Објавителите на Царството известуваат
Еден поранешен противник ја дознава вистината
ЗА ГРАЃАНСКАТА војна во Либерија многу се известуваше на вестите. Десетици илјади лица ги загубија животите, а уште повеќе беа протерани. И покрај тие тешкотии, луѓето со искрени срца и понатаму ја прифаќаат вистината, како што тоа го илустрира и следново искуство.
Уште од десетгодишна возраст Џејмс бил школуван од Лутеранската црква. Откако станал уредник на еден црковен весник, тој ја искористил својата позиција за да пишува против Јеховините сведоци. Тоа го правел и покрај фактот што никогаш немал запознато некого од нив.
Со текот на времето, Џејмс го напуштил црковниот весник и станал успешен сопственик на мотел. Еден ден, додека седел на рецепцијата од својот мотел, го посетиле две убаво облечени сестри. Кога ја видел нивната уредна облека, ги поканил внатре. Но, штом му ја објасниле целта на нивната посета, тој рекол: „Премногу сум зафатен за да разговарам“. Сведоците му понудиле претплата на списанијата Стражарска кула и Разбудете се!. Тој ја прифатил само за да се ослободи од нив. Списанијата му доаѓале дома 12 месеци, но тој ги ставал во една пластична торба, дури не вадејќи го ни омотот од нив.
Беснеела граѓанска војна, па затоа Џејмс спакувал една торба со пари и скапоцености за да избега при првиот знак за напад. Едно утро, зад неговиот заден влез експлодирала граната, и тој во паника ја грабнал торбата и истрчал за да си го спаси животот. Придружувајќи им се на илјадници цивили кои бегале, морал да помине низ извесен број контролни пунктови. Таму, недолжните цивили честопати биле пљачкани и убивани без никаква видлива причина.
На првиот контролен пункт, на Џејмс му биле поставени неколку прашања и потоа му било речено да ја отвори торбата. Кога ја отворил, погледнал во неа и не можел да си верува на очите. Се запрепастил кога видел дека торбата што ја понел не била онаа со скапоценостите. Во паника, тој ја имал собрано торбата во која се наоѓале сите неотворени списанија Стражарска кула и Разбудете се! Меѓутоа, кога војникот ги видел списанијата и го прочитал неговото име на налепниците, рекол: „Ох, па ти си Јеховин сведок. Не ве бараме вас луѓе, знаеме дека вие не лажете“. Откако си зел неколку списанија од торбата, војникот му рекол на Џејмс да продолжи.
Истото се случило на девет различни контролни пунктови, бидејќи сите командири си претпоставувале дека тој е Јеховин сведок и му дозволувале да продолжи неповреден. Сега Џејмс бил благодарен што не ги понел своите скапоцености бидејќи, од она што го видел, тој речиси сигурно ќе бил убиен заради работите што ги поседувал.
Кога конечно стигнал до последниот и најстрашен контролен пункт, се згрозил кога наоколу видел како лежат голем број мртви тела. Преплашен, го привикал Јеховиното име. Му се молел на Бог, велејќи му дека ако тој му помогне да помине низ тоа поле каде што се убива, тогаш ќе му служи во остатокот од својот живот.
Џејмс им ја покажал торбата на војниците, и тие повторно рекле: „Не ги бараме овие луѓе“. Обраќајќи му се, додале: „Еден од твоите браќа живее долу под овој рид. Оди кај него“. Дотогаш, мислењето на Џејмс за Сведоците веќе било потполно сменето. Тој веднаш стапил во контакт со братот, и биле направени подготовки за библиска студија со книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата.a
После неколку дена, еден напад го присилил да бега од тоа подрачје. Овојпат, Џејмс истрчал во грмушката зграбувајќи ја само својата книга Живеј засекогаш! За време на 11 месеци изолација од Сведоците, ја проучил книгата пет пати. Кога конечно можел да се врати во градот, ја продолжил библиската студија со Сведоците и брзо напредувал. После кратко време, се крстил и сега верно служи со своите духовни браќа.
[Фуснота]
a Објавена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.