Најдоброто време да се биде жив
КОГА си соочен со тешки околности, дали жалиш по „старите добри времиња“? Тогаш размисли за зборовите на мудриот цар Соломон: „Не прашувај зошто некогашните времиња биле подобри од овие, зашто тоа не е мудро прашање“ (Проповедник 7:10).
Зошто Соломон го дал овој совет? Зашто знаел дека да се има реалистично гледиште за минатото е вредна помош во справувањето со непријатните ситуации во сегашноста. Оние што копнеат по „старите добри времиња“ можат, всушност, да заборават дека и тие денови биле исполнети со проблеми и неволји и дека животот никогаш не бил вистински идеален. Можеби некои работи во минатото биле подобри, но најверојатно други не биле. Како што Соломон забележал, не е мудро нереалистично да се размислува за минатото, зашто очигледно е дека не можеме да го вратиме времето назад.
Може ли да има некаква штета ако гледаме на минатото со носталгија? Да, ако тоа не ни дозволува да бидеме флексибилни и да се приспособиме на сегашноста или ако не спречува да го цениме времето во кое живееме и надежта што можеме да ја имаме.
Всушност, и покрај сѐ поголемите проблеми во светот, сега е најдоброто време да се биде жив. Зошто? Затоа што се приближува исполнувањето на Божјата намера во врска со нашата Земја и на благословите од мирољубивото владеење на неговото Царство. Библијата ветува: „Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:4). Тогаш, во услови што се многу, многу подобри, никој нема да има причина да копнее по „старите добри времиња“.