Прашања од читателите
Зошто Превод Нов свет во 2. Петрово 3:13 зборува за „нови небеса [множина] и нова земја“, додека Откровение 21:1 претскажува „ново небо [еднина] и нова земја“?
Во основа, ова е еден граматички детаљ што е поврзан со оригиналните јазици. Во врска со значењето, се чини дека нема некаква посебна важност.
Да ги разгледаме најпрвин Хебрејските списи. Во текстот на оригиналниот јазик, хебрејскиот збор шамаим, преведен со „небо (небеса)“, секогаш е во множина. Неговиот множински облик изгледа не одразува множина за величественост, туку идеја за вид множина што се користи за да се покаже дека одделни делови од целината се шират во далечина и простор, односно идеја за „целина составена од безброј засебни делови или точки“. Тоа се разбира во таа смисла што физичките небеса се протегаат далеку од Земјата во сите правци и вклучуваат милијарди ѕвезди. Кога на шамаим му претходи одреден член (буквално „небесата“), Превод Нов свет речиси секогаш го преведува со „небеса“, како во Исаија 66:22. Кога шамаим се појавува без одреден член, може да се преведе во еднина („небо“, како во Битие 1:8; 14:19, 22; Псалм 69:34, NW) или во множина („небеса“, како во Битие 49:25, NW; Судии 5:4; Јов 9:8; Исаија 65:17).
И во Исаија 65:17 и во 66:22 хебрејскиот збор за небеса е во множински облик, а доследниот превод што е избран е „нова небеса и [или] нова земја“.
Грчкиот збор оуранос значи „небо“, а множината оуранои значи „небеса“. Интересно е тоа што преведувачите на грчката Септуагинта го употребиле еднинскиот облик и во Исаија 65:17 и во 66:22.
А сега, што е со двете места на кои се појавува фразата „ново небо [или небеса] и нова земја“ во Христијанските грчки списи?
Во 2. Петрово 3:13 апостолот го употребил грчкиот множински облик. Малку пред тоа (стихови 7, 10, 12) тој зборувал за сегашниве злобни „небеса“ користејќи множина. Така бил доследен во примената на множинскиот облик во 13. стих. Освен тоа, изгледа дека тој го цитирал оригиналот од Исаија 65:17, каде што хебрејскиот е во множина, исто како што во 2. Петрово 2:22 го цитирал хебрејскиот текст од Пословици 26:11. На тој начин Петар укажал на ‚нови небеса [множина] и нова земја, кои ги очекуваме според неговото ветување‘.
Во незначителен контраст, во Откровение 21:1 апостол Јован очигледно го употребил преводот на Исаија 65:17 од Септуагинтата која, како што забележавме, го содржи грчкиот збор за „небо“ во еднински облик. Според тоа, она што го напишал Јован било: „И видов ново небо [еднина] и нова земја; зашто поранешното небо и поранешната земја поминаа“.
Ова се граматички детали што се однесуваат на преводот. Вреди да се повтори дека изгледа нема никаква разлика во значењето, сеедно дали некој чита или зборува за „нови небеса“ или „ново небо“. Смислата на примената е иста.
[Извор на слика на страница 31]
Ѕвезди: Frank Zullo