‚Да се умножува љубовта кај секого од вас‘
ВО 2004 година Јапонија ја погодија неколку природни катастрофи. Меѓу нив имаше тајфуни, поплави и земјотреси. Тие ги загорчија животите на многумина, вклучувајќи ги и Јеховините сведоци (Проповедник 9:11). Сепак, овие несреќи им дадоа прилика на Сведоците да покажат братска наклоност еден кон друг (1. Петрово 1:22).
На пример, поради обилните дождови во јули, една река во централна Јапонија се излеа од своето корито. Поплавите оштетија повеќе од 20 домови на Јеховини сведоци. Во една Сала на Царството, водата се искачи цел метар над подот. Сведоците од соседните собранија веднаш притрчаа на помош. Стотици доброволци ги исчистија куќите од калта. Само за две седмици Салата на Царството беше целосно исчистена и поправена.
На 23 октомври, тоа подрачје го погоди земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала. Беа загубени најмалку 40 животи, а преку 100.000 луѓе беа евакуирани од нивните домови. Немаше вода, плин и струја. Иако епицентарот на земјотресот беше само 50 километри подалеку, поправената Сала на Царството овојпат не беше оштетена. Таа веднаш стана привремен центар за помош. Христијанските надгледници брзо проверија дали се безбедни нивните соверници и им олесни кога дознаа дека ниеден не бил повреден или, пак, загинал. Рано следното утро, шест Сведоци кои беа жртви на поплавите во јули, спремно се ставија на располагање да донесат храна и вода во погоденото подрачје. Хуманитарната помош беше на располагање неколку часови по земјотресот.
Еден собраниски старешина кажал: „Со тоа што им пружија помош на погодените од земјотресот, оние што беа жртви на поплавите сакаа да ја искажат својата благодарност за помошта што тие самите ја примија. Многу вредно работеа од рано утро до доцна навечер, а нивните лица светеа од радост!“
Ниту поплавите ниту земјотресите не се закана за врската на љубов што го поврзува христијанското братство на Јеховините сведоци. Напротив, кога ќе се случат вакви несреќи, христијаните го чувствуваат она што им го рекол апостол Павле на соверниците во Солун: „Должни сме секогаш да му благодариме на Бог за вас, браќа, како што прилега, бидејќи вашата вера извонредно расте и кај секого од вас се умножува љубовта кон другиот“ (2. Солуњаните 1:3).