Украсени со обетка од злато
УШТЕ од најрани времиња, златниот накит бил високо ценет поради својата вредност и убавина. Откако станал премиер во Египет, Јосиф добил златно ланче од фараонот (1. Мојсеева 41:42). На Ревека ѝ биле дадени златен прстен за нос и две златни бразлетни, вредни околу 1.400 долари (САД) во денешна вредност (1. Мојсеева 24:22). Без сомнение, овие скапоцени подароци биле прифатени со благодарност и биле носени со задоволство.
Библијата зборува за симболичен накит кој е вреден далеку повеќе од оној што го носеле Јосиф и Ревека. Изреки 25:12 наведува: „Мудриот разобличувач за внимателно уво е како златна обетка и украс од чисто злато“. Кога некој советник дава совет темелен на Божјата Реч, а не на своето сопствено мислење, тој навистина дава еден вреден дар. Зошто? Затоа што, во крајна линија, таквиот совет доаѓа од самиот Јехова. Библијата ни кажува: „Не занемарувај ја, синко, казната од Господа, и да не ти е тешко од Неговото изобличување; зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој, што го љуби“ (Изреки 3:11, 12). Кога слушачот понизно го прифаќа и го применува советот, тоа е како да се украсува со обетка од злато. Токму како што вели вдахновената библиска изрека: „Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил разум; подобро е да ја добиеме неа, отколку ризници со сребро и злато“ (Изреки 3:13, 14).