Сузбивање на лажните обвиненија во Франција
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ во Франција неодамна беа цел на еден порој од лажни обвиненија. Искористувајќи ги трагичните настани во кои беа вклучени религиозни култови во Европа и во Јапонија, медиумите раширија искривени информации во врска со Сведоците. Тие беа погрешно прикажани како еден од најголемите и најопасните култови.
Во обидот да ги исправат работите, Јеховините сведоци издадоа еден трактат кој одговори на такви прашања како што се: Кои се Јеховините сведоци? Дали се христијани? Дали прифаќаат медицинска нега? Зошто одат од врата до врата? Како се финансира нивното дело? На кој начин Јеховините сведоци му користат на општеството?
Информативниот трактат на француски јазик беше со наслов Јеховини сведоци — Што треба да знаете. Со цел да го остават трактатот кај што е можно повеќе луѓе, беше организирана кампања. Од 13 мај до 9 јуни 1996 година, беа дистрибуирани над девет милиони примероци.
Овој трактат импресионира мнозина, вклучувајќи и јавни службеници. „Критиката упатена против Јеховините сведоци, ме исполнува со индигнација“ — напишал еден регионален советник откако го прочитал трактатот. „Секогаш одново сум го ценел добронамерниот и несебичен карактер на вашето дело.“ Како одговор на трактатот, еден член на Европскиот парламент напишал: „Повеќето луѓе умеат многу добро да прават разлика помеѓу групата христијани, во која спаѓате вие, и култовите“.
Во Бретања, еден Сведок му го презентирал трактатот на еден свештеник, кој спремно го прифатил. „Ве пофалувам за она што го правите“ — рекол свештеникот. Потоа додал: „Јас ги охрабрувам моите парохијани да ве пуштаат во своите домови и да ви понудат шолја кафе. На оние кои ги среќавате можете да им кажете дека сте биле дури и во мојот дом. Исто така, сакам да ви кажам дека уживам да ги читам вашите публикации“.
Откако го добил трактатот, еден протестант од Алзас пишал до Watch Tower Society, барајќи библиска студија. „Поради тоа што изгубив секаква доверба во мојата парохија“ — напишал тој — „во духовен поглед со радост очекувам нов почеток.“ И покрај лажните обвиненија што понекогаш се упатени против нив, Јеховините сведоци во Франција — всушност, во сите делови од светот — продолжуваат да им помагаат на луѓето да дојдат до точно спознание за Божјите намери, како што се изложени во Библијата (2. Тимотеј 3:16, 17).