Бессони ноќи кои биле корисни
ДУРИ и царевите имаат бессони ноќи. Еден моќен персиски владетел од петтиот век пр. н. е., Артаксеркс, доживеал една таква ноќ. Можеби мислејќи дека занемарил некоја должност, тој дал да му се прочитаат кралските записи. Дознал дека еден верен слуга, Мардохеј, спречил една атентаторска завера, но дека не бил награден. Артаксеркс решил веднаш да го исправи овој пропуст. Корисните резултати од неговите постапки врз Божјиот народ покажуваат дека несоницата на царот била божествено предизвикана (Естира 6:1—10).
Собранието на Јеховините сведоци во јужноафриканскиот крајбрежен град Херманус имаше причина да се сети на овој дел од Библијата. Тие обичаваа да се состануваат во една изнајмена сала. Многу години се обидуваа да купат имот за да изградат своја сопствена Сала на Царството. Конечно, во 1991, градскиот совет им понуди еден првокласен плац.
Меѓутоа, некои се спротивставија на тоа овој плац да им биде продаден на Јеховини сведоци. После едно одолговлекување од неколку месеци, собранието беше информирано дека врз продажбата на имот на цркви бил ставен тригодишен мораториум и понудата на земјиштето беше повлечена. Во мај 1993, собранието повторно пиша, замолувајќи го советот повторно да ја разгледа својата одлука. Како одговор добија писмо од една реченица, наведувајќи дека мораториумот сѐ уште е важечки.
Во октомври таа година, една од градските советнички имала бессона ноќ. Времето го минувала листајќи низ старите записници на советот за да види дали на некои работи им е потребно внимание. Вниманието ѝ го пленило писмото напишано од Сведоците, замолувајќи го советот повторно да ја разгледа својата одлука. Така, одлучила таа работа да ја стави на дневниот ред за нивниот нареден состанок. Сакала да истакне дека Јеховините сведоци се пријавиле за земјиште пред да биде ставен мораториумот врз имотот за црквите.
Со текот на времето, на собранието му бил доделен истиот имот што првобитно му бил понуден во 1991! Тој се наоѓа на главниот пат, лесно достапен за собраниските членови и за заинтересираните лица. Тие изградија една убава Сала на Царството, која беше свечено отворена на 5 октомври 1996.
Иако собранието жали за неугодноста на советничката од една бессона ноќ, таа може да биде утешена од фактот дека дури и царот Артаксеркс имал една таква ноќ. А исходот во обата случаја бил корисен. Собранието во Херманус сигурно е крајно благодарно што има своја сопствена Сала на Царството, центар за чистото обожавање и теократското обучување во овој популарен крајбрежен град (Евреите 10:24, 25).