Објавителите на Царството известуваат
Достигнување на сите видови луѓе со вистината
АПОСТОЛ Павле бил ревносен објавител на Божјето Царство. Тој не дозволувал противењето да му попречи во неговиот налог да го проповеда ‚Евангелието‘ (1. Коринтјаните 9:16; Дела 13:50—52). Павле ги поттикнувал и другите да го следат неговиот пример (1. Коринтјаните 11:1).
Јеховините сведоци се познати ширум светот по своите одлучни напори да проповедаат. Всушност, тие им зборуваат на другите и во „погодно време“ и во „невреме“ за да го исполнат своето дело да ‚прават ученици‘, а кое им е заповедано од Бог (2. Тимотеј 4:2; Матеј 28:19, 20, НС). Дури и во земјите каде што доживуваат противење, лицата со чесни срца се достигнуваат со крајно важната порака за Божјето Царство, како што покажуваат следниве искуства.
◻ На еден остров во западниот Пацифик, каде што делото на Јеховините сведоци е под забрана, едно 12-годишно момче увидело дека е опкружено со лоши другари в училиште. Многумина од неговите соученици редовно пушеле цигари, читале порнографска литература, ги вознемирувале наставниците и учествувале во тепачки. Ситуацијата станала толку лоша што момчето го замолило својот татко ако може да го префрли во друго училиште. Меѓутоа, таткото го наговарал својот син да се откаже од таквата идеја, бидејќи мислел дека однесувањето на учениците во останатите училишта во близината не би било ништо поинакво. Сепак, што да стори за да му помогне на својот син?
Таткото се сетил дека во куќата има една книга за млади. Таа била подарок од некој роднина кој бил Јеховин сведок. Затоа, ја побарал книгата и, штом ја нашол, му ја дал на синот. Таа имала наслов Questions Young People Ask—Answers That Work (Младите прашуваат — Делотворни одговори).a Момчето заклучило дека е особено корисно поглавјето „Како можам да излезам накрај со притисокот од врсниците?“ Тоа не само што го поучило дека е важно да задржи самопочитување туку го поучило и на кој начин тактично да рече „не“ кога другите настојувале да го стават под притисок да следи некој немудар правец. Применувајќи ги библиските начела што се наоѓаат во книгата, младичот научил како успешно да излегува накрај со притисокот од врсниците.
Забележувајќи ги овие како и други позитивни промени кај својот син, таткото решил да ја прочита книгата. Импресиониран од практичните совети што се наоѓаат во книгата, таткото ги замолил Јеховините сведоци за домашна библиска студија. Подоцна, останатите членови на неговото семејство му се придружиле во студијата. Со каков резултат? Момчето, неговиот помлад брат, татко му, дедо му и баба му сега се Јеховини сведоци.
◻ Во истата земја, двајца Јеховини сведоци биле затворени поради нивната цврста послушност на библиските начела. Меѓутоа, тие не дозволиле нивната ситуација да ги спречи да зборуваат смело за Божјето Царство. Му пристапиле на еден затворски службеник и добиле дозвола таму да ја прослават Господовата вечера. Колку само среќни биле тие кога 14 затвореници изразиле интерес за Библијата и им се придружиле на Сведоците на овој важен настан! После нивното пуштање од затвор, некои од нив продолжиле да ја проучуваат Библијата и да се дружат со Јеховините сведоци.
Во преку 25 земји, Јеховините сведоци страдаат како последица на забрани или разни видови противење или прогонство. Меѓутоа, како апостолите, тие продолжуваат ‚без престан да поучуваат и да го проповедаат Евангелието за Исуса Христа‘ (Дела 5:42).
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.