Чувај се од симонија!
СИМОН од Самарија бил високо почитуван во неговата средина. Тој живеел во првиот век н. е. Луѓето биле толку обземени од тоа што практикувал магична уметност што за него зборувале: „Тој е голема сила Божја“ (Дела 8:9—11).
Меѓутоа, откако Симон станал крстен христијанин, забележал дека постои моќ која била многу поголема од онаа што тој порано ја покажувал. Тоа била моќта која им била дадена на Исусовите апостоли и им овозможувала да им доделуваат на другите чудесни дарови на светиот дух. Симон бил толку импресиониран што им понудил на апостолите пари и ги замолил: „Дајте ми ја и мене таа власт, та над кого ќе ги положам рацете, да Го прими Духот Свети!“ (Дела 8:13—19).
Апостол Петар го укорил Симон, велејќи: „Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто помисли дека дарот Божји се добива за пари. Ти немаш дел ниту учест во тој дар, бидејќи срцето твое не е право пред Бога“ (Дела 8:20, 21).
Од овој библиски извештај потекнува зборот „симонија“ што се дефинира како „грев на купување или продавање позиции или, пак, унапредувања во црквата“. New Catholic Encyclopedia признава дека особено од 9 до 11 век „симонијата продрела во манастирите, пониското свештенство, епископатот, па дури и во папството“. Деветтото издание на The Encyclopædia Britannica (1878) забележува: „Едно проучување на историјата на папските конклави го остава студентот со уверување дека досега сѐ уште немало некој избор кој не бил извалкан со симонија, а во голем број случаи симонијата која се практикувала во конклавата била од најтежок, најбесрамен и најотворен вид“.
Денешните вистински христијани мораат да се чуваат од симонија. На пример, некои би можеле да ги опсипуваат со претерана фалба или со великодушни подароци оние кои можат да им дадат додатни привилегии. И обратно, оние кои се во можност да дадат такви привилегии би можеле да покажат фаворитизам кон оние кои можат — и кои честопати се желни — да ги опсипат со подароци. Обете ситуации вклучуваат симонија, а Писмото јасно го осудува таквиот правец. Петар го поттикнал Симон: „Покај се за оваа зла мисла и помоли Му се на Бога за да ти се прости помислата на срцето твое [оваа твоја сплетка, New Jerusalem Bible] — ако е можно; бидејќи те гледам исполнет со горчлива жолчка и во окови од неправда“ (Дела 8:22, 23).
За среќа, Симон ја увидел сериозноста на својата погрешна желба. Ги молел апостолите: „Помолете Му се за Мене на Господа вие, та да не ме постигне она што рековте“ (Дела 8:24). Внимавајќи на важната лекција која ја содржи овој извештај, вистинските христијани се стремат да избегнуваат секаква дамка на симонија.