„Држете го она што го имате“
Една група Сведоци проповедале на еден од 30-те острови кои ги сочинуваат островите Киклада во Грција. Додека двајца од нив оделе по улицата, сретнале еден полицаец кој им рекол да го следат до полициската станица. Кратко откако стигнале во полициската станица, заѕвонил телефонот. Тоа бил селскиот свештеник. „Чув дека во селото има Јеховини сведоци“, рекол тој. „Да, имам овде двајца“, одговорил полицаецот. „Веднаш ќе дојдам.“ Од тонот на разговорот, браќата некако се загрижиле.
Меѓутоа, откако пристигнал, свештеникот се насмевнал, се ракувал со нив и седнал на столот до полицаецот. Како што се развивала дискусијата, полицаецот станувал кавгаџиски настроен додека свештеникот останал разбран и љубезен. Тој му рекол на полицаецот да не ги омаловажува Сведоците, и додал: „Тие можат да одговорат на секое прашање бидејќи добиваат обука во Теократската школа за служба. Полесно би било да се затресе светот од темел отколку да се промени верата на еден Јеховин сведок“.
Додека проповедале следното утро, браќата повторно наишле на свештеникот и го прашале: „Зошто бевте толку пријателски настроен кон нас во текот на дискусијата во полициската станица?“ Свештеникот им рекол дека се знае со многу Сведоци во Сирос и дека многу години ги чита списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Всушност, во неколку прилики тој ќе го земел списанието Стражарска кула, ќе го скриел во една папка и ќе го користел додека држел проповед во црквата. Тој напомнал: „Мислам дека немаше да ми вреди да живеам ако ја немав вашата литература. Таа ме тера да продолжам и понатаму“.
Подоцна, свештеникот на Сведоците им рекол: „Морам да ви кажам една работа. Држете се за тоа што го имате. Немојте да направите грешка и да го напуштите. Она што сега ви го велам е најдобрата проповед што некогаш сум ја одржал, и тоа не го велам само со уста; тоа го мислам со сето мое срце“.