Копнееш ли по свет во кој нема да се плашиме?
„Живееме во една ‚хронично затегната состојба на тревога и . . . беспомошност‘ предизвикана од ‚лошо дефинираната . . . опасност што може да нѐ погоди во секое време и во секој облик без никакво предупредување.‘ “
ОВИЕ зборови, цитирани минатата година во списанието Newsweek, ги отсликуваат чувствата на многу луѓе што живеат во денешниов немирен свет. Исус Христос укажал дека во блиска иднина ваквите чувства ќе станат уште посилни. Тој претскажал време кога меѓу нациите ќе има таква мака што не ќе знаат за излез и дека луѓето ќе изнемоштуваат од страв и од исчекување на она што доаѓа врз Земјата. Но, ние не треба да се плашиме или да се чувствуваме беспомошни, зашто Исус додал: „Кога ќе почнат да се случуваат овие работи, исправете се и подигнете ги своите глави, бидејќи се приближува вашето избавување“ (Лука 21:25—28).
Опишувајќи како ќе живее неговиот народ на Земјата по тоа избавување, Јехова Бог изјавил: „Мојот народ ќе живее во мирни населби, во безгрижни одморалишта“ (Исаија 32:18). Преку својот пророк Михеј, Јехова рекол: „Секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши“ (Михеј 4:4).
Каква само разлика од животот денес! Никаква непозната опасност нема да демне над човештвото. Наместо хронична состојба на тревога и беспомошност, ќе има состојба на мир и среќа без крај.