Кога ветувањата се гаранција
ИСТОРИЈАТА е полна со неостварени ветувања. Нациите честопати потфрлиле да ги одржат свечено потпишаните спогодби за ненапаѓање, водејќи го на тој начин својот народ во ужасни војни. Наполеон еднаш забележал: „Владите ги исполнуваат своите ветувања само кога се присилени да го сторат тоа или кога тоа ќе им биде од корист ним“.
А што е со ветувањата што ги дале поединци? Колку е само разочарувачки кога некој нема да си го одржи зборот! Особено ако тоа е некој што го познаваш и на кого му веруваш. Се разбира, луѓето може да се или немоќни или без желба да ги исполнат своите ветувања.
Колкава е само разликата помеѓу човечките и Божјите ветувања! Божјите ветувања се потполно веродостојни и можеме да имаме доверба во нив. Секое ветување што го дава Јехова Бог е гаранција. Сигурно ќе се исполни. Укажувајќи на сигурниот збор на Бог, во Исаија 55:11 се вели: „Така Словото што излегува од Мојата уста не се враќа при Мене без плод, туку го прави она што го сакав и ќе го изврши она заради кое го испратив“.
Па, како треба да гледаме на Божјите ветувања запишани во Библијата? Дефинитивно можеме да имаме доверба во нив. На пример, апостол Јован напишал: „Гледај, Божјиот шатор е со луѓето, и тој ќе престојува со нив, и тие ќе бидат негови народи. И самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:3, 4). И ти можеш да се радуваш на вакви благослови ако постапуваш во склад со зборовите на Исус: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3).