Побожна мудрост — како се покажува?
„МУДРОСТА на сиромавиот се пренебрегнува, и зборовите негови не се слушаат.“ Со овие зборови мудриот цар Соломон ја заклучил приказната за еден понижен, но мудар човек, кој спасил цел град од уништување. Но, за жал, ‚никој не се сетил за тој сиромав‘ (Проповедник 9:14—16).
Луѓето се склони да ги презираат оние кои имаат малку средства, па дури и ако овие сиромашни извршиле благородни дела. Така било и во случајот со Исус. За него Исаија прорекол: „Он беше презрен и понизен меѓу луѓето, маж на болки и свикнат на страдања“ (Исаија 53:3). Некои го презирале Исус едноставно затоа што го немал статусот или истакнатоста на водачите од негово време. Сепак, поседувал мудрост која била далеку поголема од мудроста на кој и да е грешен човек. Луѓето во Исусовиот роден град одбиле да признаат дека овој „син на дрводелецот“ покажувал таква мудрост и извршувал такви моќни дела. Меѓутоа, тоа била сериозна грешка, зашто извештајот понатаму вели дека Исус ‚не извршил таму многу чудеса заради нивното неверување‘. Каква само штета за тие луѓе! (Матеј 13:54—58).
Да не ја правиме и ние истата грешка. „Мудроста се покажува праведна преку своите дела“ (NW), рекол Исус. Оние кои го вршат Божјето дело и ја соопштуваат небесната мудрост не се препознатливи по својот статус или социјална положба туку по ‚добриот плод‘ кој го покажуваат — верата и делата темелени на Библијата (Матеј 7:18—20; 11:19).