Објавителите на Царството известуваат
Очистувачката моќ на Божјата Реч
СЕ ИЗВЕСТУВА дека повеќето зависници од дрога им се враќаат на своите навики после отпуштањето од центрите за рехабилитација. Но, Божјата Реч може да го постигне она што клиниките обично не успеваат (Евреите 4:12). Божјата Реч и дух им помогнале на мнозина да ја совладаат зависноста од дрога и да го применат советот: „Да се очистиме од секаква скверност на телото и на духот, па да твориме дела свети и со страв Божји“ (2. Коринтјаните 7:1).
Тоа е покажано со пример од едно искуство од Мјанмар. Еден човек, кој долги години се борел со зависноста од дрога, раскажува: „Станав зависник од дрога уште во моите тинејџерски години. Многупати се обидував да се ослободам, но не можев. За да ја поддржувам мојата навика да земам дрога, се свртев кон крадење. Како последица од тоа, во 1988 бев испратен в затвор на една година.
После моето пуштање од затвор, повторно почнав да контактирам со поранешните пријатели. Кратко потоа, ѝ се вратив на навиката да земам дрога. Овој самоуништувачки правец ги доведе членовите на семејството до тоа да прекинат секакво дружење со мене. Освен тоа, мојот бунтовен став предизвика мнозина во општината да се плашат од мене, па почнаа да ме избегнуваат.
Тогаш, еден ден се случи неизбежното — пострадав од преголема доза дрога. Бев вратен в затвор, овојпат на три години. Иако животот во затворот беше многу суров, некако успеав да преживеам.
Откако се вратив дома од затворот, го замолив моето семејство да ми прости за минатите грешки. Тие милостиво ме примија назад, но повторно пријателите ме наведоа да им се вратам на моите поранешни патишта.
Најпосле, баба ми му препорача на еден локален пастор да посетувам извесна библиска школа. Пасторот се согласи. Меѓутоа, пред да почнам да присуствувам, тетка ми која е Јеховин сведок рече дека, ако навистина сакам да ја запознаам Библијата, треба да проучувам со Сведоците.
Отидов во Салата на Царството и бев запознаен со еден човек кој се согласи да ја проучува Библијата со мене. Многу присутни срдечно ме поздравија и направија да се чувствувам добредојден.
Откако почнав да ја проучувам Библијата и да присуствувам на христијанските состаноци, копнежот по дрога беше заменет со желба да му се приближам на Бог. По една година, напредував до точката да му го предадам својот живот на Јехова Бог, и тоа предание го симболизирав со крштавање во вода.
Неодамна, додека одев од куќа до куќа, сретнав еден од моите поранешни нарко-колеги. Тој не можеше да го сфати мојот драматичен пресврт. Тоа ја отвори вратата за сведоштво, и бев во можност да му зборувам за надежта во Царството.
Најпосле, пронајдов вистинска цел и значење во животот. Благодарение на Божјата помош и советот од неговата Реч, сега сум во можност да им помагам на другите да се куртулат од деморализирачката навика на злоупотреба на дрога“.