Дали религијата ќе донесе светски мир?
ОД 28—31 август 2000, повеќе од 500 претставници од 73 земји се собраа во Њујорк Сити. Се состанаа во Обединетите нации за „Милениумскиот самит за светски мир на верските и духовните водачи“. Водачите — многумина дотерани со турбани, облеки со шафранова боја, шешири со пердуви или долги црни наметки — беа претставници на многу вери. Меѓу нив спаѓаа бахаи, будизам, хиндуизам, ислам, џаинизам, јудаизам, шинтоизам, сикизам, таоизам, зороастризам и религиите на христијанскиот свет.
Во првите два дена од четиридневната конференција делегатите се состанаа во Обединетите нации. Меѓутоа, конференцијата не ја организираа ниту финансираа Обединетите нации туку различни фондации. Сепак, и ОН и верските водачи зборуваа за важноста на заедничкото работење за да се стави крај на сиромаштијата, расизмот, проблемите со природната околина, војната и оружјето за масовно уништување.
Делегатите потпишаа еден документ со наслов: „Обврска за глобален мир“. Иако се признаваше дека насилството и војната се „понекогаш извршени во името на религијата“, во документот стоеше изјавата дека потписниците ќе „соработуваат со Обединетите нации . . . во стремежот кон мир“. Меѓутоа, немаше ниедна конкретна резолуција која би покажала како би можело да се стори тоа.
На вториот ден, Бава Џајн, генерален секретар на самитот, своите уводни забелешки ги заклучи така што објасни дека пред неколку години во Обединетите нации забележал една слика. На сликата бил прикажан човек повисок од зградата на секретаријатот на Обединетите нации. Тој чукал на зградата како таа да била врата. Под сликата стоел текстот: „Кнез на мирот“. Г-н Џајн рекол: „[Сликата] имаше длабок ефект врз мене во моментот кога ја видов. Прашав повеќе луѓе што значи [таа]. Мислам дека денес го имам одговорот. Овдешното собирање на сите вас, духовните и верските водачи на светот, ми покажува дека [ова] е кнезот на мирот кој чука на вратата на Обединетите нации“.
Библијата изнесува едно поинакво гледиште. Таа покажува дека Кнезот на мирот е Исус Христос. Тој ќе донесе глобален мир, не преку напорите на политичките или верските водачи на овој свет туку преку Божјето Царство. Ова Царство — Божјата небесна влада — е тоа што успешно ќе го обедини човештвото и ќе предизвика Божјата волја да се врши на Земјата (Исаија 9:6; Матеј 6:9, 10).