Мудроста да се ‚предвиди она што ќе се случи‘
„ТОА е народ кој го изгубил здравото просудување и нема разбирање. Да беше мудар, ќе го разбереше ова и ќе предвидеше што ќе му се случи“ (5. Мојсеева 32:28, 29, Beck).
Овие зборови им ги кажал Мојсеј на Израелците додека стоеле на границата на Ветената земја. Мојсеј претскажувал едно време кога тие ќе го напуштат Јехова и малку ќе обрнуваат внимание на последиците од своите постапки. Во текот на вековите што следеле, Израелците — во кои спаѓале и многу цареви — ги игнорирале Божјите предупредувања.
На пример, Соломон ја знаел божествената заповед да не се стапува во брак со обожаватели на други богови освен на Јехова (5. Мојсеева 7:1—4). Сепак, тој имал „многу жени — туѓинки“. Каков бил резултатот? Библискиот запис вели: „Кога Соломон остаре, неговите жени го приклонија срцето негово кон други богови, и срцето негово не беше наполно предадено на неговиот Господ Бог, како срцето на татка му Давида“ (3. Царства 11:1, 4). Иако бил мудар човек, на Соломон му недостигало здраво просудување за да ‚предвиди што ќе се случи‘ ако биде непослушен на Божјата заповед.
Како е со нас? Ние ќе можеме да избегнеме многу болки ако однапред адекватно размислиме за одлуките во животот. На пример, христијаните се опоменати да ‚се очистат од секаква скверност на телото и на духот‘ (2. Коринтјаните 7:1). Тоа е мудро, но на многумина им недостига здраво просудување за да предвидат што може да се случи ако не го почитуваат советот на Павле. На пример, многу млади луѓе си го загадуваат телото со пушење тутун, мислејќи дека со тоа изгледаат искусни и зрели. Колку само е трагично кога подоцна во животот, како последица од тоа, извесен број од нив страдаат од срцеви проблеми, рак на белите дробови или емфизем!
Важно е да обрнеме сериозно внимание на последиците од нашите одлуки и постапки. Павле со добра причина напишал: „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее: кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот“ (Галатјаните 6:7, 8).