Патокази на патот на животот
АКО се движиш по некој непознат пат или патека, дали на патоказите ќе гледаш како на пречки? Веројатно не! Сигурно ќе гледаш на нив како на средство кое ќе ти помогне да не залуташ од маршрутата која води до твоето одредиште.
Но, што е со движењето по патот на животот? Може ли успешно да се совлада без патокази? Еден древен Божји пророк ги признал ограничувањата на човештвото во тој поглед. Тој рекол: „Знам, О ГОСПОДИ, дека патиштата на човекот не се според негов сопствен избор ниту, пак, е до човекот да го одреди својот правец во животот“ (Јеремија 10:23, The New English Bible).
Тогаш, каде може да се најде потребното упатство? Доверлив извор за таквото водство е Творецот на човекот, а фигуративните патокази можат да се најдат во Библијата. Преку својата Реч, Јехова вели: „Ако свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас — ете го патот, врвете по него!“ (Исаија 30:21).
Да, Божјата Реч ни пружа доверливо водство во секој аспект од животот (Исаија 48:17; 2. Тимотеј 3:16, 17). Но, за жал, мнозинството од човештвото се движи по патеката на животот независно од божественото упатство (Матеј 7:13). И покрај тоа, патоказите неподвижно си стојат на местото! Дали ќе внимаваш на нив додека чекориш по патот на животот?