, на морнарот лошо му зборува. Метеоролозите денес може да објаснат како и зошто постои веројатност временските промени да се одвиваат според зборовите на оваа изрека.
И во времето на Исус луѓето имале обичај да го набљудуваат небото и според неговиот изглед да проценат какво ќе биде времето. Еднаш, на една група Евреи Исус им рекол: „Кога ќе се свечери, имате обичај да речете: ‚Времето ќе биде убаво, зашто небото е црвено‘. А наутро велите: ‚Денес ќе биде студено и дождливо време, зашто небото е црвено, но мрачно‘. Изгледот на небото умеете да го толкувате“, им рекол Исус, и потоа додал нешто што звучело необично: „А знаците на времињата не умеете да ги толкувате!“ (Матеј 16:2, 3).
Што биле тие ‚знаци на времињата‘? Тоа биле многуте работи што се случувале и јасно покажувале дека Исус е вистинскиот Месија што го испраќа Бог. Неговите постапки исто толку јасно покажувале кој е тој колку што црвеното небо покажувало какво ќе биде времето. Меѓутоа, повеќето Евреи воопшто не обрнувале внимание на знаците што покажувале дека Месијата дошол — иако ова било многу поважно од тоа какво ќе биде времето.
И денес има еден знак што е далеку поважно да се разбере отколку бојата на дословното небо. Исус прорекол дека на овој злобен свет ќе му биде ставен крај за да започне еден подобар свет. Тој спомнал неколку работи што истовремено ќе можат јасно да се забележат во периодот пред да дојде до оваа промена. Некои од нив се, на пример, војни од светски размери и глад. Исус рекол дека тоа што ќе се случуваат овие работи ќе биде знак дека е близу времето кога Бог ќе се вмеша во работите (Матеј 24:3-21).
Дали ти ги гледаш „знаците на времињата“?